Тропар на светиот
Божји пророк Софониј
3 декември / 16 декември
Глас 7
Смирението твое о, Божји пророче,
умот кон висините Господови го подигна
о, Софоние ти кој ја виде мерзоста
во светите места,
на сето тоа срцето ти запеа, устата проговори:
Воспевај ќерко Сионова,
ликувај Израиле и весели се од сето срце
ќерко Ерусалимска.
Моли се Божји човеку таа радост да не нѐ одмине.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Јован Молчалив
3 декември / 16 декември
Молитвата во тебе тишина создаде,
о оче Јоване епископе,
Името Господово загосподари со срцето твое,
ти пастиру благоразумен,
кој молчание измоли за јазикот и очите,
моли се за нас да се смири здивот наш,
па во Богомислие да пребива умот,
кој срцето треба да го пронајде.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов новомаченик
Ангелис
3 декември / 16 декември
Глас 1
Крвта на покајните многу може да покрие
О Господи, но милоста Твоја е таа која
нѐ мие од неразумот, гревот и падовите.
Затоа Ти покајание прими Ангелисово и
исповедание негово пред правдата Твоја постави
- и тој денес спасен за нас достојно се моли
од Твоето Царство Небесно.
Извор МПЦ-ОА
Манастир св Јован Претеча Слепче
Православен календар за 16/12/2023
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот пророк Софониј
Родум од гората Саварат, од племето Симеоново. Живееше и пророкуваше во 7 век пред Христа, за време на благочестивиот цар Јосија. Современик на Пророкот Еремија. Имајќи голема смерност и чист ум воздигнат кон Бога, се удостои со проѕирање во иднината. Го прорече денот на гневот Божји; казната над Газа, Аскалон, Азот, Акарон, Нинивија, Ерусалим, Египет. Ерусалим го виде како „град одметнички, осквернет, насилнички, во кого кнезовите се лавови што рикаат; судиите му се волци вечерни; пророците - фалбаџии, измамници; свештениците ја сквернат светоста, го изопачуваат законот“ (гл. 3). Кога го проѕре времето на доаѓањето на Месијата, восхитено воскликна: „Пеј ќерко Сионска; ликувај Израиле; радувај се и весели се со сето срце, ќерко ерусалимска!“ Овој тајновидец се упокои во местото на своето раѓање, за да го чека општото воскресение и наградата од Бога.
Свети Јован Молчалник
Родум од Никопол Ерменски, од татко Евкратиј и мајка Ефимија. Во неговата осумнаесетта година стана монах и се подвизуваше тврдо и одлучно чистејќи си го срцето со многу солзи, постејќи и молејќи се. После десет години беше поставен за епископ Колониски. Со својот пример кон богоугоден живот го привлече и својот брат Пергамиј и чичко му Теодор, коишто беа луѓе угледни на дворецот на царевите Зинон и Јустинијан. Гледајќи ги злобата и метежот на овој свет коишто тој не можеше да ги излечи, го напушти епископскиот престол и преоблечен во прост монах дојде во обителта на Св. Сава кај Ерусалим, каде што остана непознат многу години, вршејќи усрдно и совесно секакво послушание на коешто беше одредуван од игуменот. Заради ова Св. Сава му предложи на патријархот Илија да го ракоположи за презвитер. Кога патријархот сакаше да го ракоположи Јован, Јован му призна дека е веќе посветен во епископскиот чин. Тогаш Св. Јован се затвори во келија, и години и години помина во молчење и молитва. Потоа мина девет години во пустина, хранејќи се само со диво зелје, па повторно се врати во манастирот. Ги одвраќаше верните од Оригеновата ерес и многу придонесе за таа ерес да се сотре и осуди. Проѕираше јасно во духовниот свет и ги исцелуваше луѓето од болести. Откако се победи самиот себеси, лесно ги победуваше демоните. Голем во смирението, во Божествената сила и мудрост, овој Христов слуга мирно се упокои во 558 година, во сто и четвртата година од својот живот.