13/26 февруари 2017 лето Господово
Пристигнувајќи пред самите двери на Четириесетдневното посно патешествие, денес Црквата Божја ни го дава клучот за нив – блаженото простување. Простувањето на грешките на ближните има голема духовна вредност, зашто го уподобува човекот на милостивиот Бог. Затоа, нашиот Старец, Архимандрит Партениј, во своето вдахновено слово после денешната Света Литургија, уште еднаш нè потсети на неопходноста од простувањето, но и на длабоката суштина на постот.
Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Неделата на простувањето, изговорено во манастирската трпезарија
Возљубени мои браќа и сестри, еве денес, на само еден ден пред почетокот на Светиот и Велик Пост, преку Евангелието што се читаше на Светата Литургија (Матеј 6,14-21), Господ уште еднаш грижливо нè потсети на крајната цел на нашето суштествување на земјата. Нè потсети, имено, дека освен овој живот постои и друг, вечен живот, и дека единственото предназначение на тековниов живот е подготовката за идниот, собирањето духовни богатства за него. Човекот е повикан да собира наследство што ќе има вредност не овде земјата, ами во Царството небесно, кое Самиот Христос, со Својата крстна жртва и Воскресението, повторно го отвори за секого што сака да влезе во него. Затоа и вели: Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ‘рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат; зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше (Матеј 6,19-21). Тие богатства, пак, на небото се духовните плодови: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста (сп. Гал. 5,22-23) Ако добро размислиме ќе видиме дека во сите нив лежи и простувањето. Затоа и денешното Евангелието започна со Спасителовата напомена за неопходноста од простувањето, кое е основа и за правилниот, нелицемерен, богоугоден пост. Не таков каков што во Христово време практикувале фарисеите и книжниците, кои постеле не за Бога, туку за луѓето, ловејќи ги страсно нивните пофалби. На Бога Му е угоден постот во љубов и смирение. Кога постам треба да знам дека јас сум прв меѓу грешниците. Никако не смеам да ја прифатам помислата што ми вели: „Колку си ти добар! Постиш, се подвизуваш и затоа си праведен, а не како оние, грешните што не постат“. Не! Постам бидејќи сум најгрешен од сите луѓе и ми е насушно потребно Божјото опростување. Чувствувам дека без него не можам да живеам.
Сите ние постојано и многу грешиме. Ја валкаме нашата душа, умот, телото - најнапред со помислите, а потоа и со зборовите и делата. Затоа пристапуваме со покајание и смирение кон Господ, барајќи прошка, олеснение за нашите прегрешенија. А Господ со Неговата неизмерна милост е секогаш тука, подготвен да ни прости. Меѓутоа, како би можеле да застанеме пред Него, молејќи за опростување, а самите ние не им проштеваме на нашите ближни? Таквата молитва би била крајна навреда за Него. Токму затоа, денес Христос нè опоменува: ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите (Матеј 6,14-15) Господ ги гледа нашите срца, знае дека се тие жестоки и скаменети, па затоа и нè повикува да ги омекнеме и смилостивиме со љубов и проштевање кон оние што ни погрешиле. Не се молиме ли секојдневно така во Господовата молитва? Да побараме од Господа со духовен плач да ни даде сили за да можеме да си простиме еден на друг искрено и од срце. Со секое такво простување ние добиваме смелост да застануваме пред Бога. Да се трудиме со најголема љубов во тоа приближување до Него.На прагот сме пред Светата Четириесетница, пред таа боговдахновена подготовка за најголемиот празник во нашата света вера – Воскресението Христово, празникот што ја содржи полнотата на благодатта. Впрочем, и целиот наш живот на земјата треба да биде подготовка за нашата конечна средба со Бога. Годишниот богослужбен циклус на празници е така премудро составен, што непрестајно нè потсетува дека во текот на секоја година, ние треба неодложно да се подготвуваме за средба со Бога. Во текот на секој ден, би рекол, на секој час и секоја минута... Тоа особено силно се чувствува во времето што настапува – најдревниот и најсвет Пост. Ќе имаме можност секојдневно да ги слушаме повиците на Црквата, да ги оставиме сите дела на мракот и, преку духовни вежби, да се подготвуваме за средба со Бога. Како што војниците и атлетите, пред да излезат во борба или на натпревар, прилежно се увежбуваат, така и ние, со духовни вежби и подвизи, доаѓаме поблиску до Бога. Затоа постот е толку полезен. Дури и на првиот човек во Рајот, на нашиот прататко Адам, единствената заповед што Господ му ја дал била да пости. Со прекршувањето на таа заповест, тој се лишил од Божественото достоинство: „Од боготкаената облека се лишив, кутриот јас, откако Твојата божествена заповед ја прекршив, Господи“ (Стихира од Сиропусната недела). Новиот Адам, пак, Христос, Кој му го врати на човекот изгубеното достоинство, повторно нè повикува на пост. Затоа, ве замолувам повеќе да се каеме во текот на овој пост, да плачеме за нашите гревови, измолувајќи од Бога сили да Му угодиме.