СИНАКСАР
На оние што сега Ти го пеат Големиот канон, Христе мој, дај им солзи на умиление.
Според древното предание, во овој ден го пееме Големиот канон. Овој навистина најголем од сите канони прекрасно и вешто го напиша светиот отец наш Андреј, архиепископ Критски, кој се именува и Ерусалимски. Тој замина од Дамаск на својата четиринаесеттодишна возраст за да изучува граматика и други науки во Ерусалим, водејќи монашки живот, живеејќи преподобно и набожно во безмолвие и неметежен живот. На Божјата Црква тој и остави и многу други списи, слова и канони, полезни за духовниот живот, покажувајќи се особено надарен за торжествени состави.
Покрај многуте други, тој го сочини и овој Голем канон со неизмерно умиление. Откако ја најде и ја собра сета историја на Стариот и Новиот завет, јасно од Адама, па дури до самото Христово вознесение и проповедта на апостолите, го сочини ова слаткопение. Со ова тој ја поучува секоја душа како ревносно и според силите да ги подражава добрите примери од библиската историја, а лошите да ги избегнува, и секогаш да прибегнува кон Бога со покајание, солзи и исповедање и со други богоугодни дела. Впрочем, тој е толку широк и слаткогласен, што и најжестоката душа може да ја омекне и кон добра будност да ја покрене, само ако се пее со скрушено срце и подобно внимание.
А го сочини во времето кога и големиот патријарх ерусалимски Софрониј го напиша житието на света Марија Египетска. И ова житие ни нуди неизмерно умиление и им носи утеха на оние што многу згрешиле и кои се уште грешат, само ако сакаат да отстапат од злото. А било определено да се пее и прочита во овој ден од следнава причина: бидејќи се ближи крајот на Светата четириесетница, луѓето мрзливи за духовен подвиг, да не останат небрежни и да не престанат да бидат целомудрени во се.
Затоа, Великиот Андреј, како некој учител, низ расказите на Големиот канон, кажувајќи ги добродетелите на големите луѓе, како и заблудувањата на злите, како да сакал да каже дека оние што храбро се трудат треба уште повеќе да се поттикнуваат да чекорат напред. А свештениот Софрониј, со своето надестествено слово, ги повикува на целомудрие и кон Бога ги издигнува, за да не потклекнат и да не паднат во очајание ако некогаш паднале во некеков грев.
А житието на света Марија Египетска покажува колкаво е Божјото човекољубие и милост кон оние што со сета своја душа тежнеат да се обратат од поранешните прегрешеија. Канонот, пак, е наречен Голем, не само поради самите мисли и примери, туку и поради плодноста на неговиот творец кој сето тоа прекрасно го сложил. Додека другите канони имаат по 30, и нешто повеќе тропари, овој има 250, и секој од нив оросува со неискажлива сладост. Овој Голем канон прикладно исполнува со големо умиление, па затоа и се одреди за великата Четириесетница.
Овој извонреден и Голем канон и Словото за преподобна Марија Египетска ги донел во Константинопол (Цари-град) самиот Отец Андреј кога од ерусалимскиот патријарх Теодор бил испратен на Шестиот вселенски собор. Тогаш тој особено се истакнал храбро борејќи се против монотелитската ерес. Причислувајќи му се на монашкиот клир на Црквата во Цариград, бил поставен за ѓакон и сиропитател. Нешто подоцна станал архиепископ Критски. При едно враќање од Цариград за Крит, некаде до Ерис во Милитина, се упокоил во Господа откако беше поживеал долго на својот архиепископски престол. По неговите моитви, Боже, помилуј не.
Извор: ПОСЕН ТРИОД
- СИНАКСАР - Не спомнувај ги гревовите на умрените, ...
- СИНАКСАР - Кога ќе седнеш, Судијо на сите, да ја судиш сета земја,...
Издавач: МПЦ Црква Св. Петка-Мил Парк, Викторија- Австралија и Австралиско- новозеландска епархија и Преспанско- пелагоника епархија
Превод: преводот и препев од црковнословенски јазик, го направи д-р Јован Таковски
Друго:
Интервју со протопрезвитер- ставрофор д-р Јован Таковски