Ваше Високопреосвештенство, почитувани отци, колеги и гости!
Пред да започнам со презентирањето на пред нас изложеното дело „Пејач на покајанието“, најпрво би сакал да ја изразам мојата благодарност кон Неговото Високопресвештество, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, за доверената чест и благослов, денес пред вас да го промовирам неговото дело - зборник „Пејач на покајанието“, чиј што главен и одговорен уредник е лично тој, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, од кого што е направен преводот, обработката и подготвувањето на ова дело, како што воедно и е наведено на самиот почеток од него. Книгата е дело на издавачната куќа „Св. Ѓорѓи Полошки“ при Повардарската епархија, и во неа во размерот на 237 страници преку напишаните проповеди се пее за покајанието, кое што треба да го подготви нашиот дух и тело за што подостојно дочекување на најголемиот настан од животот на Христовата Црква – Воскресението Христово!
Sample Image
Во нашата Македонска православна црква се напишани и преведени многу дела, во кои што се разработени проповеди на разни теми и за најразлични периоди од годишниот богослужбен циклус, кои што го следат оној карактеристичен и традиционален начин на проповедање врз база на толкување и разјаснување на евангелските текстови кои што се читаат по време на светите богослужби, а особено по време на Светата Литургија. Причината поради која што ова дело денес го заслужува нашето внимание, е тоа што, во него се надминува таа традиционалност и се сретнуваат проповеди, кои што се направени врз база на егзегетско толкување на апостолските четива, богослужбени стихири и текстови кои што пленуваат со нивната прекрасна боговдахновена содржина и ја разнежнуваат нашата нежна и повредена од гревот христијанска душа, и нè преобразуваат телом у духом, за да можеме што подостојно да го внесеме Самиот Христос во нашето срце. Во рамките на тие 237 страници се опфатени вкупно 50 проповеди, почнувајќи од неделата на Митарот и фарисејот, па завршувајќи со проповедите за Велика Сабота. Централна тема на делото претставуваат 11-те проповеди напишани за Великиот канон на св. Андреј Критски, кој се чита целиот во четврток на утрената од Петтата великопосна седмица, а одредени делови се читаат во понеделник, вторник, среда и четврток во Првата великопосна седмица, на Великото повечерие, кои се инспирирани пред сè од прекрасната и богата содржина на самиот канон, кои што пленуваат со нивните прекрасни изразни сретства, богословие, стил на изразување и композициската умешност на самиот автор со која тој пишува. Во овие проповеди, а и во сите останати, можеме да забележме, како на еден многу вешт ораторски начин е направен еден прекрасен сплет помеѓу традиционалното и современото во самата Црква т.е. сплет помеѓу традиционалното светоотечко богословие од една страна и современото од друга, кое што се разбира дека се темели врз база на светоотечкото. Сите проповеди изобилуваат со примери од проповедничкото и ораторско искуство на едни од најголемите авторитети на Црквата како: св. Јован Златоуст, св. Василиј Велики, св. Јован Лествичник, преп. Макариј Велики, преп. Антониј Велики, блажени Августин, преп. Пимен Велики, св. м-чка Перпетуа, преп. Серафим Саровски, св. Јован Кронштатски, св. Тихон Задонски, преп. Јован Саваитски, митр. Филарет Московски, протопрез. Гоергиј Јованович Шавелски, Иван Сергеевич Тургењев, и многу други личности од животот на Црквата за чиј што авторитет нашите зборови би биле ништожни. Читајќи го целото ова дело, од неговата содржина добиваме впечаток, како да читаме дело – учебник, од областа на христијанската етика, бидејќи буквално кажано, нема аспект од христијанскиот живот, кој што да не е опфатен од страна на авторот, кој како да има за цел како вистински пастир да нè пробуди од онаа заспана во гревот наша состојба, и преку тоа да нè подтикне на една повозвишена моралност, која што е од големо значење за нас христијаните за исполнувањето на внатрешната и суштинска страна на постот, за која велиме дека е суштинска, бидејќи добро знаеме, дека постот не е само и просто еден начин на исхрана, кој Црквата го пропишала да биде спазуван во одреден временски период од годината, бидејќи добро знаеме дека она што Бог го бара од нас