Во Светото Писмо читаме дека кога народот бил во опасност од пропаст поради отклонувањето од Божјиот закон, Господ испраќал пратеници да му укаже дека треба да пости и да се покајува. Така, во Стариот Завет читаме за Ниневијците, кај кои беше испратен пророкот Јона да ги повика на покајание. Јона се сметал за недостоен да одговори на Божјиот призив, па сакал да „избега од лицето Господово“, меѓутоа, по Божја промисла бил фрлен во морето и проголтан од големо морско животно, од кое, по три дена, бил исфрлен на суво. Тогаш Јона ја послушал Божјата заповед и отишол во Ниневија да проповеда покајание. Царот ниневиски навистина го послушал пророчкиот глас и издал царска наредба сите Ниневијци да постат строго четириесет дена и силно да извикуваат кон Бога: секој да се откаже од својот лош пат и од насилството на рацете свои (Јона 3,8). Народот, како и самиот цар ги соблекле своите меки и угодни облеки, се облекле во кострет, и се посипале со пепел во знак на скрушеност и покајание, молејќи Го Бога да ги сочува, и нив, и градот, од праведното наказание. И навистина, тоа и се случило. Ниневијците покажале плод на големо покајание и поради тоа Господ се смилувал. Но, погледнете до каде оди милоста Божја! Он секогаш прво ни укажува кога грешиме и трпеливо го чека нашето покајание. Наоѓа начин да ни соопшти дека тоа што го правиме не е добро. Со љубов и долготрпение нè повикува да се покаеме. Зашто, како што на многу места се вели, Господ не ја сака смртта на грешникот, туку сака да се поправи и да биде жив.
Изминатиов период беше доста актуелно да си разменуваме мислења за политичките (не)прилики во Македонија, па честопати констатиравме дека државата ни е во многу лоша состојба. Ете, на сите што вчера ми доаѓаа на исповед, им велев да се молат за Татковината. И добивав одговор: „Да, отец, мораме да се молиме, бидејќи навистина е многу лоша ситуацијата...“. А, сме се прашале ли зошто е така? Поради нашето непокајание. Најнапред, секако, поради моето лично непокајание, а потоа и поради непокајанието на секого од нас поединечно. Оти, тие луѓе што седат таму во Парламентот и во Владата, или, пак, што се борат да дојдат таму, а кои што ние постојано ги обвинуваме и осудуваме, не се донесени од некаде отстрана, туку се произлезени од нашето општество, одгледани се од нашите семејства. Затоа, подобро е да гледаме ние самите да не се оддаваме на страсти што живеат во нас, туку против нив да се бориме. Бидејќи кога човек ќе се оддаде на страстите, тогаш потполен мрак завладејува со него. И кога се повеќе поединци пребиваат во духовен мрак, тогаш мракот преовладува и во целото општество. Па така, ако во народот страста на среброљубието – коренот на сите зла (сп. 1. Тим. 6,10), е присутна во големи размери, тогаш неизбежно е и народните водачи да бидат обземени со неа. Затоа Господ нè повикува да се каеме, да проштеваме, да љубиме. Пред сè, да се каеме ние лично, а потоа да произнесеме и молитва за водачите. Оти и тие се дел од нас, според наша заслуга, сообразно духовниот раст на народот. Да бевме подобри, Бог сигурно ќе ни испратеше и подобри водачи.Ве замолувам, возљубени мои, барем ние кои сме свесни за силата на покајанието, да постапиме како Ниневијците, кои го послушаа Божјиот глас упатен до нив преку пророкот Јона и навистина се покајаа. Принесоа плодови достојни за покајание и Господ се смилува над нив. Најнапред ги замолувам монасите да се трудат непрестајно во покајанието, бидејќи ние кои носиме расо сме највиновни за тоа што нашето општество е такво. Ние треба да бидеме први сведоци за Христовата светлина.
Се молам Господ да ни даде вистинско покајание и нелицемерен пост. Зарем е потребна жртва да го смилостивиме нашиот Бог? Можеби треба телото прекумерно да го истоштиме? Не. Бог сака љубов; таа му е жртвата благопријатна. Да постиме со љубов, да правиме добри дела. Ги советувам Христијаните, доколку заштедат пари со постот, да им дадат на оние што имаат потреба. Сигурно меѓу нашите соседи има луѓе што не ќе можат да си дозволат празнична трпеза за Велигден. Затоа, да гледаме во овој пост да заштедиме што повеќе за нив, а не што повкусни и побогати посни јадења да готвиме. Вистинскиот пост подразбира скромна трпеза. Во денешно време, за жал, само се изнаоѓаат разни богати посни јадења, со што се губи смислата на постот. Господ да нè благослови да го поминеме постот со богоугодни дела и да го дочекаме светлото Христово Воскресение, со надеж дека големите проблеми со кои се соочуваме, ќе се разрешат. Господ да им даде сили и мудрост на оние што нè водат, и во Црквата, и во Државата!
Добри пости на сите! Амин!
Извор: Бигорски манастир