логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 Red-seraphim

Б. АПОФАТИЧКАТА ТЕОЛОГИЈА КАКО ПОЗИТИВНО ИСКУСТВО

 June 12, 2016 / protivmoderniotsvet   

(извадок: 49 стр. – 55 стр.)

17.

… Никој никогаш не ја видел во сета полнота  Божјата Убавина, и затоа, според св. Григориј Ниски, нема око што ја видело, дури и вечно да се напрега: всушност, таа не може целосно да се види онаква каква што е, туку единствено според мерата во која е достапна преку силата на Светиот Дух. А како дополнение на оваа непојмливост, најбожествено и најчудесно е тоа што најголемото поимање што човек може да го има, тој го има непојмливо. Оние што гледаат, всушност, не го знаат оној кој им овозможува да гледаат, да слушаат и да пророкуваат, или да ги доживеат вечните нешта, зашто Духот преку кој тие гледаат е непојмлив. Како што вели големиот Дионисиј: „ Таквото заедништво на оние кои се обоготворени со светлината што доаѓа од висините, настанува како резултат на престанокот на сите умствени активности.“ Tоа не е резултат на некоја причина или однос, зашто тие зависат од активноста на умот, туку до него се доаѓа преку одрекување, без притоа самото тоа да биде одрекување. Доколку тоа е едноставно одрекување, тоа би зависело од нас. Видението, затоа, не е едноставно одрекува­ње и негација; тоа е единство и обоготворување коешто се јавува мистично и неискажливо со Божја благодат, откако од умот ќе се отстрани сето она што се наталожило во него, или поточ­но по прекинувањето со сета умствена активност; тоа е нешто што е над одрекувањето (коешто е само надворешен знак на овој премин).

Ете зошто секој што верува треба да го издвои Бог од Неговите созданија, зашто прекинување­то на сите умствени активности и последичното соединување со светлината од висините е искуство и завршеток на обоготворувањето, подарено единствено на оние што ги очистиле своите срца и примиле благодат. Но, кој сум јас да кажувам за ова соединување, кога кратко­трај­ното видение им се јавува единствено на избраните ученици ослободени во екстазата од сите сетилни или умствени перцепции, на кои им е дозволено вистинско видение, бидејќи престанале да гледаат, и кои се надарени со натприродни сетила благодарение на нивното препуштање на незнаењето? Сепак, ние имаме намера подоцна, со Божја помош, да покаж­е­ме дека иако тие навистина гледале, нивниот контемплативен орган не бил, зборувајќи правилно, ниту сетилен ниту умствен.

18.

Дали сега разбираш дека наместо ум, очи и уши, тие го стекнуваат неспознатливиот Дух и преку  Него слушаат, гледаат и спознаваат? Зашто, ако сета нивна умствена активност преста­на­­ла, со што можат ангелите и рамноангелските луѓе да го гледаат Бог, освен со силата на Ду­хот? Ете зошто нивното видение  не е чувство, бидејќи тие не го примаат преку сетилата; ниту е ми­слење, бидејќи тие не доаѓаат до видението преку размислување или преку познание, туку со прекинување на сите умствени активности. Затоа тоа не е резултат ниту на имагинација ниту на размисла; тоа не е ниту мнение ниту заклучок до кој се доаѓа со силогистички аргументи. Од друга страна, умот не го достигнува видението со едноставно издигање преку одрекување. Зашто, согласно со учењето на отците, секоја Божја благодат и секој свет закон за своја крајна цел ја има чистотата на срцето; секој начин на молитва и секој нејзин аспект ја достигнува својата крајна точка во чистата молитва; и секоја мисла која одоздола се издига кон Оној Кој е поставен над сè и Кој е одвоен од сè, застанува одвоена од сè што е создадено. Меѓутоа, погрешно е да се каже дека, со исполнувањето на Божјите заповеди, не останува ништо друго освен чистотата на срцето. Има други нешта, и тоа многу: тука е залогот за нештата ветени во овој живот, а исто така и благословите за идниот живот, видливи и достапни преку таа чистота на срцето. Така, после молитвата постои неискажливо видение, и екстаза во видението, и скриени таинства. Слично, по одвојувањето од постојните нешта или, поточно, по престанокот ( на набљудувањето или на размислувањето за нив), извршено не само со зборови, туку и со дела, останува незнаење кое е над знаењето; иако, навистина нејасно, тоа е над светлината и, како што вели големиот Дионисиј, во тоа блескаво незнаење божествените нешта им се даваат на светиите. Така, совршеното видение на Бог и на божествените нешта не е едноставно одво­ју­вање; над ова одвојување постои учество во божествените нешта; дар и поседување, а не само процес на одвојување. Но, овие поседувања и дарови се неискажливи. Ако некој зборува за нив, мора да се повика на слики и аналогии – не затоа што е тоа начин на кој овие нешта се видени, туку затоа што на друг начин човек не може да го искаже она што го видел. Затоа оние што не слушаат со смирен дух што е кажано за тие неискажливи нешта, нешта коишто нужно се искажуваат преку слики, гледаат на познанието кое е над мудроста како на будалештина; газејки ги со нозе јасните бисери, тие се обидуваат преку своите расправи да ги згазат колку што е можно повеќе оние што им ги покажале бисерите.