не само по време на постот, а и преку целиот наш живот е ништо друго, а само и единствено едно срце понизно и смирено, кое Он никогаш нема да го отфрли. И фарисеите, садукеите и книжниците беа оние кои што во целост ја запазуваа буквата на законот цврсто држејќи се за неа, но бидејќи нивната душа и покрај сè остануваше заспана во гревот, кога дојде Христос тие не го препознаа и го распнаа. Доколку и ние денес нашиот живот во Црквата го сведеме само и единствено до исполнување на некои законски норми и прописи, без притоа да успееме да го унизиме и смириме нашето срце, а преку тоа и внатрешно да се преобразиме, да си го поставиме прашањето, по што ли би се разликувале од сите нив? Дури би рекол дека по тој начин би западнале и во една полоша состојба од нив, бидејќи ние го препознавме Христос, но не го пуштивме да влезе во нашите срца. Главната целенасочена мисла која што многукратно се повторува низ повеќето проповеди, а која како што можете да видите е напишана и на корицата на оваа книга е првиот дел т.е. почетните реченици од кондакот од Великиот конон на св. Андреј Критски: „Душо моја, душо моја! Стани! Зошто спиеш? Крајот се приближува, ќе се збуниш. Затоа разбуди се, за да те поштеди Христос Бог, Кој е насекаде и сè исполнува“ (гл. 6). Тоа е едно време – како што вели авторот (стр. 33) - кога веќе Црквата навлегува во благодатното црковно време на светата Велика Четириесетница – време на поусрдна молитва, позасилен пост и подлабоко покајание, кое ќе произлегува од нашата душа и срце. Целиот храм и богослужение како што вели авторот уште во предговорот, во тој период се променети. Богослужебните одејанија и светлите завеси се заменети со црни, за да нè потсетат, дека тоа се денови на духовно обновување и срдечна сокрушеност, денови на солзи и плачење за нашите гревови. Кон тоа нè упатуваат и умилителните великопосни химни и молитви, проследени со многу покајни чувства. Целиот канон е даден во една диалошка своевидна форма на разговор од една страна помеѓу авторот и Бога, а од друга помеѓу покајниот пејач и неговата душа. Сите негови слова и мисли можеме да ги сумираме во тоа, дека колку повеќе пејачот е смирен во однесувањето кон Бога, толку повеќе тој е строг и беспоштеден кон себе си. Всушност целиот негов канон се темели од една основна идеја: потребата од покајание, кое всушност е основна идеја и во целото христијанство. Зборот покајание потекнува од грчкиот термин „μετάνοια“, кој што во буквален превод значи преумување или промена на умот. Оттука се доаѓа до заклучок дека зборот: „Покајте се!“ – првиот збор со кој што Светото Евангелие се обраќа кон човештвото, значи: преумете се, променете го умот. Според светоотечкото толкување под зборот „ум“, не се подразбира само човечкиот разум и неговиот начин на размислување од една чисто надворешна гледна точка, а се подразбираат сите сили на човечкото битие собрани заедно т.е. целиот човек. Според тоа призивот за покајание е призив за промена на целото психосоматско битие на човекот, призив за еден нов живот во Христа. Во проповедите за Првата седмица од Великиот пост, авторот зборува за пет вида на покајание. Првиот начин е исповедта, т.е. осознавањето и признавањето на гревовите, кое е најлесниот начин за покајание. Вториот е плачот и сокрушеноста за гревовите. Св. Јован Златоуст вели: „Од нас не се бара да ја измериме длабочината на морето, ниту да патуваме по далечни и пусти места, ниту да трошиме пари, ниту пак да се бориме со суровите морски бранови. Од нас се бара само едно: да плачеме за своите гревови, и тие ќе ни бидат простени“ (Среда од првата недела од Великиот пост – стр. 97). Третиот и четвртиот е милостината и смирението, за кое што најдобар пример имаме во параболата за Митарот и фарисејот, на која што е посветена првата проповед од ова дело. Св. Јован Златоуст вели: „Милостињата, е царица на добродетелите. Таа е посветла и од сонцето и од ѕвездите“ (стр. 101). И петиот начин е молитвата. Во проповедта посветена на молитвата се вели: „Молитвата е најудобниот начин за покајание. Тука не се бара плач, солзи, признавање на гревот пред луѓето, ниту пак правење милостиња. Потребно е само едно: да се молиме, Бог да ни ги прости гревовите. Нема полесен и поубав начин од тоа за грешната душа!“ (стр. 103).
