Вознесение Христово во храмот Свети Спас, Скопје
На 24.05.2012 година, кога ги прославивме Вознесението Христово (Спасовден) и Светите Методиј и Кирил Рамноапостолни, во храмот Свети Спас под Скопското кале се одслужи Божествена Литургија предводена од отец Диме. Многубројниот верен народ се причести со Светите Христови Тајни. По Божествената Литургија се осветиа и прекшиа славските колачи.
(кондак на Вознесение)
„Откако ја исполни промислата за наша полза и земното го соедини со небесното, се вознесе во слава, Христе Боже наш, без да се разделиш од нас, но останувајќи секогаш со нас, и викајќи им на оние што Те љубат: Јас сум (секогаш) со вас, и никој ништо против вас не може.”
Колку веруваме во ова?
Или бидејќи повеќето читатели веруваат – дали има простор таа верба да се засили?
Верувам дека секогаш имаме простор да ги подотвориме нашите срца бидејќи по Велигден Човекољубивиот Бог сè ни подари да станеме учесници во Божјата природа ако се оддалечиме од гнилежот на овој свет (2 Петар 1,3-4).
А дека Тој ги исполнува своите ветувања и во овој момент Е меѓу нас ни се потврдува од апостолските времиња, преку Рамноапостолните Свети Методиј и Кирил и нивните следбеници до ден-денешен.
Во оваа смисла да го споменеме и нашиот современик Преподобниот Гаврил Светогорец (1926 Штип – 1990 Лесново), епископ Велички, да ја погледаме неговата биографија или телевизиските снимки од неговата дејност па да се увериме во оваа величествена вистина дека и на нас грешните ни се достапни ветувањата но ако соработуваме со Него и кон верата принесеме своја добродетел, знаење, воздржување, трпение, побожност, братољубивост и љубов (2 Петар 1,5-8).
Житие на светиот Епископ Велички Гаврил Светогорец
http://preminportal.com.mk/content/view/1075/54/
За Преминпортал,
Ратислав Кардалев
Лето Господово 2012