2. Власт
12. Кога зборуваме за власт, мислиме на exousia, како што е опишана во Новиот Завет. Власта на Црквата потекнува од нејзиниот Господ и Глава, Исус Христос. Примајќи власт од Бога Отецот, Христос по Своето Воскресение ја сподели, преку Светиот Дух, со Апостолите (сп. Јован 20, 22). Преку Апостолите таа им беше предадена на Епископите, нивни наследници, а преку нив на целата Црква. Исус Христос, нашиот Господ, ја вршеше оваа власт на различни начини, сè додека нејзиното есхатолошко исполнување (сп. 1Коринтјани 15, 24-28), Царството Божјо не се пројави во светот: поучувајќи (сп. Матеј 5, 2; Лука 5, 3); чудотворејќи (сп. Марко 1, 30-34; Матеј 14, 35-36); изгонувајќи нечисти духови (сп. Марко 1, 27; Лука 4, 35-36); проштевајќи гревови (сп. Марко 2, 10; Лука 5, 24); и водејќи ги Своите ученици по патот на спасението (сп. Матеј 16, 24). Согласно овластувањето примено од Христос (сп. Матеј 28, 18-20), спроведувањето на власта соодветно за Апостолите и потоа за Епископите вклучува проповед на Евангелието и поучување, осветување преку Светите Тајни, особено Евхаристијата, и пастирско раководење на оние што поверувале (сп. Лука 10, 16).
13. Власта во Црквата Му припаѓа на Самиот Исус Христос, едната Глава на Црквата (сп. Ефесјани 1, 22; 5, 23). Преку Неговиот Свет Дух, Црквата како Негово Тело има удел во оваа власт (сп. Јован 20, 22-23). Власта во Црквата има за цел да го собере сето човештво во Исуса Христа (сп. Ефесјани 1, 10; Јован 11, 52). Власта поврзана со благодатта што се прима при ракополагањето не е приватно сопствеништво на оние што ја примиле ниту нешто издвоено од заедницата; таа е дар на Светиот Дух наменет за служење (diakonia) на заедницата и никогаш не се применува надвор од неа. Спроведувањето власт вклучува учество на целата заедница, Епископот бивајќи во Црквата и Црквата во Епископот (сп. св. Кипријан, Ep. 66, 8).
14. Спроведувањето на власта остварено во Црквата, во името на Христос и со силата на Светиот Дух, мора да биде, во сите свои облици и на сите нивоа, служба (diakonia) на љубов, како онаа на Христос (сп. Марко 10, 45; Јован 13, 1-16). Власта за која зборуваме, бидејќи е пројава на божествената власт, не може поинаку да опстојува во Црквата освен во љубовта на оној што ја врши и оние што ѝ се потчинуваат. Затоа, таа е власт без доминација, без физичка или морална принуда. Бидејќи е учество во exousia-та на распнатиот и возвишениот Господ, на Кого Му беше предадена сета власт на небото и на земјата (сп. Матеј 28, 18), власта може и мора да наложува послушание. Истовремено, заради Воплотувањето и Крстот, таа е радикално поинаква од онаа на националните водачи и на големците од овој свет (сп. Лука 22, 25-27). Иако власта е секако доверена на луѓе кои, заради слабост и грев, често се во искушение да ја злоупотребат, сепак по самата своја природа евангелското поистоветување на власта и служењето претставува основна норма за Црквата. За христијаните, да се владее значи да се служи. Спроведувањето и духовната ефикасност на црковната власт се затоа обезбедени преку слободната согласност и доброволната соработка. На лично ниво, ова преминува во послушание кон власта на Црквата за да се следи Христос, Кој Му беше послушен на Отецот љубовно, дури до смрт, и тоа смрт на Крст (сп. Филипјани 2, 8).
15. Власта во Црквата се засновува на Словото Божјо, присутно и живо во заедницата на учениците. Писмото е откровение на Слово Божјо, како што Црквата, преку Светиот Дух присутен и дејствителен во неа, го има сфатено во живото Предание примено од Апостолите. Во средиштето на ова Предание се наоѓа Евхаристијата (сп. 1Коринтјани 10, 16-17; 11, 23-26). Авторитетот на Писмото произлегува од фактот дека е тоа Слово Божјо кое, читано во Црквата и од Црквата, го пренесува Благовестието за спасението. Преку Писмото Христос се обраќа на собраната заедница и на срцето на секој верник. Црквата, преку Светиот Дух присутен во неа, автентично го толкува Писмото, одговарајќи на потребите на времето и местото. Востановената практика на Соборите да се постави Евангелието среде собранието, сведочи и за Христовото присуство во Неговото Слово, што е неопходна појдовна точка за сите нивни дискусии и одлуки, и истовремено ја потврдува власта на Црквата да го толкува ова Слово Божјо.
