27/28-2016г.
ЈОСИФ
Митрополит тетовско - гостиварски
УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Возљубени во Господа,
Настаните од животот на Мајката Божја се длабоко поврзани со домостроителната промисла Божја. Колку е голема, колку е значајна и колку е сѐ Богородица за човекот и светот, ни сведочи и денешниот празник, но и сите празници кои во текот на годината ги одбележуваме, а кои се поврзани со неа.
Ве повикувам, да се замислиме единствено врз тој неоспорен историски факт, кој за нас не е само податок, туку вистински и конкретен настан – Богородица Марија е единствената личноста избрана од човечкиот род да Го роди Спасителот на светот. Таа беше содржината и надежта на пророштвата во Стариот Завет, таа беше утехата на Адам и Ева и нивното поколение за доаѓањето на Спасителот на светот. Уште тогаш, уште по трагичниот егзистенцијален престап на нашите прародители беше најавена утехата, во која ја препознаваме Богомајката, ја согледуваме нејзината спасителна улога: И ставам непријателство меѓу тебе и жената, меѓу родот твој и породот нејзин, Он ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш во петата (1. Мој. 3, 15).
Навистина, можеме ли да го погледнеме прекрасниот светол лик на Приснодевата и да не нѐ укрепи и утеши, да не нѐ исполни со своето смирение и својата милост. Богородица е пример за послушност, е пример за човек кој искрено, истрајно и непоколебливо ја прифаќаше волјата Божја. Нејзината афирмација, искажана пред благовесникот Гаврил: Нека ми бидe според зборовите твои (Лука 1, 38), е сигурна потврда за нејзината вера, но и за тоа зошто е таа почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. Свети Никодим Агиорит, во својот расудувачки занес, дури и ќе каже: Заради Богородица беше создаден светот и човекот, заради нејзиното да на Божјата промисла и на Божјата волја. Во нејзината секогашдевствена утроба, се изврши соединувањето на Бог со човекот, се воспостави и обнови раскинатата заедница, за која човекот беше создаден.
Ете, благочестиви христијани, какви треба да бидеме и ние. Богородица е неисцрпен извор на добродетели кои треба да нѐ красат и нас самите: да се угледаме на нејзиното смирение, на нејзината скромност, на нејзиното трпение, на нејзиното послушание, на верата, љубовта, пожртвуваноста и верата нејзина. Ете, Богородица е пример за секој човек. Ете, Богородица е пример за секоја жена, за секоја мајка.
Празнувајќи го денешното Богородично успение, ние не тагуваме и не сме победени од смртта – зашто токму на овој ден, ние го гледаме воскресението, ја гледаме победата на Животот над смртта, зашто како што пее Црквата на овој ден: Ние гледаме смрт и тоа што се случило за време на таа смрт: не разделба, туку соединување; не жалост, туку радост; не смрт, туку живот. На овој празник човекот, всушност, ја претчувствува, ја предвкусува и ја исповеда зората на таинствениот ден....
Возљубени чеда на Најсветата меѓу светиите,Христијаните се постојани поткрепувани од благодатната молитвена помош на секогашдевствената Богомајка. Затоа, во моментите на страдање и искушенија не заборавајте да ја замолите Богородица за застапништво, не заборавајте да ја повикате Мајката над мајките. Знаат тие што тоа го почувствувале каква е нејзината молитва, каква е нејзината милост, како милува таа со својата мајчинска љубов.
Овој манастир е големо Богородично светилиште. Тука имаме древен храм, посветен токму на Успението на Пресвета Богородица. Да даде Бог, поради молитвите на Богородица Марија, да се собираме секоја година сѐ повеќе во овој манастир и да учиме како на вистински начин, духовно, достоинствено и литургиски да го славиме нејзиното сечесно заспивање во Господа.
Господ да ве благослови, а Пресвета Богородица секогаш да се застапува и да нѐ заштитува со своите молитви пред Бога. Амин.
Извор. Тетовско- гостиварска епархија