логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

Проф. д-р Ратомир Грозданоски

ВЕЛИКИ ВТОРНИК
HRISTOS.SPASITEL1.jpg
    На Велики Вторник верниците си спомнуваат за настаните што се случиле на тој ден.
    Црквата определила на богослуженијата во овој ден да се читаат текстовите од Светото евангелие што ги опишуваат настаните од Христово време коишто се случиле токму на Велики Вторник.
    На овој ден, Господ Исус Христос изрекол многу поуки и параболи, меѓу кои и познатите: За талантите и за Страшниот суд (Матеј 25,1-26,1); За воскресението на мртвите и За најголемата заповед (Матеј 22,15-46), како и За укорувањето на книжниците и фарисеите, пророштвото За разрушување на Ерусалим (Матеј 23,1-39) и други.
    Со овие содржини верниците се поучуваат на особена мудрост и бдеење врз својот духовен живот и тоа секој според своите даренија од Господа и според својата моќ и залагање.
    Библистите, пак, велат дека токму на Велики Вторник Господ Исус Христос изговорил најмногу поуки и параболи во Ерусалим. Тој ден е Неговото најобилно поучување пред да започнат: предавството, прогоните, маките и страдањата, кога веќе не можел да поучува. Тоа се Неговите последни опомени пред да бидат извршени злосторствата врз Него. Тој ден е Неговиот последен ден за поука во храмот. Така го започнал денот – со доаѓање во Ерусалим и влегување во храмот за да поучува.
Првата Негова беседа е За Христовата власт и право да поучува во храмот (Матеј 21,23-27; Марко 11,27-33; Лука 20,1-7), бидејќи првосвештениците, книжниците и старешините, тоа Му го оспорувале и  Го прашале од каде Му е таа власт и право?
Во продолжение од спасителната проповед на Христа во храмот ја изговорил Параболата за двата сина (Матеј 21, 28-32), со која ги укорил јудејските старешини за нивното лицемерно однесување, како што направил едниот син којшто му рекол на татка си дека ќе го послуша, а не го направил ветеното. Со тоа ги потсетил на нивното противбожие – на нивната непослушност кон Бога и човекољубиво им дал до знаење дека и во тој ден можат да се откажат од злото – вратата на милоста им е отворена.
    Со иста порака, но поконкретно и посилно ги предупредил и со следната Парабола за лошите лозари (Матеј 21,33-46; Марко 12,1-12; Лука 20,9-19). Со неа ги опоменува не само јудејските старешини и свештеници, туку и народот што отпаднал од Бога и станал богоборец, а бил решен да биде и богоубиец. Тој богоизбран народ станал богоубиствен народ и отпаднал од Бога, па затоа, не тој, туку други ќе влезат во царството Божјо.
    Во таа смисла, продолжил со Параболата за отфрлениот камен (Матеј 21, 42-46; Марко 12,10-11; Лука 20, 17-19), а тоа е Спасителот Господ Исус Христос – краеаголниот камен врз кого е положена Црквата, верата и спасението. Без тој камен не се ѕида ништо, а сè се урива и пропаѓа во амбис.
    Потоа, заради симболиката на недостојните за спасение, ја кажал Параболата за свадбената гозба на царевиот син (Матеј 22,1-14; Лука 14,16-24), од којашто бил исфрлен оној што недостојно влегол на заедничката трпеза на радоста и славата.