Сите овие начини на покајание, треба да ја водат христијанската душа кон светата тајна покајание или исповед, за која што исто така авторот проповеда во ова дело. Таа е голема тајна која го преродува и обоновува човекот. Основа на исповедта е осознавањето на гревовите, бидејќи само доколку ги осознаеме и ќе се покаеме. Покајанието е основа на исповедта, очистување на гревовите, ветување пред Бога, дека ќе се откажеме од гревовите, и ќе водиме нов праведен живот. „Ако не се покаете, им рекол Господ Исус Христос на јудеите, сите ќе изгинете“ (Лука 13, 3). Црквата е должна да ги посочува, изобличува и да дава поуки за тоа како христијанинот да ги избегнува и надминува гревовите, кои што сите до еден се погубни за нашата душа. Токму затоа и наредните девет проповеди авторот ги посветува на смртните и гревовите против Светиот Дух, или нажалост гревовите од кои што најмногу боледуваат чедата на нашата Црква. Тие се: гордоста, која е одрекување од Бога, понижување на човекот, мајка на осудувањето, корен на хулењата, потпора на злото и т.н.; среброљубието, кое е ќерка на неверието; блудот, кој го осквернува телото и духот и го оддалечува Светиот Дух од човекот; стомакоугодието, кое авторот го споредува со идолопоклониците кои се поклонувале на бездушните предмети и идоли како на богови (стр. 120); зависта, која е семе од која никнуваат сите зла и е тага за душата; гневот, од кој што произлегуваат сите лоши мисли, зборови и дела; и мрзеливоста, која е мајка на сите пороци и најмногу пречи да се погрижиме за спасението на душата. Посебно внимание посветува авторот и во неговата проповед на Гревовите против Светиот Дух, бидејќи како што вели Христос: „секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето“ (Мат. 12, 31).
Во Словото за Крстопоклоната Недела, авторот ги толкува зборовите на Христос: „Кој сака да врви по Мене нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Марко 8, 34). Таа заповед бара од нас да се отфрлиме себе си, т.е. да се откажеме од своето себељубие, од сите гревовни страсти и сите гревовни дела и воопшто од својата волја, беспрекорно потчинувајќи на Божјата волја. Таа исто така, бара да го земеме својот крст, т.е. трпеливо и покорно да ги носиме тешките трудови на себеисправување и на себеусовршување, трудови, кои се поврзани со сите наши обврски, лишувања, таги, несреќи – воопшто со сето тоа што ќе ни го прати Божјата промисла. Понатаму, заповедта изискува да Го следиме Христос, т.е. ние да го љубиме Христовото учење и Христовиот закон и својот живот да го живееме според примерот на Неговиот живот, во духот на себежртвуваната љубов (стр. 162).