19.

А светиите, како што реков, од човекољубие зборуваат за неискажливите работи онолку колку што е тоа можно, разоткривајќи им ја заблудата на оние кои во своето незнаење замислуваат де­ка, по одвојувањето од постојните нешта, преостанува само апсолутно бездејствие, а не бездејствие кое е повисоко од сите дејствија. Но, повторувам, тие нешта остануваат неискаж­ли­ви поради нивната природа. Тоа е причината зошто големиот Дионисиј вели дека по одвоју­ва­њето од постојните нешта не постои слово, туку „отсуство на словото“; тој исто така вели:       „ После секое искачување ќе се соединиме со Неизглаголивиот.“ Но, без оглед на неис­каж­ли­ви­от карактер, одрекувањето само по себе не е доволно да му овозможи на ра­зу­мот да ги достигне надумните нешта.

Оние кои, подобно на ангелите, се соединиле со таа светлина, ја прославуваат користејќи сли­ка на тоа целосно одвојување. Мистичното единство со светлината ги учи дека таа светлина е над­суштински трансцендентна за сета твар. А оние кои се достојни да го примат таинството пре­ку вера и мудро внимание, можат исто така да ја гледаат божествената и непојмлива свет­ли­на од­војувајќи се од сите нешта. Но тие можат да се соединат со неа и да ја гледаат само ако се очис­тиле со исполнувањето на заповедите и со посветување на нивниот ум на чистата и не­твар­на молитва, за да можат да ја примат натприродната сила на созерцанието.

Како тогаш треба да ја наречеме оваа сила која не е ниту сетилна, ниту разумска активност? Како поинаку, освен користејќи го изразот на Соломон, кој бил помудар од сите кои му претходеле:„  чувство разумно и божествено“. Со поврзување на овие две придавки тој го убе­ду­ва оној кој слуша да не ја смета оваа сила ниту за сетилна, ниту за разумска, зашто ниту ак­тив­носта на умот е сетилна, ниту пак активноста на сетилата е разумска. „ Разумното чувствo“ така, е различно од двете. Следејќи го големиот Дионисиј, човек веројатно треба да ја нарече единство, а не познание. „ Човек треба да разбере, вели тоj, дека нашиот ум поседува разумска сила со помош на која може да се разберат како појмливите нешта, така и тоа единство коешто ја надминува природата на разумот и го поврзува со она што му е трансцендентно.“  И повторно: „ Умните сили стануваат непотребни, како и чувствата, кога ду­ша­та станува богообразна, препуштајќи се на зраците на недостапната светлина во неспоз­нат­ли­во единство преку зголемување на слепилото.” Во тоа единство, како што се изразил св. Мак­сим, „светиите, гледаjќи ја светлината на скриената и неискажлива слава, и самите ста­ну­ва­ат приемливи за блажената чистота, заедно со небесните сили.”

Нека никој не мисли дека овие големи луѓе се спомнуваат тука како пример за искачување со од­рекување. Зашто, последното е достапно на секој кој ќе го посака тоа; но, тоа не ја преобра­зу­­ва душата до тој степен да може да прими ангелска возвишеност. Иако таквото единство го о­сло­бодува умот од мислите за другите нешта, сепак, самото не може да претставува единство со трансцендентните нешта. Но, чистотата на страсниот дел од душата ефикасно го ослободува у­мот од сите нешта преку бестрасност и го соединува, преку молитвата, со благодатта на Ду­хот; и преку таа благодат духот се радува во божествениот сјај и станува ангелски и бого­об­ра­зен.

 

21.

