логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

TViTer86

Денес, Црквата си спомнува за Страшниот (конечниот) Суд, кој ќе биде и последниот настан во овој свет каков што го знаеме, а воедно ќе означи и крај на времето и историјата, но исто така, и ќе се оствари ветувањето на Единородниот Син Божји, Kој се вознесе од нас на Небото и Кој седи оддесно на Бога и Отца, и Којшто ни вети дека повторно ќе дојде на истиот начин.

Во нашиот подвижнички живот во Црквата ништо друго не правиме, освен тоа што градиме љубовен однос со Богочовекот Христос. Црквата е Богочовечка тајна во којашто ја живееме тајната на воплотувањето Христово – вистината дека Бог толку Го возљуби човекот што се поистовети со него, дојде во овој свет воплотувајќи се, стана човек. Меѓутоа, не каков било човек, туку последен од сите, слуга на сите, а нам ни даде можност да станеме богови по благодат.

Животот на постпотопните генерации е исклучително краток. Ние живееме на земјата доволно долго колку да се пројави нашиот избор помеѓу доброто и злото, помеѓу животот и смртта. Треба да избереме дали ќе тргнеме по патот на оличноснување во заедница со Оној од Кого сме создадени и во Чиешто присуство единствено можеме да се оствариме и да живееме како личности, или ќе бидеме дел од светот кој не Го позна и не Го прими Синот Божји, и за жал, до самиот свој крај ќе остане антихристијански. Затоа и живееме во свет којшто од ден на ден сѐ повеќе наликува на пекол. Во вториот случај, тоа е пат на различноснување (деградација на личноста), неспособност за заедничарење, несострадалност и бесчувствителност кон другиот, особено кон човекот што страда, насушна потреба за осаменост и самодоволност.

Она што Богочовекот Христос ни го открива во ова евангелско четиво денес (види: Матеј 25, 31–46), е дека Страшниот Суд, драги мои, нема да биде ништо друго, туку проверка на квалитетот на тие личносни односи. Бог е Личност, и секогаш и Неговиот однос е личносен. Самиот дијалог, и воопшто стапувањето во комуникација и со едните и со другите, а особено со оние од левата страна, е давање можност, уште една можност за поправање на нарушените личносни односи, иако тоа во тој последен миг е речиси невозможно. Подобието е духовна состојба за која е потребно време, подвижнички трудови во трпение и покајание, и дела на милосрдие кон луѓето. Со други зборови, на Последниот суд секој ќе излезе со својата с-личност или не-с-личност со Христос. Гледате, и двете фрази го содржат клучниот збор личност. На крајот, во тој последен миг нема бегање од состојбата којашто станала наша втора природа.

Впрочем, тоа и го гледаме и во оние што стојат од десната, и во оние од левата страна на Судијата.

Дијалогот со оние од левата страна и неговиот исход воопшто не се разликуваат од оној разговор што го водеше Бог со нашите прародители во рајот непосредно после падот. Светите Оци велат дека прашањата што Бог им ги упатува на Адам и Ева во рајот, колку и да наликуваат на прекор, се само поттик и повик за покајание и давање на можност, за во слободата со којашто Бог ги обдарил, да речат: „Прости ни, Господи…“

Тука, во овој дијалог, Оној што е Истиот и вчера, и денес, и во веки, Неизменливиот Бог им вели: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели. Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам, жеден бев и не Ме напоивте, странец бев и не Ме прибравте, болен и во затвор бев и не Ме посетивте“, сакајќи да ги поттикне на покајание.

Го слушнавме нивниот одговор: „Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор, и не Ти послуживме?“ А што можат да одговорат оние што што целиот свој живот сопствената вина ја барале и наоѓале во другите!? Оние на кои самооправдувањето, гордоста и високото мислење за себе им станале втора природа!? Оние кои во луѓето што страдаат не успеале да Го видат и да Го препознаат Христос, освен и тука да го сторат истото, а згора не сѐ, и при последната можност да се спасат, тие избираат да влезат во дрска расправија со Бог и да Го обвинат дека не ја зборува вистината.

