Душата бара тишина, а духот го бара Бога
Ете така, си љубам да си ги запишувам мислите. Не знам точно зошто. Можеби затоа што ми остана неостварена желбата да бидам новинар, можеби затоа што отсекогаш сум сакал многу да читам, а можеби едноставно затоа што човек понекогаш има потреба да го извади од себе сето она што го носи. Да го претвори во зборови, да му даде некаков облик и, барем малку, да си ја растовари душата
.Иако, некогаш си мислам дека можеби е подобро некои мисли да си ги задржиме за себе. Не мора баш сè да се каже, да се запише, да се фотографира или да се сподели со другите. Некои мигови можеби се толку убави токму затоа што остануваат само наши.
Се сеќавам на едно патување во манастирот Тумане. Додека траеше службата надвор од манастирот, воздигнат од целата атмосфера, од молитвата и од она посебно чувство што човек понекогаш го обзема на такви места, почнав да сликам делови од службата.
Литургијата се пренесуваше преку микрофон и, во еден момент, ме пресече гласот на свештеникот пред некои петстотини верници:„Па, не мора баш сè да сликате. Може нешто да си оставите и за срцето.“Леле! Се посрамив, се презноив.Гледав околу и сфатив дека само јас сум со телефон во рака😂
Се повлеков до сопругата и ја прашав:
„Го слушна ли свештеникот?“
„Да!“, ми одговори.
„Е па, за мене зборува“, ѝ велам.
И навистина, во тој момент имав чувство дека човекот ми се обраќа лично мене, среде сите оние луѓе..срам невиден😄
Е сега, скрушеноста не ми траеше којзнае колку долго. Можеби еден ден ме држеше тој муабет, можеби два, и потоа повторно си продолжив по старо — и да сликам, и да пишувам. Некогаш потребно, некогаш непотребно. Очигледно, некои лекции ги разбираме веднаш, ама ни треба малку повеќе време за да ги усвоиме. 😄
Но реченицата остана некаде во мене
.„Може нешто да си оставите и за срцето.“
И денес, кога ќе размислам за неа, си велам колку сме само ненаситни ние луѓето. Колку често веруваме дека без она што сме го замислиле, посакале или наумиле, ќе бидеме вечно несреќни.

Постојано нешто ни недостига, нешто бркаме, нешто чекаме. Како среќата секогаш да е некаде пред нас, зад следната желба, зад следното достигнување, зад некоја нова животна околност.
А кога конечно ќе стигнеме до она што сме го посакувале, многу брзо се навикнуваме на него и веќе почнуваме да посакуваме нешто друго.
Порано и јас бев речиси избезумен од помислата дека еден ден би можел да живеам некаде повлечено, настрана од сета оваа врева, во некое мало местенце, со едноставни животни навики и скромни потреби. Ми се чинеше дека таму некаде, далеку од секојдневната трка, од обврските и од луѓето, нема да го најдам она што постојано ми недостасува.
Денес сè повеќе сфаќам дека можеби не е до местото. Или, барем, не е само до местото.
Зашто човек може да избега од градот, а да си ја понесе целата врева во себе. Може да живее во најубавата природа, да гледа во планини, реки и бескрајни хоризонти, а повторно да биде немирен и незадоволен. Може да има сè што некогаш посакувал, а да не знае како да се израдува на она што веќе го има.
Сега сè повеќе ми се чини дека на човек му треба многу помалку отколку што самиот си замислува. Не дека треба да се откажеме од убавините на овој свет, од желбите, од патувањата, од удобноста и од потребата да бидеме среќни. Напротив. Но постои разлика меѓу тоа да уживаш во она што го имаш и да веруваш дека дури кога ќе го добиеш она што го немаш, конечно ќе бидеш среќен.
Ниедно место, ниедна облека, ниедна храна, колку и да се убави, не можат сами по себе да ти го нахранат духот и да ти ја смират душата. Можат да ти го разубават животот, но не можат да ја исполнат онаа најдлабока празнина во човекот.
Душата бара тишина, а духот го бара Бога.
И ако не го пронајде она кон што вистински тежнее, човекот продолжува да трага меѓу распадливите нешта на овој свет. Во материјалното, во успехот, во признанијата, во постојаното стекнување и докажување. Менува места, околности и желби, а никако да го пронајде мирот што го бара.
Можеби проблемот не е во тоа што ги сакаме земните нешта, туку во тоа што понекогаш очекуваме од нив да ни го дадат она што само по себе не можат да ни го дадат.
И така, полека почнувам да сфаќам дека задоволството од животот многу често се крие во некои мали, обични нешта. Во еден убав поглед кон хоризонтот, во цветче што никнало некаде покрај патот, во една средба, во мирисот на утрото, во тишината по дождот или во едно обично пиперче од градината.
Да, баш пиперче! 😂
Нешто што за некого е сосема обично, за друг може да биде вистинска радост. Особено кога ќе научиш да го гледаш со благодарност, а не како нешто што се подразбира.
И најубавото е што не мора постојано да бараме нови нешта за да се радуваме. Можеме одново да ги сакаме истите места, истите луѓе, истите глетки и истите мали животни ритуали. Само треба да не дозволиме навиката да ни го одземе чувството на восхит.Да го погледнеме истиот хоризонт како првпат.
Да се израдуваме на истото цветче како да сме го откриле денес. Да ја почувствуваме повторно убавината на еден обичен ден, без да очекуваме од него да ни донесе нешто спектакуларно.
Можеби зрелоста и не е во тоа постојано да откриваш нешто ново, туку да научиш одново да го гледаш она што веќе го имаш. Да умееш да му се радуваш на познатото како да го гледаш за првпат. Да не ти здосади она што го сакаш само затоа што ти е секојдневно и блиско.
Зашто, можеби, не ни недостигаат секогаш нови нешта. Понекогаш ни недостигаат само нови очи за старите нешта.
И ете, можеби свештеникот во Тумане ми одржа една кратка, ненамерна лекција што ја паметам подолго од многу прочитани книги.
Не мора баш сè да сликаме. Не мора сè да запишеме. Не мора сè да споделиме. Некои мигови нека останат само наши. Нека си најдат место во срцето, без фотографија, без објаснување и без потреба некој друг да ги види.
Ама, од друга страна, ако веќе сме научиле да му се радуваме на истото цветче, на истиот хоризонт и на истото пиперче како да ги гледаме за првпат, тогаш не гледам зошто да не ги сликаме повторно и повторно! 😂📸
Важно е само да не заборавиме да ги погледнеме и без фотоапаратот.
Зашто, на крајот на денот, не е најважно колку убави нешта сме виделе, колку фотографии сме направиле или колку спомени сме зачувале.
Најважно е колку од сето тоа навистина сме доживеале, колку сме го примиле во себе и колку сме му дозволиле да ни го разубави срцето.🤗📿 /
м-р Симеон Стефковски
11.10.2026


