Само и единствено доколку внимаваме на сите овие претпазни знаци ќе можеме навистина „со страв Божји, вера и љубов да пристапиме“ кон Светата тајна Евхаристија, која што претставува крајна цел на сите потготвителни претпазувачки слова, за кои што се зборува низ сите проповеди на ова дело. Само со помош на Телото и Крвта Христови се осветува душата која што се покајала. Според учењето на светата Црква, Евхаристијата е оган. Оние кои пристапуваат достојно или поточно кажано подготвени, тој оган ги гори трњето на гревот, ја очистува душата, ги осветлува помислите, ги просветува сите чувства и ги запазува од многу душепогубни зборови и дела; Светата Причест е храна и лекарство која ги лекува сите душевни слабости, ја смирува бурата на страстите, побудува кон свети помисли, ја укрепува душата и ги пази нејзините сили. Св. ап. Павле вели: „човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша“ (1. Кор. 11, 28).
Бог не е само Творец на светот и на човекот, но е и негов Спасител. Од љубов го создава, од љубов и го спасува. „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3, 16). Последните проповеди од ова дело се посветени на сè она кое Христос го претрпе заради нас луѓето и заради нашето спасение. За трнливиот крстен пат, каков што никој никогаш не поминал и никој никогаш нема да помине, затоа што за тој пат ниту еден човек нема сила. Он претпел такви ужасни страдања, што при секое наше потсетување за нив почнуваме да трепериме. Токму таа тежина на тие страдања Христови нè учат нас како да се молиме со вера и сила, дури и во најтешките мигови од нашиот живот. Тие проповеди ни припомнуваат за камшикувањата, удирањата шлаканици по образ, плукањата, удирањето со трска по глава, ставањето на трновиот венец, на раните од клинците на рацете и нозете, неиздржливото висење на крстот, жедта, прободеното ребро и сите останати настани од Спасителовиот домострој кои прават кај речиси сите нас маловерни во одреден миг да го почувствуваме бесот на св. ап. Петар со кој што му го отсече увото на слугата Малх на првосвештеникот кон мачителите, и стравот со кој што тој се одрече од Христа иако беше еден од Неговите најблиски ученици, но истовремено да го согледаме и почувствуваме и покајанието и трепетот на неговото срце заради стореното, кое траеше до крајот на неговиот живот. Велам маловерни, затоа што сите ние добро знамеме што му рече Христос на истиот тој апостол, кога тој се обиде да го разубеди Христос да не оди во Ерусалим, плашејќи се да не пострада, мислејќи како и ние не за она што е Божјо, а за она што е човечко (Мат. 16, 22-23). Имајќи го сето ова во предвид, не ни останува ништо друго освен да се молиме на Бога да ни дарува благоразумност како на разбојникот на крстот, кој во последниот миг од неговиот живот, благодарение на неговото покајание стана човекот кој прв и уште истиот тој ден влезе во Царството Небесно.
На крајот, авторот ни припомнува, спомнувајќи си за Христовото слегување во адот и избавувањето на сите старозаветни праведници и самата победа над адот, да се радуваме, бидејќи во тој миг го славиме умртвувањето на смртта, разрушувањето на адот и почетокот на вечниот живот. Ние сме должни секогаш да се радуваме во Господа, затоа што Христос е наша надеж – и во овој земен живот, и во Вечниот Живот, според Неговото вистинско ветување: „Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Мат. 28, 20).
Колку и да зборуваме за овие теми и настани и колку и проповеди и да бидат напишани, нашите слова секогаш ќе бидат недоволни и ништожни за да го искажат сето она кое што Црквата се труди да ни го пренесе како порака и цел за нашиот живот преку сите тие евангелски четива, слова и богослужбени текстови. Преку овие неколку слова, се надевам дека успеав да ја доловам основната мисла и замисла на авторот во ова и за ова дело, та доколку успеав да го привлечам и вашето внимание, би сакал да ја искористам оваа прилика најдобросрдечно и со целото мое срце да ви препорачам ова дело да ја збогати вашата домашна библиотека, а преку неговото читање да се нахраните со душеполезни мисли и слова заради нас и нашето спасение. Амин!
Со смирение и почит:
о. м-р Дарко Милев