Недела на Свети Григориј Палама во Рајчица (28.03.2021)
Бодриот јазик твој за учителство, одекнувајќи во ушите на срцата наши, душите на мрзливите ги крева и со твоите вдахновени зборови, се наоѓа скала која од земјата кон небото вознесува. Затоа Григорие, чудо на Тесалија, не престанувај да се молиш на Христа, оние што те почитуваат да ги просветли со Божествената светлина.
(Слава на стиховните од празникот)
Денес ние верните сме повикани да му оддадеме пофалба на големиот учител на благодатта и молитвата, кој со дело и слово ни покажа дека кога молитвата е вистински умносрдечен разговор со Бога, во нашата душа се случува едно чудесно преображение, се раѓа нов човек и ние по благодат можеме да ја видиме Божествената Светлина, да пребиваме во огнот на Божествената љубов, да гориме со духот, како некогаш несогорливата капина. Бог ја избра токму неговата просветлена и од молитва облагодатена душа да ја одбрани од еретиците вистината за благодатта на Светиот Дух и на нетварната Таворска светлина, односно за Своите несоздадени енергии со кои ги озарува срцата, по мерата на нашето очистување. Оти тие се секогаш таму каде Он пребива, во Неговиот највозљубен дом, чистото човечкото срце. Озарени од таа светлина стануваме вистински богослови кои Го сведочат Бога, не затоа што знаат за Него, туку затоа што опитно Го спознале, како што Самиот Христос вели: Ги знам Моите и Моите ме знаат Мене (Јован 10,14).
Неговото моќно сведоштво за преобразувачката сила на благодатта, кое како труба силно одекна од рајчичката духовна тврдина, во оваа втора недела од светиот Пост, ги разбуди за поголем молитвен подвиг како душите на присутните, така и на сите верни кои во тишината на своите домови со љубов го слават овој голем проповедник на богословието. А богопросветленото и длабоко созерцателно слово на нашиот сакан Старец, Антанискиот епископ г. Партениј, како една таинствена нишка нè сврза со богословието на древните Отци на Црквата, истовремено отворајќи ни го видикот за начинот на борба со денешните зла, кои страшно ја ослабеле и исполниле со страв човечката душа:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Овој ден, мили мои, втората недела од Светиот и Велик Пост, Црквата Божја го посветила на Светиот отец наш Григориј Палама, Солунскиот Чудотворец. Денес, меѓутоа, не го прославуваме неговиот спомен според денот на неговото упокојување – како што вообичаено се слават сите Светии, според денот на нивното упокојување, т.е. раѓање за Царството Небесно – туку во текот на целата седмица и особено во денешниот ден си спомнуваме за величието на неговото Божествено богословие.
Празникот на овој голем Светител Божји, според устројството на црковниот богослужбен типик, доаѓа веднаш по Првата недела на Светата Четириесетница, во која, пак, ја прославивме победата и торжеството на православната вера. Во таа Недела на Православието си спомнавме поконкретно за Светите Отци од Седмиот Вселенски Собор, коишто потврдија и утврдија дека Синот и Словото Божјо зеде тело, се воплоти, стана човек во сè еднаков со нас, освен во гревот. Всушност, суштинската теологија на тој многу значаен празник е дека недостижниот, невидлив и надразумен Бог, со воплотувањето и вочовечувањето на Христовата личност, на Словото Божјо, за нас стана видлив, опиплив. Или, со други зборови, темелниот заклучок на овој Собор е дека „Словото стана тело, за телото да стане слово“, што значи дека целта на човековото суштествување е, имено, обожението, станувањето бог по благодат. Корифеј, пак, и најгромогласен возвестител на оваа богооткриена и спасоносна вистина бил славниот Солунски Архиепископ и Чудотворец Свети Григориј Палама и токму затоа Црквата Христова оваа Втора недела му ја посветила нему.
