(Од архивата на Преминпортал- извaдок)
Монашкиот молк
Фактот дека постои возобновено монаштво, кое допрва, се надевам, ќе биде артикулирано и општетствено означено и верификувано, е факт за тоа дека е можно да постои јасна и прецизна структура, уредување кое ќе нуди конструктивна слобода и праведност и дека е можно, сепак, и денеска да се трасираат патишта кои ќе ги промовираат принципите на заедницата и на солидарноста.
Монаштвото во Македонија е она пеликаново, скапоцено перце, толку кревко, а толку цврсто, кое ги бруси и испишува најубавите слики и асоцијации за она што е и за она што би сакале да биде. Загубеното во суровиот неолиберализам со сигурност може да се најде во манастирите кои трпеливо не очекуваат да ги откриеме, преку мисијата на монасите и во монахињите… Оти кој од нас може да се пофали со таква витешка посветеност?! Одразувајќи го погледот кој ги набљудува, монашкиот подвиг е речиси гранично искуство за нас. Идејата дека некој некогаш се движи по рабовите на она што духот и светот го дефинираат како можно е исклучително важна, особено за едно “стадо”, како нашево, кое талка со речиси распарчен идентитет, кое бие битка со униженоста што ја прима од политичките квази-пастири.
И така, речиси недопирливи, а сепак многу тука, вкоренети, вкотвени длабоко во идејата за општествениот импулс, тие за Македонија стануваат можеби еден од највредните топоси кои можат да се допрат со духот и кои можат да ја вратат надежта. Затоа на монаштвото во оваа земја треба да се гледа како на пророштво кое ни претскажува конструктивна иднина и стратешки важна приказна. Тие го испишуваат колективното писмо од овој народ за љубовта и пријателството, за копнежот по систем, за тоа дека падот во обезначеноста може да добие друго наличје, за тоа дека слободата е она што се создава во секој миг, со пот и макотрпно.
Тишината што тие ја нудат како опција говори многу повеќе од вревата што ја живееме, и ги одѕвонува семнатичките вредности на премолченото и на логореичната бесмисленост која не бомбардира во политиката, во науката, во медиумите, на универзитетите, во љубовта и на сите нивоа на размена. Мислата дека постојат и дејствуваат во оваа земја дава сила.
извор: „ВРЕМЕ“
pp
14ти март 2019 лето Господово