![jubilej.bogoslovskif.jpg jubilej.bogoslovskif.jpg](/images/stories/vesti07/jubilej.bogoslovskif.jpg)
Скопје, 24 декември (според -МИА) - Православниот богословски факултет „Св.Климент Охридски“ во Скопје денеска ја одбележува 30-годишнината од постоењето. По тој повод на Факултетот во салата „Архиепископ Доситеј“ се одржа свеченост на која присуствуваа поглаварот на Македонската православна црква г.г.Стефан, , владицитe: Митрополит Полошко- кумановски г. Кирил, Митрополит Преспанско -пелагониски г. Петар, Митрополит Европски г. Пимен, Митрополит Повардарски г. Агатангел, митрополит г. Горазд, отци, ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Ѓорѓи Мартиновски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници Звонко Муцунскиуниверзитетски професори, академици и студенти.
- Во ова 2007 лето Господово ние одбележуваме 30 години од постоењето на Православниот богословски факултет во оваа наша, современа форма (1977-2007) или 1121 година од богословските студии кои биле основа на Светиклиментовиот универзитет во Охрид (886-2007), рече во поздравното обраќање деканот на факултетот Ратомир Гроздановски.
Светиот архиерејски Синод на МПЦ, посочи Гроздановски, во 1977 година донесе одлука за отворање Богословски факултет и со тоа црквата создаде највисока духовно-просветна и научна институција за високо образование.
Прв декан на Факултетот е тогашниот митрополит Повардарски Гаврил, а подоцнежен трет поглавар на МПЦ. Први професори на Факултетот беа најистакнатите црковно-просветни дејци и професори од Богословијата.
- Овде се развива значајна црковно-просветна, духовна, едукативно-воспитна и научна дејност. Годинава јубилејот го одбележуваме и со тоа што отворивме постдипломски магистерски студии. Ова е големо и многу значајно постигнување. Тоа сведочи за подготвеноста и изграденоста на Факултетот, како и за неговата способност да ги согледа и да одговори на потребите на Црквата, во нејзиното дејствување, рече Гроздановски, најавувајќи дека Факултетот за неколку дена ќе ја отвори и својата интернет страница.
На Православниот богословски факултет досега се запишале 1.229 студенти од кои во изминатите 30 години дипломирале 248. На Факултетот се запишани 259 студентки од кои дипломирале 46.
Во рамките на програмата за одбележување на 30-годишнината од постоењето на Факултетот, 59 дипломирани теолози добија дипломи и беше благословен празничен леб.
На свеченоста настапи македонскиот бард Борис Трајанов, а беше отворена изложба на македонска иконографија на која се претставени 15 дела од тројцата македонски современи зографи Ѓоко Цветковиќ, Венко Цветков и Анѓел Миов. рп/паг/