За сопружништвото
Беспочетното, апсолутно Битие ни се откри како ПЕРСОНАЛНО. Тоа е Предвечен ФАКТ на Битието. Како тој, Фактот, е возможен – за вечност останува тајна за сите создадени суштества. Кога станува збор за создадените персони, последниве се создадени „во почетокот“ (1Мојс 1,1 и 26) како чиста потенција, која треба да се актуелизира до тој степен на полнота, додека таа не стане „чист акт“. Целиот овој пат на „актуализација“ на персоната се случува веќе веднаш во взаемодејствието на Бога и човекот, кој во средбата со Бога и Отецот може да се открие до последниот степен и совршено да Му се уподоби, но кој исто така може да се оттргне од Оној Кој го создал во потрагата на „свои“ патишта и форми на битието.
Бидејќи персоната е принцип, кој во себе ја носи целата полнота, оттука, природно, пред нас треба да се разоткријат сите бездни на комосот во своите позитивни и во своите негативни аспекти. Оттука, кога во себе гледаме „подвоеност на личноста“ – присуството и на небесната светлина, и на адската темнина – не мислиме дека тоа е навистина „подвоеност“ на личноста… Не, таа појава е откривање на сите наши можности пред нас, но персоната неизменливо останува една, не подложувајќи се на никаква „поделба“… Од божественото добро, кое се открива пред нас, како и од злото, кое стои пред нашите очи, НАШЕ е слободно да го избереме или првото, или второто… Вечноста му припаѓа имено на принципот на персоната.
Може да се каже, дека сите сме должни да го преминеме тој праг, зад кој лежи новиот почеток на нашиот живот, кој се состои во тоа што започнуваме да се ТВОРИМЕ самите себеси, да бидеме сами свои ТАТКОВЦИ, според идејата на светителот Григориј Назијанзин. Зад тој праг лежи пат, каде секој наш чекор станува длабоко одговорен. И нашата ВЕЧНА иднина зависи и од нас. Т.е. не можеме да го присилиме Бога, како што и Он не нѐ присилува; Он е слободен да ни го даде Својот живот, но слободен е и да не ни го даде. Сепак, веруваме дека ако сме СОГЛАСНИ да живееме со Него каков што Е, ако се трудиме да Му се уподобиме, следејќи ги Неговите заповеди, тогаш Он никогаш нема да се откаже да биде со нас.
И така, нека Господ ни даде некоја сила одозгора, за да се покажеме способни да се изградеме себеси според нам дадениот образ – образот (примерот) даден нам од Христос (види Јн 13,15) кој со исклучителна сила ни покажа, КАКО може и, според тоа, треба човекот да го помине својот живот.
Блаженоупокоен старец Софрониј, фреска
Блаженоупокоен старец Софрониј, фреска
Да се осврнеме на прашањето, кое не може а да не нѐ интересира сите нас, имено прашањето за односот меѓу луѓето воопшто и меѓу лицата во бракот – конкретно.
Една од најдеструктивните страни на нашето современие, според моето мислење, е сѐ поголемиот губиток кај луѓето на христијанското сознание на својата персоналност и персоналноста на нашите взаемни односи. Отпаѓајќи од верата во воскресението, осудувајќи се себеси на смрт, подобно на смртта на животните, човештвото се дави во бездната на очајанието. Целата смисла на земното постоење за нив се состои во тоа, да се зграби што поголем дел наслади, пријатни чувства, барем моментална самозаборавеност и слично нешто.
Со губитокот на нам откриениот персонален начин на постоење, луѓето во својот очај дошле до дивата идеја – да се оттргнат сите поранешни „табуа“ и да се изгради ново „слободно општество“, кое ќе дава можност за најголем број на experiences (искуства).
Моето мислење (не како клирик, туку како „персона“) е дека човештвото не знаело, од состојбата на својот пад, за моногамија. За паднатиот човек природна е полигамијата. Христијанската моногамија е натприродна; таа е повик кон најдлабоко можно осознание на нашиот персонален принцип и на нашата одговорност. Персоналната љубов – т.е. кога некој љуби одредена персона, токму оваа – не е психичка или физиолошка, да не речам, поврзана со анатомијата или, во најдобар случај, со психата. Персоналниот брак, во суштина, не се повторува, тој е секогаш единствен; неговата смисла е во тоа, да не се остане во пределите на природата, туку со заедничка усилба да се стане „храм“ за служење на беспочетниот Отец. Тогаш бракот станува пат кон спасението. Никој од нас во оваа моментална наша состојба не претставува совршенство. Сите имаме потреба од тоа, и преку дејство одозгора, и со наши усилби, да растеме во познанието на Бога. Ако некој нѐ прифати нас такви КАКВИ ШТО СМЕ, тој, секако, прифаќа нешто далеку од совршенство. Така и ние: ако го прифаќаме подвигот да живееме заедно со некоја персона, ние прифаќаме некого како што тој (таа) е. Според тоа, се наоѓаме пред неопходноста од взаемни творечки усилби за достигнување на бараното вечно пребивање во Бога.
Во Италија се појави прашањето за закон по однос на разводот. Несомнено, никакви енциклики на Римскиот Папа нема да ги убедат луѓето. Само една ништожна бројка од нив се „подзамислуваат“, останатите постепено ќе се побунтуваат против authority (власта). Во својата состојба на опаѓање, деперсонализираните мажи и жени, или поточно, male и female, ќе се потчинат на „природните закони“.
Старецот Силуан се придржуваше до овој метод – на човекот да му ги соопшти основните принципи, по чие усвојување тој ќе може самостојно да наоѓа решенија во различните животни ситуации. И мислам дека, во нашиот живот по Бога, тоа е едниствениот правилен пат. Тој е „спротивен“ на научниот, индуктивен метод; тоа е така, затоа што Откровението нам ни ја соопштува предвечната идеја на нашиот Бог Отец за човекот, и ние поаѓаме од податоците на Откровението, т.е. одиме по пат на „дедукција“. Тоа не значи дека „опитното индуктивно познание“ во нашиот случај е совршено исклучено.
архимандрит Софрониј (Сахаров)
Приредил: М-р. Георгиј Глигоров
Извор: Агапи
31-ви октомври, лето господово 2013