Monah.Dimitresku

Мoнaх Мaрку Димитреску
(1910 - 1999)


Константин Димитреску бил роден на 12 септември 1910 година. Првпат бил уапсен во 1939 година, во занданите на Секуритате, и бил страшно мачен.


               „Ме однесоа во Букурешт да ме испрашуваат. Покрај другите начини за измачување, тука се користеше и следниов. Ме легнаа на една маса. Еден мачител ме држеше за глава, двајца ме држеа за раце, други двајца ме тепаа по целото тело со две жешки парчиња од гума и двајца ме тепаа по стапалата со две дебели железни шипки. Но јас ниту врескав ниту се жалев, така што тие што ме тепаа помислија дека умрев и за да ме освестат, со главата ме пикнаа во еден леѓен со вода и главата ми ја удираа од ѕидот. Толку ме натепаа што се изморија и паднаа обессилени. Божјата благодат ме спаси, а тие ме нарекоа „Факирот“, затоа што ги издржував сите нивни измачувања.
Другпат ме врзаа до една вжарена печка и повторно почнаа да ме испрашуваат за да им дадам информации. Наеднаш ми стана толку ладно и почнав толку силно да се тресам што со сета сила се држев за столот за кој бев врзан и имав чувство дека столот ќе се скрши. Тој што ме испрашуваше едвај издржуваше на жештината во собата, иако седеше далеку од печката, а јас се тресев од студ врзан до неа.
Во една тешка зима бев многу болен. Се потпрев малку на лактот, но чуварот ме виде и ме однесе во самица. Внатре беше ладно и темно. Како монах, секако требаше да си го извршам правилото, сакаш-нејќеш мораше да се прават поклони, инаку ќе измрзнеш. На еден од тие што беа затворени заедно со мене му измрзнаа и носот, и ушите, и образите и прстите. Три дена и три ноќи издржав правејќи поклони, молејќи се и шетајќи горе-долу, а потоа се онесвестив и паднав на замрзнатиот цемент. Не знам колку време сум лежел така, но по некое време се разбудив целосно здрав, а околу мене како да ме грееше некоја печка. Кога дојдоа да ме извадат и да ме однесат да ме погребат, како што обично правеа, се зачудија кога видоа дека сѐ уште сум жив и здрав. Тогаш ме однесоа жив да ме стружат, но веќе не покажував никаков страв. Сам си ја откопчав кошулата и легнав на масата. Началникот на мачителите самиот почна да си удира шлаканици и рече: „Како е можно да не се плаши?!?“ (...) и почна да пцуе.
Години подоцна, отец Марку открил една тајна од деновите на неговото измачување:
„Таму [во занданите] имав едно видение. Беше како со рацете да се држев за една ограда од бодликава жица, толку збиена и остра што мислев дека ќе се отпуштам. Дојде мигот кога мислев дека ќе паднам на другата страна, во опипливата темнина. И таков страв ме опфати што не знаев што да правам. Тогаш, Некој ми ја фати раката и ме извлече кон светлината. Раката Му беше во црна облека, како онаа што ја носат монасите. Потоа видов дека тоа беше раката на вистински монах, а тој монах беше Самиот Христос.“
Димитреску прво бил затворен во Ајуд, каде што ѝ се приклучил на групата „мистици“: Валериј Гафенку, Јоан Јанолиде, Виргил Максим, Ангел (подоцна отец Арсениј) Папачок, отец Василиј Серге и други, поминувајќи го времето во умно-срдечна молитва и практикувајќи ги добродетелите од Евангелието.
Во 1951 година, бил ставен во домашен притвор на градилиштето во Биказ. Таму бил наречен „Костика, човек Божји“, бидејќи, иако намерно пратен да товара камиони на мински полиња, никогаш не бил повреден, ниту од едно камче.
По ослободувањето во 1956 година, одлучил да стане монах. Една година поминал во манастирот Черника, смирено извршувајќи ги своите послушанија во шталата, а потоа заминал во манастирот Слатина, во тоа време познат како вистинска „духовна академија“ под раководство на отец Клеопа Илие и отец Арсениј Папачок. Таму бил уапсен по вторпат, во 1960 година, и повторно бил затворен во Ајуд, сѐ до амнестијата во 1964 година.
Потоа, Константин стапил во манастирот Сихастрија и бил замонашен во 1972 година, со името Марку. Иако малку, сведочењата за последните години од неговиот живот се доволни за да посведочат за неговото достигнување на духовното ниво на Старците-исихасти. Ова е, исто така, потврдено од отец Клеопа Илие: „Кога и да се случеше некое чудо, тоа најверојатно беше резултат на неговите молитви!“
Кон залезот на својот живот, кога бил искушуван од своите послушници со светска слава, отец Марку смирено им одговарал: „Некои имаат кажано дека можам да бидам силен кога се соочувам со искушенија, но ви кажувам дека немаше да можам да поминам низ сите тие измачувања повеќе од дваесет години да не ми помагаше Божјата благодат. Само Божјата милост ме сочува жив и не сум сигурен дека ќе продолжам да бидам вака силен. Не се плашам од никого освен од самиот себе. Само силата на благодатта и нашата вера ни овозможуваа да продолжиме. Сепак, никој не може да биде сигурен дека ја поседува која било од нив...“
Се упокоил во Господ на 28 февруари 1999 година.


ПРЕМИН бр. 103-104


Лето Господово 2015