Затоа, одете не значи ништо друго, туку почитување на слободата на изборот што го направиле да отидат со оние обезличени личности на кои им станале слични, со ѓаволот и неговите ангели. Великиот отец наш Григориј Палама вели дека Христос намерно вели одете, а не отидете. Зборот одете означува непрестајно дејство. Со други зборови, Христос им вели: „Продолжете да одите по патот по којшто одевте цел живот, штом и сега не сакате да Ме препознаете како ваша крајна цел“. Страшно! Токму поради ова, браќа и сестри, Последниот Суд го нарекуваме страшен.

Бог се поистоветува со секој човек, но најмногу со оние што страдаат во овој свет, оти Самиот Тој одбра да дојде како еден од нив на овој свет, како последен, како сиромашен, како отфрлен од сите, велејќи: „Не дојдов да Ми служат, туку дојдов да послужам за спасението на мнозина“ (види: Матеј 20, 28).

На оние што се од десната страна, Бог им се обраќа со потполно истата формулација на зборови, само овојпат без негација. Тој вели: „Дојдете благословени од Мојот Отец; наследете го Царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти гладен бев и Ми дадовте да јадам, жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Mе примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“.

Видете ги, сега, овие луѓе од десната страна, кои покажуваат само кротост и смирение, и ништо друго. Оние што своите добри дела ги сокривале сиот свој живот од очите на светот, поради кротоста и смирението во кои живеат, како да чувствуваат страв и непријатност пред ангелите и пред другите луѓе, поради пофалбите и праведниот суд за нивниот живот од единствениот Праведен Судија. И, на Страшниот Суд Христов тие не можат да направат ништо друго, освен да се смират, па се обидуваат да ги сокријат своите добри дела, бидејќи така ги учи смирението кое станало нивна втора природа. Затоа и одговараат со истите зборови како и оние од левата страна, сметајќи го за ништо сето тоа што го сториле во својот земен живот. Тие се угледале во сѐ на Богочовекот Христос, и ја исполниле Неговата најпрекрасна заповед во Евангелието: „Угледајте се на Мене, бидејќи Сум кроток и смирен по срце“ (види: Матеј 11, 29).

Затоа Христос им вели дојдете, а не одете. Дојдете благословени и останете, бидејќи Јас бев сѐ во вашиот живот, Ме препознававте во ликот на секој страдален човек, затоа сега и Јас ве познавам. Дојдете и останете, бидејќи јас сум Целта и Крајот на вашето патување.

На Страшниот Суд Христов, мене, лично, не ми е страшна ниту огнената река, ниту пеколот, ниту вечниот „живот“ со демоните и противниците Божји. За мене најстрашни ми се зборовите Христови упатени до десетте неразумни девојки: „Вистина ви велам, не ве познавам“ (Матеј 25, 12).

Како може да не ме познае Оној што ме создал!? Kако може да не ме препознае Оној што ме привел во битие, од ни од што пред тоа постоечко!? Како може да не ме препознае Оној што безброј пати ме кренал кога сум паднал!? Како може да не ме препознае Оној што ми дозволил со години да дишам во овој свет што Он го создал и да го трујам воздухот со своите гревовни мисли, зборови и дела, и трпеливо Го чекал моето обраќање и покајание како таткото на блудниот син.

Немојте да мислите дека Бог како некој инквизитор ќе бара да најде нешто во нас за да нѐ осуди. Тоа не е христијанскиот Бог, и не е Бог Кој ни се открива во Својот Единороден Син и во Евангелието на Својот Син. Тој Го испрати Својот Единороден Син, Кој Самиот се нарекува наш брат, и оние што страдаат ги нарекува Свои браќа, и ние единствено во Него имаме можност да станеме деца Божји.

Ако нешто научивме и сфативме од денешното евангелие за Страшниот Суд, тоа е дека нашиот Отец Небесен ќе бара во секој еден од нас макар и најмала сличност со Својот возљубен Син. Ќе бара да види дека барем во нешто и најмалку сме заличиле на Неговиот Единороден Син. Тоа и значат зборовите: „Дојдете благословени од Мојот Отец…“ На Страшниот Суд ќе се случи само потврдување на личносните односи што сме ги оствариле овде на земјата, во Црквата Христова или надвор од Црквата Божја, во отпаднатиот од Бог свет.