16. Во Својот Божествен Домострој, Бог благоволи Неговата Црква да има структура насочена кон спасението. На оваа суштествена структура ѝ припаѓаат исповеданата вера и Светите Тајни извршувани во апостолско преемство. Власта во црковната заедница е поврзана со оваа суштествена структура: нејзиното спроведување се регулира со каноните и статутите на Црквата. Неки од овие одредби може различно да се применуваат, согласно потребите на црковната заедница во различни времиња и на различни места, доколку секогаш се почитува суштинската структура на Црквата. Така, како што заедничарењето во Светите Тајни претпоставува општење во истата вера (сп. Докумант од Бари, 29-33), исто така, за да постои полно црковно општење, мора да има, меѓу нашите Цркви, и меѓусебно признавање на канонските регулативи во нивните легитимни различности.
II. Тројната актуелизација на соборноста и власта
17. Откако посочивме на основата на соборноста и власта во Црквата, и откако ја нагласивме сложеноста на содржината на овие термини, сега ќе треба да одговориме на следниве прашања: Како ја одразуваат видливо и ѝ служат на тајната на koinônia-та институционалните елементи на Црквата? Како го изразуваат својот Светотаински живот канонските структури на Црквите? За оваа цел направивме поделба на три нивоа на црковни институции: ниво на помесна Црква околу нејзиниот Епископ; ниво на регион што опфаќа неколку соседни помесни Цркви; и ниво на целата населена земја (oikoumene) што ги опфаќа сите помесни Цркви.
1. Локално (помесно) ниво
18. Црквата Божја постои каде што има заедница собрана на Евхаристијата, возглавена, непосредно или преку неговите презвитери, од Епископ кој е легитимно ракоположен во апостолското преемство, кој поучува во верата примена од Апостолите, во евхаристиска заедница со другите Епископи и нивните Цркви. Плодот на оваа Евхаристија и на оваа служба е да ги собере во автентично заедничарење во вера, молитва, мисија, братска љубов и взаемна помош сите оние што Го примиле Духот Христов на Крштението. Ова заедничарење е рамката во која се спроведува сета црковна власт. Заедничарењето е критериумот за нејзиното спроведување.
19. Секоја помесна Црква има мисија да биде, по Божја благодат, место каде што Му се служи на Бога и се чествува Бог, каде што се објавува Евангелието, каде што се совршуваат Светите Тајни, каде што верните се подвизуваат да ги ублажат неволјите на светот, и каде што секој верник може да најде спасение. Таа е светлината на светот (сп. Матеј 5, 14-16), квасецот (сп. Матеј 13, 33), царската заедница Божја (сп. 1Петар 2, 5 и 9). Канонските норми според кои се управува имаат за цел да ја обезбедат оваа мисија.
20. Со самото Крштение со кое станала член на Црквата, секоја крстена личност е повикана, според даровите на едниот Свет Дух, да служи во заедницата (сп. 1Коринтјани 12, 4-27). Така преку заедничарењето, според кое сите членови се во служба еден на друг, помесната Црква веќе се јавува како „синодална“ или „соборна“ во својата структура. Оваа „синодалност“ не се пројавува само во односите на солидарност, заемно помагање и надополнување што разните свештенички служби ги имаат меѓусебно. Секако, презвитериумот е соборот на Епископот (сп. св. Игнатиј Антиохиски, „До Тралианците“, 3), а ѓаконот е неговата „десна рака“ (Didascalia Apostolorum, 2, 28, 6), така што, според препораката на св. Игнатиј Антиохиски, сè да се прави во согласност (сп. „До Ефесјаните“, 6). Но, синодалноста ги вклучува и сите членови на заедницата во послушание на Епископот, кој е protos и глава (kephale) на помесната Црква, што го бара црковната заедница. Во согласност со Источното и Западното предание, активното учество на мирјаните, мажи и жени, на монасите и ракоположените, се остварува во епархијата и парохијата, преку многу облици на служење и мисија.
