Кога за штетноста од богатството, славата и уживањата зборуваат луѓе, кои тоа го немале, може и да се посомневаме во нивните зборови, но кога тоа го зборува човек кој го уживал сето тоа – мора да му веруваме. Затоа зборовите на цар Соломон, како негова искрена исповед и резултат на сопствено искуство, имаат големо значење за правилна ориентација на луѓето до крајот на вековите. Зашто ако станува збор за позицијата, тој бил цар: ако се работи за богатството, тој бил најбогатиот човек во своето време; ако се работи за славата, неговата мудрост и слава се рашириле далеку преку границите на неговата држава; ако се работи за уживањето, никој не умеел така да ужива како него. Па кога по сето ова тој вели дека сето тоа е суета, празнотија и мака на духот, тогаш навистина е така. Нема да биде излишно да ја наведеме неговата исповед:
„Презедов големи работи: си изградив куќи, си насадив лозја, си уредив градини и садници и посадив таму секакви овошни дрвја; си направив водостои за поливање на ливадите, во кои растат дрвјата; придобив слуги и слугинки, имав и слуги родени во домот мој; имав и крупен и ситен добиток, повеќе од сите, што беа пред мене во Ерусалим; насобрав сребро и злато и скапоцености од цареви и области; си доведов пеачи и пеачки и тоа што ги насладува синовите човечки. И така станав јас поголем и побогат од сите, што беа пред мене во Ерусалим; а и мудроста моја остана со мене. Што и да посакаа очите мои, не им откажував, не му забранував на срцето свое никаква веселба, бидејќи срцето мое се радуваше со сите мои трудови; и тоа ми беше дел од сите мои трудови… и се обѕрнав, та погледнав на сите мои дела… и ете – сè беше суета и мака за духот и немаше од нив полза под сонцето… Си реков во срцето свое: Ајде ќе те испитам со веселба: уживај во наслади! Но ете, и тоа беше суета… А суштината на сè е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е за човекот“ (Проп. 2, 4-11; 2, 1; 12, 13).
Извор: Бигорски манастир