Имено, во негово време, кон средината на 14 век, во Источното Римско Царство, на Балканот и пошироко, се појавила една широка теолошка расправа, што ги зафатила не само црковните кругови, ами се простирала од обичните народни пазаришта, па сè до царските дворци. Главното прашање било околу спознанието на Бога, т.е. колку човек може да Го спознае Бога и да општи со него, до која духовна висина може да стигне и дали тој може воопшто да ја достигне таа мера, што да стане обожено битие, т.е. бог по благодат.
Во тоа време на Запад преовладувало мислењето втемелено на човечката логика, на хуманистичкото рацио, на схоластичкото учење вдахновено од философијата на Аристотел. Според тоа учење, Божественото Битие е неискажливо, неспознатливо, недостижно, невидливо, несфатливо – и тоа навистина е така, па следствено, за човекот не е возможно да се приопшти кон Бога. Како би можел човекот, велеле претставниците на западната схоластика, да општи, да заедничари, да се соединува со Бога, кога Неговата суштина не го дозволува тоа? Единствено, многу учените црковни луѓе, преку ерудиција и надградување и вежбање на својот интелект, можат донекаде да дојдат до спознание на одредени Божји квалитети и ништо повеќе, додека, пак, за обичните луѓе Бог останува недостижна апстракција. Главните носители и пропагатори на ваквото учење на византиско тло биле калабрискиот ерудит Варлаам и неговиот ученик Акиндин од Македонија.
Светиот Григориј Палама уште од млади години го засакал монашкиот живот и долго време се подвизувал во монашкиот чин на Света Гора, каде го живеел искуството на Светите Отци и мистичната теологија на Црквата, стекнувајќи личен опит во откровението на небесните таинства. По Божја промисла, во Солун бил ракоположен за свештеник, а подоцна и за епископ. Неколку години по неговата хиротонија во свештенички чин, ја започнал борбата за одбрана на православната вера и учењето на Отците на Црквата. Може слободно да се каже – нешто што претставува апсолутна вистина – дека учењето на Свети Григориј е, пред сè, библиско, богооткриено, потврдено од животот на Црквата и на Светите Отци. Овој великан на возвишеното христијанско богословие бил од Господа благословен, и особено од Пресветата Владичица Богородица, на Која ревносно ѝ служел во Света Гора и со голема љубов ѝ се молел. Пречистата Богомајка измолила од Словото Божјо, својот Син, да му даде на овој Божји човек силно слово, за да може да го утврди Божественото учење на православната Црква, востановено од Бога уште пред создавањето на светот и на човекот, во Божјиот спасителен Домострој. Така, со своите богоблагословени зборови, Свети Григориј Палама започнал да докажува дека целта на човековиот живот не е ништо друго, освен обожението, станувањето син Божји според благодат. Овој ревносен и енергичен проповедник на Вистината, предизвикал два помесни собори во Цариград, едниот во 1341 и другиот во 1351 година. На овие собори се докажало и утврдило неговото учење, коешто, на некој начин, го сублимирало целото искуство на Црквата и на Отците и библиското откровение, дека човекот може и треба да достигне до големи духовни висини; да стане богосоединет, бог по благодат, како што и Самиот Христос во Евангелието вели: Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен! (Матеј 5,48)
Е сега, согласно она што претходно го спомнавме, се поставува прашањето: ако Бог е невидлив, неискажлив, несфатлив, недостижен, непоимлив, тогаш како ние би можеле да се соединиме со Него? Одговорот на ова прашање јасно ни го дава Свети Григориј Палама, кој објаснува дека Бог е истовремено и суштина, но и несоздадени енергии. Да, Бог како суштина останува за нас несфатлив и недостижен, но преку Неговите несоздадени Божествени енергии, Он станува за нас и достижен и причастен. Најдобар пример за поедноставно да го објасниме ова е Сонцето. Има ли некој што некогаш го допрел Сонцето? Се разбира не, бидејќи никој не може ни од многу далеку да му се приближи. Меѓутоа, ние сепак го гледаме Сонцето и не само што ја чувствуваме неговата енергија, туку и сме во општење со него, преку неговите зраци. Тоа ја оживотворува Земјата, нè држи во живот сите нас. Слично се случува и со Бог, Кого ние, преку несоздадените Негови енергии, Го чувствуваме и приопштувајќи се со нив, ние воедно се соединуваме со Бога. Значи, да, јас можам да Го гледам Бога лице в лице – се разбира, не Неговата суштина, туку Неговата благодат што е нераскинлив дел од Него.
