Во сабота, 24 ноември 2018 година, во 17 часот ќе се одржи Наречение на новоизбраниот Епископ Полјански г. Јаков во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, Струмица.
Во недела, 25 ноември 2018 г., во 8.30 часот, во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, Водоча, Архиепископот г.г. Стефан заедно со членовите на САС на МПЦ – ОА ќе отслужи Божествена Литургија на која ќе биде извршена хиротонијата на новоизбраниот Епископ.
Ве покануваме да земете учество во овој радосен настан за нашата Црква.
Извор: МПЦ-ОА
МПЦ-ОА се засилува со млад кадар
Од
Радмила Заревска -
Идниот владика, епископот полјански отец Јаков, како викарен епископ на Струмичката епархија, ќе му помага во раководењето на владиката Наум. Неговата хиротонија е закажана за в недела во манастирот „Покров на пресвета Богородица и свети Леонтиј Ерусалимски“ во струмичка Водоча
Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ќе добие нов владика, епископот полјански отец Јаков. Како викарен епископ на струмичката епархија, тој ќе му помага во раководењето на владиката Наум.
Неговата хиротонија е закажана за в недела во манастирот „Покров на пресвета Богородица и свети Леонтиј Ерусалимски“ во струмичка Водоча. В сабота навечер ќе биде извршено неговото наречение во манастирот „Свети петнаесет тиверополски свештеномаченици“ во Струмица.
Отец Јаков е вториот викарен (помошник) епископ во МПЦ-ОА. Титула на викарен епископ има и епископот хераклејски Климент од манастирот во Зрзе, кој наедно е и секретар на Синодот на МПЦ-ОА.
Според последните уставни измени на МПЦ-ОА, кои беа потврдени на црковно-народниот собор одржан минатиот месец во струшко Калишта, викарните епископи во Синодот ќе немаат право на глас. Тоа значи дека во иднина викарните епископи ќе присуствуваат на седниците на Синодот, но нема да имаат право да гласаат при носењето одредени црковни одлуки.
Отец Јаков е замонашен во 2005 година од митрополитот Наум во манастирот во Водоча. Од 2010 година е старешина на манастирското братство во манастирот „Свети Антониј и свети великомаченик Георгиј“, во Ново Село. Дипломирал на теолошкиот факултет,,Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во 2017 година е произведен за архимандрит во храмот „Свети Григориј Палама и свети Димитриј Солунски“, во Струмица. Во септември годинава е избран за викарен епископ на митрополитот струмички г. Наум со титула епископ полјански. Последен пат нови владици во МПЦ беа избрани во 2012 година, и тоа владиката Јосиф од Полошко-кумановска епархија и владиката Јосиф од Тетовската епархија.