21. Даровите на членовите на заедницата го имаат своето потекло во едниот Свет Дух и се насочени кон ползата на сите. Овој факт фрла светлина и на барањата и на ограничувањата на власта на секој еден во Црквата. Не би требало да има ниту пасивност ниту замена на функциите, ниту запоставување ниту доминација на еден над друг. Сите дарови и служби во Црквата се спојуваат во единство под службата на Епископот, кој ѝ служи на евхаристиската заедница на помесната Црква. Сите се повикани да се обноват од Светиот Дух во Светите Тајни и да одговорат во постојано покајание (metanoia), за да се обезбеди нивното заедничарење во вистина и добротворност.
2. Регионално ниво
22. Бидејќи Црквата се открива како соборна во synaxis-от на помесната Црква, оваа соборност треба вистински да се пројави во општењето со другите Цркви што исповедаат иста апостолска вера и имаат иста основна црковна структура, почнувајќи од оние соседните заради заедничката одговорност за мисијата во нивниот регион (сп. Минхенски документ, III, 3, и Валамски документ, 52 и 53). Општењето меѓу Црквите се пројавува во хиротонијата на Епископите. Хиротонијата се прави според канонскиот поредок од три или повеќе Епископи, или најмалку од двајца (сп. Никеа I, Канон 4), кои дејствуваат во името на Епископатот и на народот Божји, самите имајќи ја примено службата од Светиот Дух со полагањето раце во апостолското прееемство. Кога ова е сторено во согласност со каноните, се обезбедува заедничарење меѓу Црквите во вистинската вера, Светите Тајни и црковниот живот, како и живо заедничарење со претходните поколенија.
23. Ова дејствително заедничарење меѓу неколку помесни Цркви, од кои секоја е Соборна Црква во определено место, се пројавува преку одредени дејствија: учеството на Епископите од соседни катедри (столици, седишта) во хиротонијата на Епископ на помесна Црква; покана на Епископ од друга Црква да сослужува при synaxis-от на помесната Црква; можноста за верните од други Цркви да се причестат од Евхаристиската Трпеза; размена на писма по повод хиротонија; и обезбедување на материјална помош.
24. Канон кој важи и на Исток и на Запад го одразува односот меѓу помесните Цркви во еден регион: „Епископите од секоја област (ethnos) треба да го признаат првиот (protos) меѓу себе, и да го сметаат за своја глава (kephale), и да не прават ништо поважно без негова согласност (gnome); секој Епископ може да го прави само она што ја засега неговата епархија (paroikia) и териториите потчинети на неа. Но првиот (protos) не може да прави ништо без согласноста на сите. Зашто, на овој начин ќе преовладува едноумието (homonoia) и Бог ќе се прославува преку Господ во Светиот Дух“ (Апостолско правило 34).
25. Ова правило, кое се појавува во неколку облици во канонското предание, се применува на сите односи меѓу Епископите од еден регион, било да се тие од одредена област, митрополија или патријаршија. Неговата практична примена може да се види во синодите или соборите на одредена област, регион или патријаршија. Фактот дека составот на регионален синод е секогаш во суштина епископски, дури и кога вклучува други членови на Црквата, ја открива природата на синодалната власт. Само Епископите имаат одлучувачки глас. Власта на синодот се заснова на природата на самата епископска служба и ја одразува соборната природа на Епископатот во службата на заедничарењето на Црквите.
26. Синод (или собор) самиот по себе подразбира учество на сите Епископи од еден регион. Раководен е од принципот на консензус или едноумие (homonoia), што се одбележува со евхаристиско сослужување, како што е предвидено со славословието на крајот од гореспомнатото Апостолско правило 34. Сепак останува фактот дека секој Епископ во својата пастирска грижа е судија и е одговорен пред Бога за работите од неговата епархија (сп. св. Кипријан, Ep. 55, 21); така тој е пазител на соборноста на неговата помесна Црква и мора секогаш да внимава да се застапува за соборно заедничарење со други Цркви.
27. Следствено, регионален синод или собор нема никаква власт над други црковни региони. Меѓутоа, размената на информации и советување меѓу претставници на повеќе синоди е пројава на соборност, како и на онаа братска заемна помош и милосрдие што треба да е правило меѓу сите помесни Цркви, за што поголема општа полза. Секој Епископ е одговорен за целата Црква заедно со сите свои собраќа-Епископи во едната и иста апостолска мисија.
28. На овој начин неколку црковни области постигнаа зацврстување на заедничката одговорност. Ова беше еден од факторите што придонесоа до појава на патријаршии во историјатана нашите Цркви. Патријаршиските синоди се раководат од истите екклисиолошки принципи и истите канонски норми како и обласните синоди.
