За улогата, одговорноста и дисциплината на псалтите во Црквата
„Се нека биде достојно и уредно“
(1Кор. 14, 40)
На оваа богословска трибина најдов за полезно, да го приложам долу наведениот текст, којшто во себе содржи укажувања, коишто се од практично значење и исклучиво битни, за секој псалт.
Воедно сакам да напоменам, дека текстот кој што следи, е темелен врз светите канони, одредбите на богослужебниот устав на Светата православна црква и врз Светото Предание, кое пак е резултат на вековното, непрекинато, практично живеење внатре во полниот богослужбен круг, на плеада свештенослужители и псалти на нашата света, соборна и апостолска Православна црква, без разлика дали тие биле монаси или мирјани. Се надевам дека долу напишаното, ќе ве натера да размислувате за значењето и големата одговорност на секој оној, кој директно е вклучен во црковните богослиужби, а укажувањата што текстот ги содржи, ќе бидат неодделив дел од сопствениот богослужбен опит на секој псалт лично.
Уште од самото основање на Светата православна, соборна и апостолска Црква, псалтите завземале значајно место во богослужебниот живот на ранохристијанската Црква. Во житието на св. Игнатиј Богоносец - епископ Антиохиски читаме, дека тој го вовел во својата диоцеза антифоното пеење, односно пеењето на две певници. Тој тоа го сторил по примерот на самите свети ангели, зашто во духовно видение (откровение), нему му било откриено дека на токму таков начин (со антифоно пеење) светите ангели на небото, непрестано го слават Бога.
Св. Игнатиј маченички го завршил својот земен живот во 106 година по Христос. Од овој пример ќе заклучиме, дека псалтите преставуваат ангели овде, во земнава Црква. Тие заедно со свештенослужителите му принесуваат молитви, славословие и песнопениа на Бога, од името на целиот народ целата црква. Значи свештениците и псалтите, преку молитвите, славословијата и песнопенијата му се обрајќаат директно на Бога. А самите Свети Отци на Црквата тврдат: ,,Молитвата е разговор на човекот со Бога”. Зарем има нешто посвето и повозвишено од ова?"
Не случајно Светата Православна црква ги вброила псалтите во црковниот клир. Не би било излишно да се напомене дека, за клирици во Светата Православна црква се ракополагаат исклучиво лица од машки пол.
Всушност првиот степен на свештенство е чтец - читач, псалт, свеќоносец. Овој чин се добива преку ракопроизводство хиротесија, при што Архиерејот ја полага својата рака врз главата на оној кој што е избран за чтец, потоа Архиерејот чита одредена молитва и крстовидно, во името на Света Троица, му ја постригува косата на оној кој што се ракопроизведува.
Чинот на ракопроизведување во чтец е изложен во четвртата глава на богослужебната книга - Архиерејски служебник.
Како од секој клирик, така и од псалтот, Светата Православна црква бара пред се:
• Правилно исповедање на Светата православна вера.
• Потполни морални квалитети.
• Придржување кон Божјите заповеди и евангелските блаженства.
• Исполнување на канонските одредби на Светата Православна црква.
• Придржување кон Типикот- богослужбен устав на Светата Православна црква.
Од оној на кого му е доверена ангелска служба, се бара со својот сопствен живот, во се да ги поддржува самите свети ангели.
Да ги поддржува во чистотата, во неуморноста при служењето на Бога, во радоста од служењето на Бога, да ги поддржува во стравопочитта кон Бога, во торжественоста при секое богослужение.
• Псалтот треба редовно да пости во сите денови, во кои Светата Православна црква одредила пост. Псалтот е должен да ја чисти својата совест преку исповед, а со Светата Причест да се укрепува во Христа, притоа без престан да се усовршува во сите добродетели.
Многу е важно неговата совест да е чиста и спокојна, а неговото срце да е исполнето со добродетели и со добри дела.
-Како псалтот, да го исполни своето секојдневие?
• Псалтот треба секојдневно да го чита Светото Писмо - Библија, пред се Новиот Завет на нашиот Господ Исус Христос, да ги чита житијата на светителите на Православната црква, да чита и други душеполезни книги, напишани од Светите Отци.
• Псалтот е должен да има свое домашно, секојдневно молитвено правило, за кое што редовно ќе се придржува. Особено вечерта спроти богослужбата, поусрдно да се моли, како би можел уште од вечер, молитвено да ја расположи својата душа. Исто така и по завршувањето на богослужбата, да се потруди да го задржи молитвениот дух.
