о. Спиридон Василакос
Така ѓаволот продира во рајот, и што прави? Оди да го „разори“ тој рај, не може да го поднесе присуството на рајот. Што е рајот? Мојата врска со Бога. Ѓаволот не го поднесува рајот. Тој најпрво самиот си го разурнал својот рај, се уништил себеси. Но за жал многупати и човекот се уништува себеси. Има луѓе кои не можат да ја поднесат љубовта. Каде и да видат љубов, таа нив ги раздразнува како црвеното платно пред бикот. Не ја сакаат љубовта. Не можат да гледаат како еден човек си го живее својот рај, да видат една здрава светла прекрасна врска. Зошто? Бидејќи си ја прогониле од себе Божјата благодат. И кога Божјата благодат ќе се тргне, човекот како и самиот да станува ад, сака на сè да гледа како на ад. Не поднесува да го види рајот. Бидејќи сам се разрушил себеси, тој се обидува да го разурне и искорне сето она што е рајско, красно, благодатно и свето во животот на другиот. Не може да поднесе. И понекогаш гледаме дека луѓето кои што се разориле себеси личат како да се издемонизирани. Ѓаволот рековме не сака да го остави човекот да се издигне на небото. Па така, некои луѓе се негови автентични ученици – не можат да гледаат љубов, утеха, не можат да го поднесат оној кој ја има Божјата благодат. И го влечат другиот наназад за да не се искачува.
Се разбира, некој ќе каже:
„Па добро, Бог не го видел ли падот на човекот? Не видел ли дека, на крај ѓаволот ќе успее да го сруши?“ Да, видел. Но Бог не е кратковиден како човекот. Го видел падот на човекот, но исто така ја видел и неговата воспитна казна, неговото покајание, го видел и поразот на ѓаволот, сè видел. Ѓаволот влегол во рајот и ја измамил Ева. Но и Христос Господ, како што велат Отците, влегол во светот и го измамил, го поразил ѓаволот. Токму тоа го гледаме во испитанието. Во тоа што Бог допушта човекот да биде испитан, ги гледаме сите овие елементи, но се разбира ја гледаме и слободата на човекот. Бог не се допира до неа, бидејќи таа е најголемиот и највозвишен дар што Неговата љубов му го дала на човекот.
Ѓаволот се појавил во вид на змија. Злото никогаш не се јавува во својот вистински лик. Доколку се појави така, кој би го примил? Некој ќе каже: „Но зарем е можно ѓаволот да се маскира во змија, само за да го падне човекот? Тоа се детски приказни!“
Приказни ли се? А зарем и ние не се обидуваме да го маскираме злото што го имаме во нас? Така трчаме и ги купуваме тие маски на лицемерието. Не го правиме ли и ние истото? Злото што постои во нас – помисла, состојба, движење на душата, се обидуваме да го маскираме да го сокриеме, да го замаглиме. Не сакаме да го претставиме онакво какво што е, не можеме. И многу пати бараме начин најголемото зло да го претставиме како најценето добро. Не го правиме ли тоа? Тогаш зошто ни се чини неверојатно, тоа што го направи ѓаволот, маскиран во змија, кога ја сретна Ева? Оттогаш и ние го правиме истото. Оттогаш па наваму овој настан присуствува во нашиот начин на живот.
(Продолжува…)
https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/za-smislata-na-iskushenijata-iii-del/