29. Во подоцнежните векови, и на Исток и на Запад, се развија извесни нови конфигурации на општење меѓу помесните Цркви. На христијанскиот Исток беа основани нови патријаршии и автокефални Цркви, а во Латинската црква во последно време се појави одреден облик на групирање на бискупи – Бискупски конференции. Ова не се, од еклисиолошка гледна точка, само административни потподелби: тие го одразуваат духот на заедничарење во Црквата, притоа истовремено почитувајќи ја различноста на култури на човештвото.
30. Всушност, регионалната синодалност, без оглед на нејзините контури и канонска регулатива, покажува дека Црквата Божја не е заедничарење на личности или помесни Цркви отсечени од нивните човечки корени. Бидејќи е заедница на спасение и бидејќи ова спасение е „возобнова на созданието“ (сп. Св. Иринеј, Adv. Haer., 1, 36, 1), таа ја опфаќа човековата личност во сè што ја поврзува со човековата реалност како создадена од Бога. Црквата не е само колективност од индивидуи; таа е составена од заедници со различни култури, истории и социјални структури.
31. Во групирањето на помесните Цркви на регинално ниво, соборноста се пројавува во својата вистинска светлина. Таа е пројава на присуството на спасението не во недефиниран универзум туку во човештвото какво што Бог го создаде и доаѓа да го спаси. Во тајната на спасението, човечката природа е истовремено земена во сета нејзина полнота и исцелена од она што гревот го има внесено во неа преку самодоволноста, гордоста, недовербата кон други, агресивноста, љубомората, зависта, лажноста и омразата. Црковната koinônia е дарот со кој сето човештво е поврзано во едно, во Духот на воскреснатиот Господ. Ова единство, создадено од Духот, далеку од пад во униформност, ја наложува и така ја запазува – и, на одреден начин, зголемува – разновидноста и особеноста.
3. Универзално (вселенско) ниво
32. Секоја помесна Црква е во општење не само со соседните Цркви туку со севкупноста на помесните Цркви, со оние што денес се присутни во светот, оние што постојат од почетокот, и оние што ќе постојат во иднина, и со Црквата која е веќе во слава. Согласно волјата Христова, Црквата е една и неделива, истата секогаш и секаде. И двете страни исповедаат, во Никејско-цариградскиот Симбол на верата дека Црквата е една и соборна. Нејзината соборност ја опфаќа не само различноста од човечки заедници туку и нивното фундаментално единство.
33. Јасно е, значи, дека една иста вера треба да се исповеда и живее во сите помесни Цркви, истата единствена Евхаристија треба да се служи секаде, и една и иста апостолска служба треба да функционира во сите заедници. Помесна Црква не може да го менува Симболот на верата утврден од Вселенските Собори, иако Црквата треба секогаш „да даде соодветни одговори на нови проблеми, одговори засновани на Писмото и во согласност и суштински континуитет со претходните формулирања на догмите“ (Документ од Бари, 29). Исто така, помесна Црква не може со еднострана одлука да смени фундаментална работа во врска со обликот на некоја служба, и ниедна помесна Црква не може да служи Евхаристија во самоволна одвоеност од други помесни Цркви без да му нанесе сериозна штета на црковното заедничарење. Во сите овие работи погодена е врската на самото заедничарење – значи, самото битие на Црквата.
34. Заради ова заедничарење сите Цркви, преку канони, регулираат сè што е поврзано со Евхаристијата и Светите Тајни, свештеничките служби и ракополагањето, и предавањето (paradosis) и учењето (didaskalia) на верата. Јасно е зошто се потребни канонските правила и дисциплинските норми во овој домен.
35. Во текот на историјата, кога се појавувале сериозни проблеми што го засегале вселенското општење и едноумие меѓу Црквите – во однос на автентичното толкување на верата, или на службите и нивниот однос кон севкупната Црква, или на општата дисциплина што ја бара верноста кон Евангелието – се прибегнувало кон Вселенски Собори. Овие Собори биле вселенски не само затоа што собирале на едно место Епископи од сите региони и особено Епископи од петте најголеми катедри: Рим, Цариград, Александрија, Антиохија и Ерусалим, според древниот поредок (taxis). Вселенски се и затоа што нивните свечени доктринарни одлуки и нивните заеднички формулации на верата, особено по клучни прашања, се задолжителни за сите Цркви и сите верници, за сите времиња и места. Затоа одлуките на Вселенските Собори остануваат нормативни.
