Литургија на претходноосветените дарови (02.03.2023 09:25)
Да исправитсја молитва моја, јако кадило пред Тобоју, воздјејаније руку мојеју, жертва вечерњаја
Литургијата на претходноосветените дарови е средиште на богослужбите и најдобро го симболизира периодот на Великиот пост. Се разликува од литургиите на Свети Јован Златоуст и Свети Василиј Велики, каде се принесуваат и се осветуваат Светите Дарови. На оваа Литургија се принесуваат претходноосветените, односно Светите Дарови кои се веќе осветени на претходната Литургија, за причест на верните.
За време на Великиот пост, целосна Литургија се служи само во сабота и недела. Литургијата на претходноосветените дарови се служи во среда и петок и се состои од Вечерна богослужба, на крајот од која се изнесуваат Светите претходноосветени дарови и се читаат молитви пред Причест. Следува Причест, а потоа благодарствени молитви после Причест.
***
„Ако Великиот пост и воздржанието означуваат зајакнување на духовната борба, тоа е зашто согласно Евангелието, ова е времето кога лице в лице се соочуваме со злото и со сета негова сила. Затоа и токму тогаш ни е неопходна помошта и силата на божествениот оган. Оттука и неопходноста од посебно великопосно причестување со Претходноосветените Дарови, односно Даровите кои се осветени во претходната недела и се чуваат на престолот во олтарот за причест во среда и петок.
Евхаристијата е непрестајна, постојана радост, и затоа не се извршува во деновите на Великиот пост. Но, сепак, плодот на Евхаристијата е секогаш присутен во Црквата – Светите Дарови. Слично како што Христос „Го гледаме“ како се вознесува на небото, но истовремено е невидливо присутен во светот, така и Пасхата, која се празнува еднаш годишно, но истовремено го осветлува целиот живот на Црквата со своите зраци; исто како што Царството Божјо допрва ќе дојде, но и сега е веќе тука; така е и Евхаристијата. Како таинство и торжество на Царството, како празник за Црквата, таа не му соодветствува на постот и не се извршува за време на Великиот пост; но како благодат и сила на Царството, кое дејствува во светот, како дар на „насушна храна“ и оружје во нашата духовна борба, таа е навистина небесна мана, со која живееме за време на нашето патување низ пустината на Великиот пост.“ (протоереј Александар Шмеман, „Великиот пост“)
***
Кога некој сака да се сретне со царот, тој со денови се подготвува за тоа, односно прави сеопфатни подготовки поврзани со облеката, говорот, пристапот, однесувањето итн., за да предизвика благонаклонетост кај царот и така да го добие она што го бара. Согласно со неспоредливата разлика помеѓу двата цара, секој христијанин мора да се подготви за Светата Причест, со што би добил милост и простување. За да го добијат она што го сакаат, оние кои му пристапуваат на земниот цар, често се украсуваат со итрина, ласкање и извештаченост. Напротив, светоста, смирениот дух и душевната едноставност, кои се многу поскапоцени од минливото злато, мораат да бидат одлика на верниот христијанин, кој Му пристапува на Царот над царевите, бидејќи Тој гледа на внатрешниот човек. Да се подготвиме и ние со чист разум и трудејќи се да ги умртвиме своите страсти, заедно со светите апостоли чисто да пристапиме на Тајната вечера, да се причестиме со нашиот сладок Исус, за да живее во нас, во бесконечноста на вековите. (преподобен Ефрем Филотејски и Аризонски)
Извор:
http://www.mpc.org.mk/vest.asp?id=7765