Ајде кажете му денес на едно дете кое се вратило од училиште, се пресоблекло и седнало да јаде: „Леле, заборавив, немаме леб! Ајде да купиш! Облечи се и оди!“ Детето многу тешко ќе го прими тоа. Повеќето деца ќе речат: „Сè јас сум жртвата дома. Правите со мене што сакате. Не го терате брат ми да отиде, туку сè мене!“
За жал, егоизмот уште од мала возраст влегува во нас. Ако се ослободиме од егоизмот, ќе се успокоиме од сите животни проблеми и повеќе нема да постојат проблеми во светот, зашто најголемиот проблем е нашата гордост. Па така, ако се ослободиме од неа, ќе се успокоиме.
Смирението на нашиот Бог, Исус Христос – пример за стекнување на нашето смирение
И помнете го ова: Ќе страдаме додека не се смириме. Ако се смириме, тогаш ќе Го видиме Бога, ќе се утешиме и ќе се успокоиме. Во спротивно, никогаш нема да имаме мир и сè нешто ќе ни е виновно. Тоа многу убаво го кажува св. Никодим Светогорец во епилогот на неговиот „Нов Мартиролог“ – Светиите ги победиле своите страсти, својата немоќ, се смириле, се покајале и нашле спокој. Така се успокојува човекот. Смирениот е спокоен, па што и да се случи. Тој знае дека неговото место е ниско долу и ако слезе долу, не постои подолу, така што не се плаши дека некој би можел д го симне подолу. Самиот си се снижил, откако се смирил себеси.
А ако слушнеш дека некој човек многу брзо напреднал духовно, да знаеш дека минал преку голема болка и ја примил со смирение, без да ропта. Тоа е тајната на успехот. Многу помага и тоа да мислиме на нашите стари гревови за да се смириме. Некои не биле христијани од деца. Знам некои луѓе кои кога ќе ме видат ми велат:
– Отче, да знаете како живеев и како Бог ме избави! Возев такси и само да видевте каков бев и што сè не правев! Вршев неправди, правев страшни гревови…
Не ги кажуваше овие работи како исповед туку едноставно кажуваше како Бог го избавил од неговото минато! Тоа помага да се смириш. Да ме беше оставил Бог, ќе загинев! Други, пак, мислат за Христовите страдања и се смируваат, мислат на Неговиот Крст, на трновиот венец и велат: Како пред помислата за Господовите страдања можам воопшто да имам егоизам? И се смируваш. Други се смируваат од помислата за нивните секојдневни гревови. А ако ништо од сето тоа не дејствува, ќе дојде нешто кое обично дејствува на сите. Што е тоа? Искушенијата и болестите. Кога ќе се разболиш, сакаш – не сакаш ќе се смириш. Ракот го смирува и најжестокиот човек. Нема човек болен од рак или од некоја тешка и долга болест, кој не се смирил. Кога телото ти се топи, душата се очистува и егоизмот исчезнува.
Знам луѓе кои беа жестоки и не даваа збор да им се каже, а кога се разболеа и паднаа на постела, синот ќе им дадеше малку вода и тие му велеа: „Многу ти благодарам, дете мое“. А до тогаш секогаш наредувале: „Донеси го тоа! Направи го ова! Оди таму! Ела овде!“Само заповеди, а сега како јагненце. Болеста ги смири.
Бог да нè пази од такви нешта, но понекогаш за да нè спаси, Бог ќе ја занемарува болката што извесно време ја чувствуваме, зашто вели: „Ако ја тргнам, нема да се избави од егоизмот. Затоа треба да почувствува болка“.
Смирението е неисцрпно, како што е неисцрпен и нашиот Бог, Кој е вистински смирен. Ако си го почувствувал благомирисот на мирото што се нарекува смирение и после извесно време некој ќе те пофали и ќе почувствуваш во својата душа дека ти годи, дека се гордееш, немој да се лажеш, велат Отците – ти си во прелест. Немаш смирение. Кога ќе те пофалат и се возгордееш, како што има некои луѓе со образование, со диплома, кои постојано очекуваат нешто убаво да се каже за нив… е таа желба да се зборува за нас ни покажува дека немаме смирение, зашто смирението не бара ништо да се зборува за нас. Пред Бога сите сме едноставни души…
Извор: Бигорски манастир
27.11.2018 лето Господово
Архимандрит Андреј Конанос: Ќе страдаме, сѐ додека не се смириме -IV дел: ...
Архимандрит Андреј Конанос: Ќе страдаме, сѐ додека не се смириме – III дел ...
Архимандрит Андреј Конанос: Ќе страдаме, сѐ додека не се смириме – II дел ...
Архимандрит Андреј Конанос: Ќе страдаме, сѐ додека не се смириме – I дел ...