Затоа отците, следејќи го големиот Дионисиј, оваа состојба ја нарекле „духовно  чувство“, из­раз коj на одреден начин е појасен и посоодветен на тоа мистично и неискажливо видение. Заш­то тогаш човекот навистина не гледа ниту со разумот ниту телесно, туку преку Духот, и знае де­ка натприродно гледа светлина што е над светлината. Но, во тој момент тој не знае со кој орган ја гледа таа светлина, ниту може да ја испита нејзината природа, зашто Духот, преку кој тој гледа, е недофатлив. Затоа Павле, кога слушнал неискажливи зборови и видел невидливи нешта, рекол: „ Jaс не знам дали гледам со телото или без телото.“ Со други зборови, тој не зна­ел дали гледа неговиот ум или неговото тело.

Таков човек не гледа со сетилна перцепција, но неговото видение е исто толку јасно, дури и по­јасно, од видението кога окото јасно гледа некој објект. Тој гледа излегувајќи од себе, зашто пре­ку таинствената сладост од неговото видение тој е издигнат над сите објекти и над сите об­јек­тивни мисли, дури и над самиот себе.

Под дејство на екстазата, тој ја заборава дури и молитвата кон Бог. За ова зборува св. Исак, пот­вр­дувајќи ги зборовите на големиот и благословен Григориј: „ Молитва е чистота на умот која на­с­танува ако се има страв единствено од светлината на Светото Тројство.“  И повторнo: „ Чис­то­тата на духовниот ум е таа која овозможува светлината на Светото Тројство да блесне за вре­ме на молитвата… Умот тогаш се издига над молитвата и оваа состојба не може правилно да се на­рече молитва, туку плод на чистата молитва испратен од Светиот Дух.  Тогаш умот не се мо­ли со молитва, туку се открива самиот во екстазата во средина на непојмливи реалности. Тоа на­вис­тина е незнаење што го надминува познанието.“

Оваа наjрадосна реалност, којашто го вознесла Павле и којашто направила неговиот ум да отстапи од секое создание и да се сврти целиот кон самиот себе – таа реалност тој ја видел како светлина на откровението, иако не на сетилните тела; светлина без граница, без ширина, висина или должина. Тој ја видел апсолутната безграничност на неговото видение и на свет­ли­на­та што сјаела околу него; или, поточно, таа била како сонце бескрајно посјајно и поголемо од универзумот, при што тој стоел во неговиот центар, целиот претворен во око. Такво, повеќе или помалку, било неговото видение.……

Свети Григориј Палама

Извор:

https://protivmoderniotsvet.wordpress.com/about/



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 2685
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1849
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Беседи

 Митрополит Струмички Наум: Свадбена облека (25.09.2021 )

Митрополит Струмички Наум: Свадбена облека (25.09.2021 )

Свадбена облека е подвигот на очистување на срцето од страстите во послушание. Без овој подвиг никој не може да се нарече христијанин. За монасите и свештенството свадбена облека е нешто...

Беседа на Рождеството на Пресвета Богородица - Митрополитот Европски г. Пимен

Беседа на Рождеството на Пресвета Богородица - Митрополитот Европски г. Пимен

Колкава е потребата на човека од храм, од место каде ќе се среќава со Бога, од место каде ќе може молитвено да Му се обрати на Господа, па колку и...

Св. Фотиј Велики - За Рождеството на нашата Пресвета Дева Богородица

Св. Фотиј Велики - За Рождеството на нашата Пресвета Дева Богородица

Девата се раѓа од неплодна утроба, но дури и да била плодна, рождеството пак би било чудесно. О, големо чудо! Штом времето на сеење поминало, тогаш жетвата дошла; штом огнот...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Митрополит Струмички Наум:   Сето тоа... не сум го запазил од младини (11.09.2021)

Митрополит Струмички Наум: Сето тоа... не сум го запазил од младини (11.09.2021)

Страстите се тие што го држат срцето заробено и затворено за умно-срдечната молитва, а умот непросветлен. Страстите и демоните, кои секогаш се поврзани со нив, се тие што ги држат...

Митрополит Струмички Наум: Што не е јасно? (04.09.2021)

Митрополит Струмички Наум: Што не е јасно? (04.09.2021)

Никогаш не треба да губиме предвид колкави должници сме Му на Бог; и поради сите дарови што постојано ги добиваме од Него и поради сите гревови со кои Му возвраќаме...

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно- Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно- Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

« »