И не само што можам, туку и по секоја цена треба да Го видам Бога во срцето свое, и тоа уште за време на овој живот. Ова е особено важно. Денес многумина Христијани си мислат: да, ќе Го видиме Бога еден ден во Неговото Царство. Но, доколку не Го гледаме уште сега, во овој живот, доколку не се приопштуваме кон Неговите енергии, тогаш не ќе можеме да го видиме лицето Божјо ни отаде, во Неговото Царство. Уште додека сме на земјата ние треба да се приопштиме со Него, преку Неговите Божествени несоздадени енергии, кои, пак, се стекнуваат преку покајанието, молитвата, добрите дела, севкупниот светотаински живот во Црквата и преку Светата Причест. Гледањето на Бога се случува во срцето на човекот. „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!“ (Матеј 5,8) – вели Божествената уста на Спасителот. Затоа ако не го очистиме своето срце од страстите и пристрасноста кон нештата од овој свет, тогаш во другиот нема да имаме можност да го направиме тоа. А гревовите и страстите се пречка да го гледаме пречистото лице Господово. Ете зошто неопходно е тоа боговидение, тоа благодатно соединување со Бога, да започне уште одовде.
Многумина Христијани денес се задоволуваат само со почетниот степен на духовниот живот – со основното покајание и застануваат тука. А поставена ни е таква чудесна и Божествена мерка, спасоносна за нас, бидејќи Бог толку нè возљубил, што нè повикува да бидеме како Него, богови по благодат. Повеќето верници, за жал, честопати го сведуваат духовниот живот на тоа да се исповедаат – честопати дури и механички, без чувства, без покајание и искреност – и потоа да се причестат и си мислат дека ја завршиле својата работата, дека нивниот однос со Бога сега е во ред. Но не е така, мили мои. Покајанието е само вратата; понатаму претстои и пат до обожението, до нашето соединување со Бога. Потребно е, значи, постојано да работиме за да бидеме заедно со Него, во нашите мисли, во нашите дела; Он да живее во нашето срце секогаш. Тогаш ќе го живееме вистинското покајание и ќе бидеме достојни за Светата Причест. На современите Христијани денес им недостасува една личносна заедница со Христа, едно непрестајно општење со Него во нивното внатрешно битие.
Свети Григориј Палама зазема толку истакнато место помеѓу Светите Отци, затоа што со своето учење тој го потврдил и го запечатил сето библиско откровение и светоотечкото искуство. А ја имал таа умешност и знаење, затоа што живеел помеѓу едноставните и прости монаси на Светата Гора Атонска, коишто се труделе да Го имаат Господа во умот, во срцето, во мислите, преку непрестајната умносрдечна молитва. Живееле за Бога и Бог бил постојано со нив. И кога тие спиеле, нивното срце ја изговарало молитвата, како што вели свештениот песнописец во Песната над песните: Спијам, но срцето мое е будно (Песна 5,2). Таков Божествен оган постанал и Свети Григориј, Солунскиот Чудотворец, кој и денес ни ја испраќа истата порака, како и сите Свети Отци: да станеме оган Божествен во љубовта, бидејќи нашата цел е обожението.
Во ова целесообразно дело особено се трудат монасите, но тоа не е само за нив, туку и за секој Христијанин, кој е должен да се соединува со Бога преку непрестајната молитва. Свети Апостол Павле не на монасите, ами на сите Христијани им заповеда да се молат непрекинато (Сп. 1. Сол. 5,17) И Свети Јован Златоуст нè поучува, велејќи: од утро до вечер, преку целиот ден и ако е можно преку ноќта, повикувајте го името Господово: Господи Исус Христе, Сине Божји, помилуј ме, грешниот. Божествена и света цел! Бог сè што требаше за нас, го направи. Го исполни Неговиот спасителен Домострој и го запечати на Крстот на Голгота и со Своето живоносно Воскресение. Сега наше е да се каеме, но и да одиме нагоре по овој Божествен пат, да Го гледаме Бога лице в лице, молејќи се непрестајно.
