Скопје, 29 ноември 2018 лето Господово- храм на св.Јован Кртител, н.Капиштец, молитвено се прослави споменот на:
Светиот апостол и евангелист Матеј
Светиот апостол и евангелист Матеј
ереј Игор Острески:СВЕТИОТ АПОСТОЛ И ЕВАНГЕЛИСТ МАТЕЈ
Светиот апостол и евангелист Матеј по потекло бил од Галилеја, а по професија митар - цариник. Пред да стане апостол се викал Левиј. Живеел и работел во Капернаум на брегот од Тиверијадското море. Името Матеј го добива при повикувањето за апостол од Господ Исус Христос, кое значи „ДАР ОД БОГА". И покрај својата служба која била презирана и потценувана, тој сепак се одликувал со голема чесност и добро срце. Кога го виде Господ Исус Христос Матеј како собира данок веднаш му рекол: „Врви по Мене! и тој стана и тргна по него". Господ Исус Христос знаел дека душата на митарот Матеј е чиста, па затоа го повикал да го прифати вистинското учење.
Матеј со радост и длабоко внимание ги слушал зборовите на Спасителот, па Го поканил кај него дома, а воедно поканил и некои свои блиски пријатели и сродници. Господ милостиво проповедал во домот на Матеј. Но гордите фарисеи започнале да Го осудуваат Спасителот и на неговите ученици им рекле: „Зошто вашиот Учител јаде и пие со митници и грешници"? Кога го чул тоа Господ Исус Христос им рекол: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните". Господ Исус Христос дошол на земјата како духовен лекар па затоа ги повикува сите на покајание и им простува на оние кои искрено се каат. Од тогаш Матеј секогаш бил со Христа во бројот на 12-те апостоли. Свети Димитриј Ростовски вели дека Матеј бил брат на Јаков Алфеев.
По Христовото воскресение и по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, апостол Матеј, заедно со апостолите, го проповедал Евангелието во Ерусалим, потоа заминал во Абисинија, па преку Арабија и Персија во Мидија. Во Етиопија го поставил својот следбеник Платон за епископ, а тој се повлекол на мирен и спокоен живот на гората каде му се јави Господ Исус Христос. Во Етиопија ги крсти жената и синот на кнезот на таа земја, заради што кнезот се разгневи и испрати стража да го доведат Матеј пред него на суд. Војниците отидоа и се вратија кај кнезот говорејќи дека го слушнале гласот Матејев, но никако со очите не можеле да го видат Светиот апостол. Тогаш кнезот испрати друга стража. Кога и оваа стража му се приближи на апостолот, него го огреа небесна светлина толку силна, што војниците не можеа да гледаат во него, но исполнети со страв го фрлија оружјето и се вратија. Тогаш кнезот сам појде. Кога му се приближи на Св. Матеј, овој заблеска со таков блесок, што кнезот одеднаш ослепе. Но Светиот апостол имаше милостиво срце, Му се помоли на Бога и кнезот прогледа - за жал прогледа само со телесните очи, не и со духовните. Тој го фати Св. Матеј и го подложи на лути маки. Имено, на двапати ложеше голем оган на неговите гради. Но силата Господова го сочува жив и неповреден. Тогаш апостолот Му се помоли на Бога и Му го предаде својот дух. Кнезот нареди и телото на маченикот го положија во оловен ковчег, па го фрлија во морето. Светителот му се јави на епископот Платон и му кажа за своето тело и за сандакот каде се наоѓаат. Епископот отиде и го донесе ковчегот со телото на Св. апостол Матеј. Кога го виде ова ново чудо, кнезот се крсти и го прими името Матеј. Потоа овој кнез ја остави сета светска суета и прими презвитерски чин, па богоугодно и послужи на Црквата. Апостол Матеј ја исполнил пораката за проповед на Евангелието кај „сите народи" и кон Христа обратил многумина. По молба од апостолите, апостол Матеј го напишал своето Евангелие осум години по воскресението на Спасителот. Ова евангелие е напишано на еврејски јазик, а до нас е зачувано на грчки јазик.
Свети Климент Александриски ни соопштува дека Матеј бил строг аскет, се хранел само со семиња, плодови и зеленчук. Нашата света и православна црква евангелистот Матеј го празнува на 29-ти Ноември.
ереј Игор Острески
Преминпотал (к.т.)
Друго:
- Божествена Литургија во храмот на св.Јован Крстител, н.Капиштец,Скопје (29.11.2018)
- Божествена Литургија во храмот на св.Јован Крстител, н.Капиштец,Скопје (27.11.2018)