Во Марковиот манастир „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во с. Маркова Сушица, ноќта петок кон сабота (25-26 јануари 2013 г.), кога во МПЦ- ОА се прославуваат светите маченици Ермил и Стратоник; Свети Јаков епископ Нисибиски; Преподобен Максим Капсокаливит; со почеток во 22:00 ч. се одслужи сеноќно бдение со Божествена Литургија предводена од јеромонахот Атанасиј Арсоски, во сослужение на ѓаконот Ѓоко Бурмузоски. Православните христијански души се причестија со Светите Христови Тајни. Игуменијата Илијана со сестринството и славеникот Зоран ги подкрепија заедничарите во Христа со чај и закуска.
Светот живее во време на премрежија осаменост во ера на брзи комуникации, ризици за работното место додека на друга страна се промовираат шанси за успех, семејството трпи тешки удари.
Но да не се обесхрабруваме. Веќе на првите страници од Стариот завет дознаваме дека стравот владее во овој и ваков свет по Источниот грев (Битие 3,10). Но исто добиваме јасни објави на Божјата присутност и поддршка.
Но ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија, зашто твојата молба е услишена и жена ти Елисавета ќе ти роди син и ќе му ставиш име Јован...“. (Лука 1,13)
И ѝ рече ангелот: „Не плаши се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога...“. (Лука 1, 30)
А Исус штом се заврти и ја виде, рече: „Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси!” И оздраве жената во тој час. (Матеј 9,22)
Не плаши се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството. (Лука 12, 32)