Се наоѓаме во едно време полно со искушенија и несигурност и затоа неопходна ни е постојана молитва и покајание. Деновиве со луѓето што доаѓаа кај мене на исповед се говореше, главно, за искушението што го снајде светот со пандемијата. Притоа генералниот заклучок ми е дека може да се забележи едно нетрпение против мерките што ги преземаат сите влади во светот. Повеќе не можеме да издржиме затворени, да носиме маски, да немаме физички контакти итн. Во некои земји на Запад, луѓето дури и прават масовни бунтови и штрајкови против владините мерки. Не можат да издржат затворени, да се смират, затоа што нема молитва, нема покајание, нема духовен живот воопшто. Не можеме да поднесеме еден грип. А знаеме од историјата, нашите предци какви страшни чуми и искушенија издржувале. Денес ние не можеме да поднесеме ништо веќе; не знаеме што е подвиг, што е борба, што е молитва, воздржание, трпение… Во нашево време човекот станал слабак како никогаш досега. Слабак! При најмало искушение и сотресение, веднаш духовно паѓа и се крши. Психијатриските установи и ординации се преполни, затоа што луѓето се чувствуваат скршени и немоќни. Стравот се вселил во нивните срца. Непотребно се плашт од нешто што не треба, затоа што го изгубиле стравот Божји во своите срца. Не сакаат да разговараат и да мислат за Бога.
Од друга страна, пак, не се плашат и не се бунат против духовниот вирус што го разградува христијанскиот брак, а со тоа и целата европска цивилизација, втемелена токму на тој брак. Погледнете какви тенденции има насекаде: сакаат да ја изедначат истополовата сексуална заедница со она што со векови го нарекуваме брак, богоблагословена заедница меѓу еден маж и една жена. Деновиве Српската Црква издаде едно многу убаво соопштение во врска со ова. „Црквата“, се вели во соопштението, „ја почитува слободата што Бог ни ја дарувал и го разбира човечкото тежнеење да ја искаже својата слобода на различни начини“ и допушта да има некакво административно регулирање на истополовите заедници во однос на одредени лични, имотни и други права. Но, „недопустливо е истополовите заедници законски да се изедначуваат со бракот и семејството… бидејќи така се дискриминира брачната заедница, како христијанска и со Законот заштитена вредност“, заедница на која се темели целата Европа и целиот цивилизиран свет. Сетете се сите на топлината во вашите семејства. Зарем треба да допуштиме таа бесценетост да исчезне?! Во никој случај! Поради таквото отстапување од Божјите закони, од Божјата благодат, денес се бунтува целата природа и возвраќа со разни катастрофи, епидемии, катаклизми.Па така, да се молиме, мили мои, ние Христијаните, искрено да се каеме, знаејќи која е нашата цел; целта што осумдесетина години пред да падне Царицата на градовите – Константинопол, убаво и богомудро ја заокружи и ни ја објасни „огнениот столб на Црквата“, Свети Григориј Палама, со помесните собори одржани во него, кои се на исто рамниште со големите вселенски собори и со кои се утврди и запечати вистината на православната христијанска вера. Господ да му даде покајание на денешниот свет, та да бидеме храбри, да не се плашиме, бидејќи Оној Чие име го носиме, Христос Бог, го победи светот. Подобно на Него, и ние треба да го победиме светот, и уште овде, во нашето срце да Го гледаме и да живееме со Христа, Кој рече: царството Божјо е во вас внатре (Лука 17,21).
Свети Григориј Палама нека ни биде наш соборник на патот кон спасението и обожението!
Извор:
https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/nedela-na-sveti-grigorij-palama-vo-rajchica/