На ден 23 јуни 2010 година, на Институтот за социлошки и политичко-правни истражувања во Скопје магистрираше монахиња Синклитикија од манастирот на Пресвета Богородица Елеуса во Велјуса.
Целта на магистерската работа е прикажување на организацијата и структурата на монашкиот живот во манастирите во Македонија, со што би се добиле јасни, конкретни и доследни информации за тоа што всушност претставува монаштвото во својата целина и што претставува манастирот воопшто.
Овој труд содржи два дела, еден теоретски, односно што говорат Светите Отци и теоријата на православието воопшто, за организацијата на монашкиот живот во манастирите, и втор дел емпириски, каде преку изјавите на монасите, кои се земени како испитаници, ќе ја прикажам организацијата и структурата на монашкиот живот во македонските манастири.
Генерална цел на трудот претставува приказ и елаборација на структурата и организацијата на монашкиот живот во МПЦ–ОА.
Посебни цели:
- Да се дефинира основната појмовна рамка.
- Да се даде структурна рамка на монашкиот живот во Р.Македонија.
- Да се елаборира дневната организациската рамка на монашкиот живот (манастир).
- Да се определат специфичностите поврзани со современиот монашки живот во Р.Македонија.
- Да се осознаат можностите за негов стратешки развој.
Општа хипотеза:
Монаштвото се структуира и организира согласно традиционалниот хиерархиски систем на православието.
Современите општествени услови малку влијаат на структуирањето и организирањето на монаштвото денес.
Трудот е изработен со употреба на дескриптивниот метод, надополнет со емпириска база на податоци за искуството, ставовите и размислувањата на монасите и монахињите за монашкиот живот.
Со дескриптивниот метод се објаснува и анализира структурата и организацијата на монашкиот живот во МПЦ–ОА.
Со методолошката техника на групно интервјуирање, се обезбедуваат емпириски податоци за искуството, ставовите и размислувањата на монасите и монахињите за различни аспекти на монашкиот живот.
Заклучни согледувања
Структуирањето и организирањето на монашкиот живот се одвива според православниот традиционално етаблиран норматив.
Според својата структура и организација, монаштвото претставува начин на евангелски живот, кој се темели на трите завети.
Македонското монаштво и манастирскиот живот се организирани според Светото Предание, а монашкиот живот е општежителен.
Манастирот претставува затворена средина, а општественото опкружување е со многу мало влијание.
Клучна улога во регрутирањето и следењето на понатамошен развој на монасите, има духовниот водач, а причината за доаѓање во манастир е љубовта кон Бога.
Стратешки осмислениот и усогласен развој, како и неговата соодветна јавна презентација, постепено би воделе кон зачувување и развој на монаштвото, на неговото сведочење и живот според Светото предание.