Извор:
Епископ Велички Гаврил Светогорец: ЧУДАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
ЧУДО 17.
За прогонувањето на ѓаволите со името на света Богородица
Во некое село, наречено Вуне, имало еден поп по име Петар, кој бил зол и грешен човек и поради многубројните зли дела го обесиле пред неговмот дом. Тoј имал една блудница по име Аглаида. Таа кога видела како го обесуваат нејзиниот љубовник, многу се уплашила, го оставила световниот живот, отишла во еден манастир и се замонашила. По неколку дена, кога седела во својата ќелија, станала и се исправила пред прозорецот за да погледне надвор и видела на полето при еден кладенец како стои еден ѓавол, кој личел на момче. Гаволот штом ја видел, се стрчал да ја фати. Таа се исплашила и паднала назад, па со главата удрила во ѕидот. Кога го виделе тоа сестрите, се собрале и ја кренале како мртва и ја ставиле на постела. По малку време, пак се јавил ѓаволот и и рекол: „Љубезна моја Аглаидо, какво зло ти направив та ме остави? Јас ти донесував се што сакаше, а ти ме остави. Врати се во светот и ќе ти дадам маж богат и се што ќе побараш. Немој овде да седиш, безумнице, да умреш безвреме, постејќи и измачувајќи се". Таа му рекла: „Да се иставиш одовде, ѓаволу, ти мразиш се што е Божјо. Јас веќе нема да го правам тоа што сакаш ти, но ќе плачам за првите свои гревови зашто сум те слушала како безумна".
Тоа го рекла и ѓаволот се изгубил. Но наскоро пак дошол и не ја оставал на мира. Тогаш монасите и рекле во ќелијата да има светена вода, па ѓаволот штом ќе дојде, да го попрска и да се прекрсти. Таа направила така и ѓаволот исчезнал, но по малку време пак дошол. Тогаш една од сестрите, која била повеќе духовна, и рекла кога ќе дојде ѓаволот, да го спомене името на пресвета Богородица и да чита: „Богородице Дево, радувај се...". Тоа кога го направила Аглаида, ѓаволот побегнал и веќе не дошол. Па така, Аглаида се прилепила кон Мајката Божја и живеела богоугодно, во покајание и исповедување додека не се претставила во Господа.
ЧУДО 18.
Чудо слично на претходното
Во еден женски манастир имало една монахиња, која живеела богоугодно и го измачувала телото со многу постење, малку спиење и слично. Лукавиот демон многупати ја лажел. И се јавувал како светол ангел, доаѓал секоја ноќ и говорел со неа. Еднаш, кога се исповедала, духовникот ја прашал дали живее монашки, а таа му одговорила: „Со помош на твоите молитви, живеам добро, чесен оче". Кога чул таков горделив одговор, духовникот многу се натажил, па и рекол: „Уште еднаш така да не си одговорила, па макар да си правела се најдобро". Монахињата рекла: „Да знаеш, оче, дека од небото слегува ангел, со кого разговарам, па затоа ти одговорив така". А духовникот на тоа и рекол: „Црниот и темен ангел има обичај да се преобразува во светол. Поради тоа, кога ќе дојде тој ангел да те посети, прочитај ја молитвата Богородице Дево, радувај се... и, ако е ангел, ќе остане додека ја дочиташ до крај, ако, пак, побегне, тој е ѓаволот, кој има цел да ти напакости и да ти донесе големо зло".
Таа ги послушала добрите совети на духовникот и кога и дошол ѓаволот во вид на ангел, таа почнала да чита: „Богородице Дево, радувај се..." и тој исчезнал како чад. Кога тоа го видела монахињата, се растреперила од страв и се разболела, така што по долго време одвај оздравела.
Секој да знае дека штом некому му дојде некое зло од ѓаволот, или од телесни или од световни искушенија, не треба да бара други лекарства, освен да се моли на Господа на нашиот Исус Христос и на света Богородица. Тие две имиња се најмоќно оружје на христијаните и секој е должен да ги има за да ги победува сите видливи и невидливи непријатели.
(Продолжува)
- Чудата на Пресвета Богородица (V дел)
- Чудата на Пресвета Богородица (IV дел)
- Чудата на Пресвета Богородица (III дел)
- Чудата на Пресвета Богородица (II дел)
- Чудата на Пресвета Богородица (I дел)
Посети:{moshits}