36. Историјата на Вселенските Собори покажува кои се нивни посебни карактеристики. Оваа материја треба да се проучи понатамошно во нашиот иден дијалог, земајќи ја предвид еволуцијата на црковните структури за време на последните векови на Исток и на Запад.
37. Вселенскиот карактер на одлуките на еден Собор се признава преку процес на прифаќање, краткотраен или долготраен, според кој народот Божји како целина – по пат на размислување, расудување, дискусија и молитва – ја признава во овие одлуки едната апостолска вера на помесните Цркви, која секогаш била и е иста и чии учители (didaskaloi) и пазители се Епископите. Процесот на прифаќање различно се толкува на Исток и Запад, според нивното соодветно канонско предание.
38. Соборноста или синодалноста, значи, подразбира многу повеќе од собрание на Епископи. Таа ги вклучува и нивните Цркви. Првите се носители и гласноговорници на верата на вторите. Одлуките на Епископите мора да бидат примени во животот на Црквите, особено во нивниот литургиски живот. Секој Вселенски Собор примен како таков, во полната и правилна смисла, следствено е пројава и служење на заедничарењето на целата Црква.
39. За разлика од епархиските и регионалните синоди, вселенскиот собор не е „институција“ чија зачестеност може да се регулира со канони; тоа е попрво „случување“, kairos, вдахновено од Светиот Дух, Кој ја води Црквата така што да ги создаде во неа институциите што ѝ се потребни и што одговараат на нејзината природа. Оваа хармонија меѓу Црквата и соборите е толку длабока што, дури и после расколот меѓу Исток и Запад што оневозможи свикување на вселенски собори во вистинското значење на терминот, и двете Цркви продолжија да свикуваат собори при секоја појава на сериозни кризи. Овие собори ги собираа Епископите на помесните Цркви во општење со Римската столица или, иако сфатено на поинаков начин, со Цариградскиот престол. Во Римокатоличката црква некои од овие собори одржани на Запад беа сметани за вселенски. Оваа состојба, која ги обврзуваше и двете страни од христијанството да свикуваат собори соодветни за секоја од нив, даваше предност на разидувањата што придонесе кон меѓусебно отуѓување. Средството што ќе овозможи воспоставување на вселенски консензус мора да се бара.
40. За време на првото илјадалетие, вселенското заедничарење на Црквите во вообичаениот тек на настани било одржувано преку братските односи меѓу Епископите. Овие односи, меѓу самите Епископи, меѓу Епископите и нивните соодветни protoi, како и меѓу protoi-те меѓусебно во канонскиот поредок (taxis) посведочен од древната Црква, го негувале и зацврстувале црковното заедничарење. Историјата ги забележала советувањата, писмата и молбите до поголемите катедри, особено до Римската, кои живописно ја изразуваат солидарноста што ја создава koinônia-та. Канонските одредби како што е вклучувањето на имиња на Епископи од главните катедри во диптисите (помениците) и изјавувањето верба на патријарсите при нивен избор, се конкретни изрази на koinônia-та.
41. И двете страни се согласуваат дека овој канонски taxis бил признат од сите во периодот на неподелената Црква. Понатаму, се согласуваат дека Рим, како Црква која „председава во љубов“ според израз на св. Игнатиј Антиохиски („До Римјаните“, Пролог), го заземал првото место во taxis-от, и дека Римскиот епископ затоа бил protos меѓу патријарсите. Но, тие не се согласуваат по однос на толкувањето на историските факти од овој период во врска со привилегиите на Римскиот епископ како protos, прашање кое и во првото илјадалетие било различно сфаќано.
42. Соборноста на универзално ниво, остварена во вселенските собори, подразбира активна улога на Римскиот епископ, како protos на Епископите од главните катедри, во консензусот на собраните Епископи. Иако Римскиот епископ не ги свикувал вселенските собори од првите векови и никогаш лично не ги возглавувал, тој сепак бил вклучен најдиректно во процесот на донесување одлука од страна на соборите.
43. Приматот и соборноста се во меѓусебна зависност. Затоа приматот на различните нивоа од животот на Црквата – локалното, регионалното и универзалното – мора секогаш да се разгледува во контекст на соборноста, како што и соборноста во контекст на приматот.
(продолжува)
- Еклисиолошки и канонски последици од Светотаинската природа на Црквата (I дел)
- Еклисиолошки и канонски последици од Светотаинската природа на Црквата (III дел)