Педесет деца на загинати бранители, деца без родители, деца македонски богослови, студенти на Теолошкиот факултет во Скопје и членови на Детската амбасада за сите деца во светот во почетокот на март ќе го посетат Израел и светиот град Ерусалим.
Патувањето го организира Детската амбасада за сите деца во светот со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и со поддршка од Комисијата за прашања на верските заедници и религиозни групи на Македонија. Генерален спонзор е Агенцијата за млади и спорт. Претстојната посета на Ерусалим, ќе се оствари под мотото „Каде што почнува светот со граници таму завршува нашето детство“. Децата ќе ги поминат државните граници без патни исправи и ќе бидат легитимирани преку членски легитимации на Детската амбасада за сите деца во светот.
Теологот Далибор Китановски на прес-конференцијата истакна дека групата ќе ги посети знаменитостите во Ерусалим - Ѕидот на плачот, Патот на солзите, Крвната нива, Ерусалимската порта, Голгота, Базиликата Светиот гроб, Џамијата Ал Акса, Црквата на воскресението, како и Витлеем, Ерихон, Мртвото Море, реката Јордан и стариот град Јафа.
- Со тоа ќе ги видиме и доживееме сите оние места и случувања кои се опишани во Стариот и во Новиот завет. Не треба секогаш да им зборувате на децата за љубов и за верата, некогаш тоа е доволно само да го доживеат, а тоа е поголемо и од зборот. На крајот од патувањето сите учесници ќе добијат сертификат потпишан од Ерусалимскиот патријарх Теофил Трети, рече Китановски.
Со одобрение на семејството на Тоше Проески кое го пренесе неговиот другар Петар Здравески, и по негова желба децата на Гробот на Исус Христос ќе положат маички со ликот на Тоше и осветени ќе си ги земат. По враќањето делегација предводена од Детската амбасада ќе го посети домот на Проески и вечното почивалиште на Тоше.
Извор: МИА