Скопје, 16 Септември 2010
Во рамките на манифестацијата Денови на руската духовна култура во Република Македонија, вчеравечер, со свој концерт во Соборниот храм „св. Климент Охридски“, се претстави Московскиот синодален хор. На концертот присуствуваа Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, Митрополитот Преспанско – пелагониски и администратор Австралиско – Новозеландски г. Петар и Митрополитот Дебарско – Кичевски г. Тимотеј. Покрај црковните великодостоинственици беа присутни и дел од членовите на МАНУ, како и видни професори, верници и љубители на руската духовност и уметност.
Инаку синодалниот хор е оформен во Москва во 1721 година и е еден од најстарите професионални хорови на Русија. Покрај духовна музика, хорот реализира и руски народни песни и песни со световна содржина. Во свое време делотворно учество имал и познатиот класичар Петар Илич Чајковски.
Денес, хорот покрај учеството во свечените богослужби, настапува со бројни концертни програми во меѓународни црковни проекти.