Настан што во историјата непосредно ќе му претходи на доаѓањето Христово и на Страшниот Суд Божји е доаѓањето и зацарувањето на антихристот. Знаете и самите дека никогаш не зборувам на таа тема од амвон, и знаете дека тоа е тема што никогаш не сме ја наметнувале и не сме зборувале за неа, ниту нашиот Владика, ниту пак јас, но сметам дека е неопходно и потребно да ви кажам два-три збора и за тоа, поради тоа што се појавија многу лажни пророци коишто повеќе зборуваат за антихристот отколку за Христос.

Плодовите од таа нивна проповед по социјалните мрежи се само параноја и страв. А секогаш кога во душата ќе забележите неконтролиран страв, знајте дека тоа е сигурно демонско дејство или, пак, дека ние самите со нешто што сме сториле кон ѓаволот сме се приближиле. Всушност, ѓаволот е оној што сака да нѐ исплаши. Библистите велат дека најчесто изговарани Христови зборови во Евангелието се: „Не бојте се, не плашете се“. По плодовите на нивната проповед ќе ги препознаете чии слуги се. Го плашат светот со антихристот, оти и самите до смрт се исплашени, и го најавуваат доаѓањето на антихристот, а не чувствуваат, кутрите, дека во нивното срце седнал и се зацарил. Тие судат и осудуваат, ги мерат и проценуваат делата на Епископите на Црквата, на монаштвото, на духовниците, ги мерат, ги вагаат, ги судат, ги осудуваат и им пресудуваат. Нашиот свет Владика во една од своите беседи вели дека ниеден дух не му е близок толку на духот на антихристот како духот на судењето и осудувањето. Зошто!? Затоа што антихристот претендира во овој свет да се наметне како цар и да седне на местото Христово, Единствениот судија на живите и мртвите. Како да ги наречеш овие луѓе ако не претечи на антихристот и помагачи на неговото дело? А за прелеста да биде поголема и потрагична како и секогаш, тие мислат дека се во право и дека ја бранат Црквата. Оние што ја бранат Црквата зборуваат само за Христос и знаат дека на крајот Христос ќе победи. Антихристот за нив е ветер и магла, бидејќи победата над него тие веќе ја извојувале во своето срце. И затоа не се плашат од антихристот, туку тој се плаши од нив, и тие ќе му бидат први на списокот за прогон и убивање, а не овие избезумениве од страв, во чие срце седнал уште пред да дојде. Како што вели свети Јован Лествичник, оној што нема страв Божји ќе се плаши од сѐ и сешто, само не од Бог, па аналогно на тоа, јас ќе речам дека оној што има страв Божји нема ништо друго што би можело да го исплаши. А оној што Го возљубил Бог со сето свое битие, тој не знае за страв. Ава Антониј вели: „Љубовта го изгонува стравот“.

Драги браќа и сестри, ние, како што исповедаме во Симболот на верата што ни го оставија Светите отци на Црквата, така и да живееме. Таму читаме дека го чекаме повторното доаѓање Христово и воскресението од мртвите, и животот во идниот век. Антихристот не го спомнале, бидејќи духоносните Отци знаеле дека кога ќе дојде времето, истиот Дух што тие го носеле, а Кој ја проникнува и оживотворува Црквата, ќе ги просветлува и пастирите на Црквата и во последните времиња, до крајот на вековите.

Бог да ве благослови сите, и да нѐ просветли сите непрестајно да живееме согласно зборовите на оваа литургиска прозба: „Христијански крај на нашиот живот… и добар одговор на Страшниот Христов Суд просиме од Господа“.

 

Извор:

https://www.tiveriopol.mk/vikaren-episkop-jakov-stobiski-olicnosnuvanje-ili-razlicnosuvanje/

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3143
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7622
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

24/11/2024 - недела

Св. великомаченик Мина; Св. маченик Стефан Дечански, крал српски; Св. маченици Виктор и Стефанида; Св. маченик Викентиј ѓакон; Преп. Теодор Студит;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Тропар на  свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Тропар на свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Изданок од Визант и Егина,заштитниче кој си јавен во последните времиња,миленик на вистинската врлина.Нектарие, те почитуваме,ние верните како богоугоден исцелител...

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная