Секој земјороден со Духот просветен нека заигра: нека торжествува естеството на бесплотните умови, почитувајќи го свештеното торжество на Богомајката, и нека воспева: Радувај се, себлажена Богородице, чиста Приснодево.
Од молебниот канон на Пресвета Богородица
Благодатното патување низ светата четириесетница, не води пополека кон предворјето на невечерната светлина на Воскресението. Боговдахновените творби на светите отци, нивните песнопенија,молитвените стихови,не издигнуваат мисловно до небесните височини давајќи ни за момент да вкусиме од насладата на прекрасното соединување со небесниот хор на слуги Божји, како и Царицата Мајка а пред се соединување со самиот Христос Бог.
Црквата отсекогаш ја воспевала Божјата Мајка со најпрекрасни химни, како знак на благодарност на нејзиното застапништво пред Бога за нас, како и за нејзината неизмерна љубов кон родот човечки. Таа е Лествицата по која ние земните постојано се искачуваме кон небото.
Како во скапоцена облека исткаена со златни везови, нанижана со раскошни бисери, се украси Богомајката во својата акатистна благодарствена пофалба од чедата свои од светата Пречистантска градина. Акатистот на Пресвета Богородица, како Богослужба со која се крунисува молитвениот великопосен неделен подвиг, зазема посебно место во литургискиот живот на нашите Обители. Тоа е настан што сите нас нè соединува во еден радосен и благодарствен собор, околу Онаа преку Која ни дојде „вечното веселие“. И тогаш сè се менува, сè добива еден посебен, свештен тон.
Со особена љубов кон нашата света обител, и кон самата нејзина Заштитничка, нашиот архипастир г. Тимојтеј, благоизволи овојпат да чиноначалствува во молебниот собор кон Богородица, заедно со браќата свештенослужители при Дебарско-Кичевската епархија и со своето во Христа сестринство.
Двојната благодат излеана врз нас од денешното богослужение, нека ни биде поткрепа во текот на постот, за да ги минеме останатите денови во слава и чест на Бога Отецот. Ги просиме молитвите на нашиот богољубив архипастир г.Тимотеј, по неговите молитви Богородица да ја сочува оваа света обител од секакви искушенија, да не заштити со нејзиниот омофор на љубовта, вгнездени во нејзината мајчинска прегратка спокојно да го препловиме разбрануваното море на овој привремен живот, та да преминеме во вечната радост на нејзиниот возљубен Син, Господ наш Исус Христос, Нему слава во вековите.
Амин!
https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/akatist-vo-prechista/