ЕПИСКОПОТ ВЕЛИЧКИ Г. ЈОСИФ НА ПОКЛОНИКО ПАТУВАЊЕ ВО РУСИЈА
Неговото
преосвештенство, Епископот Велички г. Јосиф, викар на Поглаварот на
Македонската православна црква за Скопската православна епархија, во
периодот од 25. 7 – 05. 8. 2013 лето Господово, заедно со неколкумина
верници од Скопје, оствари поклоничко патување по светињите на руската
земја. Најпрво ги посетија светите места на градот Москва, каде што
поклонија во Даниловскиот манастир, по храмовите во некогашниот царски
дворец – Кремљ, а беа достоинствено пречекани од сестринството во
манастирот каде што почиваат моштите на преподобната Матрона Московска.
Самиот поглед на стотици метарската река народ која катадневно тече кон
кивотот на оваа голема Божја угодничка, говори и за светоста на матушка
Матрона, но повеќе од сè сведочи за милоста со која Бог нè дарувал,
давајќи ни вакво пристаниште на верата и надежта. Потоа групата се
поклони и на светите мошти на небесниот покровител на рускиот народ и
православието во руските земји, светиот Сергеј Радоњешки во
Свето-Троицкиот Сергиев манастир во градот Сергиев Посад. Во следниот
период од патувањето, поклониците духовно се насладија од благодатниот
извор на Свето-Троицкиот Серафимов манастир, поклонувајќи се на моштите
на светиот Серафим Саровски, неуморниот старец – молитвеник и голем
чудотворец. И овде Неговото преосвештенство, заедно со придружбата беа
пречекани со големи почести. Потоа групата го посети поранешниот
престолен град на Руското Царство, Санкт Петербург каде што исто така се
поклони на големите светињи – свети Јован Кронштадски, света Ксенија
Петроградкса и др. Најголемиот благослов и најрадоносто доживување за
духот, поклониците го почувствуваа за време на посетата на светиот
Валаамски манастир. Оваа светиња основата од светите Сергеј и Герман,
потопена со крвта на многубројните маченици за верата и вистината е
парче небо на земјата. Удостоени до Авраамово гостопримство од
архондарикот на овој свет манастир, игуменот Методиј, кој по потекло е
Македонец, поклоничката група си замина со искуство кое значи потврда за
светоста на светиите.
- Извор:
- http://www.spe.org.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=811:2013-08-20-20-03-01&catid=52:2013-02-14-14-52-06&Itemid=91