• Псалтот треба редовно да го вежба црковното пеење, се со цел што повеќе да се усовршува во интерпретирањето на црковните песни.
• Псалтот со голем интерес и внимание многу често да го чита и проучува црковниот богослужбен устав-типик, зашто тоа многу ќе му помогне при практичното извршување на неговите задолженија во црковната богослужба.
Изучувањето на типикот е од особена важност за секој псалт!
Во типикот е изложен идеалниот поредок на сите богослуженија, за образец е земено древното, многучасовно богослужение на великите Отци и подвижници.
Важно е и неопходно и најмалите детали во црковните богослужби , да се исполнуваат така како што се изложени во типикот, зашто само тогаш богослужението ќе ја има смислата која што му е дадена од Светата Црква!!! Ова ни го препорачува светиот свештеноисповедник еп. Атанасиј Сахаров (,, Богослужебние указанија“).
• Псалтот мора, тој едноставно е должен да ја почне црковната богослужба добро припремен, како би бил сигурен во секоја своја постапка.
• Псалтот кога ќе застане на певница, многу е битно да не биде побркан или збунет, во спротивно би направил грешки, неред и безпоредок во црковната богослужба. А тоа негативно делува, не само врз самиот псалт, туку и врз сите учесници во богослужбата, воопшто врз сите присутни внатре во црквата.
• Псалтот треба да се погрижи, да е облечен во чиста, пристојна облека, навремено да се упати кон Светиот храм, како би имал време да ги приготви богослужебните книги, од кои ќе се богослужи.
На пат кон Светиот храм во умот да се моли на Бога, или да размислува за животот, делата и искупителната жртва на Господ наш Исус Христос и за животот на неговата Пресвета Мајка и неговите светии. Да влегува во Светата црква тивко, кротко со страв Божји, како во Дом Господов, во таинствено живеалиште на Небеснот Цар. Тропање, шум, разговор, а особено смеење и невнимателност при влегување во црква и престој во неа, ја иссмејуваат светоста на храмот Божји и величието на оној кој што живее во него Господ Бог.
Кога ќе влезе во Светиот храм, псалтот е должен да се огради со крстниот знак ( правилно и без брзање. ), да се поклони кон светиот иконостас, да се поклони и да ги целива светите икони, да запали свеќа и да се упати кон певницата. Пожелно е да се облече во стихар, откако претходно ќе земе благослов од свештеникот (Часослов Атонское подворје, Москва 1994 година).
• Псалтот е должен, од практична причина, да е присутен во црквата, дваесетина минути пред почетокот на богослужбата, како би имал време да го пронајде и разгледа во богослужебните книги сето она што на таа богослужба треба да го испее и прочита, а по потреба да се посоветува со свештеникот и со другите псалти ( ако ги има повеќе во таа црква. )
Откако ќе ги отвори светите богослужбени книги, пристојно и со страв Божји, да го чека почетокот на светата богослужба.
• Псалтот треба да внимава, да ја покаже и својата видлива почит кон Бога, преку поклони и оградување со крсниот знак.
А исто така треба да се напомене дека во денешницава имаме примери, кога и луѓе кога дури и што не се ракопроизведени во чтецови носат расо, а тоа го прават поради својата внатрешна гордост (односно да се покажат пред народот кој е присутен во храмот), а расото треба да го носиме поради скромност. Па затоа псалтите се должни да носат расо, а преку него ја искажуваат таа скромност и понизност пред се, пред Бога, а пота и пред народот.
Ве молам, нека овие неколку страници не ви досадат. Туку нека ви послужат, за разбирање на големината на ова ваше послушание во Црквата, на значењето на вашиот чин и на обврските што нашата Света, соборна и апостолска православна Црква им ги поставила на православните псалти.
Желба ми е преку овој текст да му порачам, на секој псалт, да биде вистински мајстор на оваа небесна уметност, која што продолжува и се развива дури во вечноста, во која што непрестано, се прославува и се воспева Триединиот Бог- Пресветата и Вечна, Животворна, Едносуштна и Неразделна Троица: Отецот, Синот и Светиот Дух.
Нему нека му е слава, благодарност и поклонување, во веки веков. Амин!!!
Собрал и составил:
Андреј Поп-Антоски
Текст разработен на Богословската трибина во МПБ „Св. Климент Охридски “ – Скопје (10.11.2015 г.)