На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар, во она време извршено од Богочовекот Исус Христос. Како што сведочи Светото Евангелие, овој настан бил многу непосредно (или шест дена) пред предавството и убиството на Исус Христос на Голгота.
Толкувачите гледаат во него предобраз и своевидна духовна подготовка на тогашните сведоци за претстојното Христово воскресение. Во секој случај, своевремено Лазаровото воскресение беше доживеано како најсилен доказ за Божественоста на Господ Христос пред тогашните Јудејци и постана камен на сопнување за мнозина.
Но оттогаш мнозина и поверуваа во Него како во Спасител. Некои богослови особено ја растолкуваа човечката и Божествената природа Христова кај Лазаровото воскресение, велејќи дека Господ плачеше пред гробот на Лазар заради Својата човечка љубов кон него како мил пријател, а го воскресна со Својата Божествена сила како Бог.
(Од Верскиот календар на МПЦ-ОА)