Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Возљубени браќа и сестри, она што се случи во домот на Симон фарисејот навистина е полно со симболи и со значења, зошто почитта и смирението коешто го покажа оваа грешна жена кон Господа, треба да не поттикне на вистинска ревност.
Што значат тие нешта што таа ги направи? Тоа што со солзи ги обливаше нозете на Спасителот, тоа што со косата нејзина ги истри нозете на Спасителот, тоа што со алабастерен сад ги помаза Неговите нозе.
Најпрвин тоа е подготвување на Спасителот за погребение. И Самиот Господ на едно друго место вели: Секогаш кога ќе се зборува за жртвата којашто Господ ја даде од љубов кон нас, ќе се зборува и за оваа жена којашто Го подготви Неговото тело за погребение.
Меѓутоа овие нешта имаат и многу длабоко символичко значење. Солзите на оваа жена се солзите на покајанието коешто ние постојано треба да го имаме пред Господа. Тоа што со нејзината коса ги избриша нозете на Спасителот , тоа значи дека целата онаа убавина којашто ја имаме во себе, онаа убавина којашто Господ ни ја даде давајќи ни Го Својот образ, треба да Му ја принесеме на Бога смирено и кротко. И конечно алабастрениот сад со миро, она сострадание и онаа љубов којашто треба да ја имаме кон Господа и кон сето Негово создание, онака како што и Тој ја имаше кон нас кога се воплоти заради нас, кога страдаше заради нас, кога умре и воскресна заради нас.
Сите тие нешта се сместени во овие едноставни гестови коишто оваа жена од покајание ги направи кон Господа. И токму затоа и Тој, за да го поучи не само Својот домаќин туку и сите оние што седеа на трпезата им ја кажа споредбата помеѓу оние двајца луѓе, коишто му беа должници на заемодавецот.
Зашто сите ние сме должници на Нашиот Господ. И навистина како што вели премудро Спасителот, оној кому му се опростуваат многу гревови има голема љубов, меѓутоа исто така и оној којшто има навистина голема љубов му се опростуваат многу гревови. Тие нешта секогаш одат заедно.
На тој начин и ние треба да постапуваме. Да ја негуваме и да ја развиваме нашата љубов кон Господа и кон сето Негово создание , бидејќи тоа е и причина за и Господ да ни Ги прости нашите гревови. Амин!
+Митрополит Методиј
Извор:АКМПЕ
2008 лето Господово