    Кога виделе како јавно ги напаѓа пред народот во храмот, верските и народни старешини, почнале на Христа да Му поставуваат двосмислени прашања, со цел да Го обвинат пред луѓето затоа што се приврзал кон едната или кон другата страна. Од таков вид и со таква цел било прашањето од фарисеите и иродовците: За плаќањето данок на царот (Матеј 22,15-22; Марко 12,13-17; Лука 20,27-40). Најпрво, лукаво Му поласкале, за да Го поттикнат да каже лошо, велејќи Му: „Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се боиш од никого, оти не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји.“ Лицемерно Го охрабриле и веднаш Го прашале: „Треба ли да се дава данок на царот или не? Да давеме ли, или да не даваме?“
Ако речел дека не треба да се плаќа данок на царот, веднаш, уште оттука, ќе Го земеле со царската војска што била пред храмот и ќе Го затвореле, ќе Го осуделе и ќе Го распнале како бунтовник и противник на царот. Ако речел, пак, дека треба да се плаќа данок на царот, тогаш еврејскиот народ што го слушал во храмот ќе се налутел и разгневено ќе Го напуштел, заминувајќи си од кај Него, бидејќи власта била туѓа – римска и тие биле поробени, па не ја сакале власта и правеле отпор кон неа. Римската власт, пак, си нашла и свои приврзаници меѓу луѓето и создала партија наречени иродовци, па народот јавно се поделил: за и против. Господ Исус Христос богомудро им одговорил, јасно и нагледно. Рекол: „ ,Што Ме искушувате, лицемери? Покажете ми една даночна пара!‘ Тие Му донесоа еден динариј. И им рече: ,Чиј е овој лик и натпис?‘ Тие одговорија: ,На царот‘. Тогаш им рече: ,Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!‘  И штом го чуја тоа, тие се зачудија и, оставајќи Го, си отидоа“ (Матеј 22,18-22).
    Штом не успеале иродовците и фарисеите, се појавиле садукеите со нивните замки на мудрување и сплеткарство. Тие биле секта на материјалисти и рационалисти, кои верувале во Бога, а не верувале во задгробен живот, во душа и во духовен свет. Затоа Му поставиле прашање: За воскресението на мртвите (Матеј 22,23-33; Марко 12, 18-27; Лука 20,27-40). Нивното прашање е со измислен пример за нешто неможно, збунувачко и смешно, трагикомично. Христос им одговорил дека создадениот човек од Бога не е создаден за да умре и да постане ништо, да исчезне, бидејќи Бог „не е Бог на мртвите, туку на живите“ и човекот има жива бесмртна душа, па има и воскресение на мртвите, за вечен живот.
    Се појавил претставникот и од четвртата група, наречени законици, кои добро го знаеле Законот и постојано го препишувале и проучувале. Сите овие групи или партии во јудејството биле крвни непријатели помеѓу себе и постојано спореле, се карале и се прогонувале едни со други, но сега, како да се помириле и сите (во коалиција!), заеднички станале против Христа. Он бил нивниот заеднички непријател, оти народот тргнал по Него и ги оставил нив. Тие останале без народ и постанале ништо, неважни и непотребни. Затоа, требало да Го посрамат пред луѓето, да Го збунат, да Го обвинат и да Го оттргнат, правеќи сè за да Го замрази народот и да стане против Него.
Законикот, како најпаметен и најсилен, со силата на Законот, Му поставил прашање: Која заповед е најголема? (Матеј 22,35-40; Марко 12,28-34; Лука 10,25-28).
Навидум, нема ништо лошо во едно вакво прашање. Многу нормално и потребно е да се праша која е најголемата заповед. Токму така, затоа и Господ Исус Христос одговарал на ваквите прашања, бидејќи им биле потребни одговорите на луѓето, оти беше им здосадиле тие расправии и спорења на едни со други. Постанало веќе здодевно нивното надмудрување пред народот. И навистина, со овие прашања, без да знаат „мудрите“ прашувачи, правеле добро за луѓето, па и за Христа, бидејќи му дале можност (добра шанса!) да им одговори на толку спорните прашања и да ги посрами пред народот. Затоа, сите молчешкум си заминувале од храмот, откако ќе го добиеле Христовиот одговор. Ќе се протнеле низ луѓето и да ги нема! Но, омразата и решеноста за злосторство им се зголемила. Тоа многу ги разгневило против Него.
Прашањето за најголемата заповед било постојано отворено прашање за спор и многу го поделила народот, бидејќи, најпрво биле поделени нивните учители и водачи, едни против други. Едните велеле дека е најголема заповетта за саботата, другите спореле и велеле дека е најголема онаа за жртвите, а некои – онаа за обрезанието итн. Никој не попуштал во својот став и сите ваделе аргументи против другиот, со години и со векови. Изумирале оспорувачите, а спорот останувал.
Во тој случај, Господ Исус Христос за која и да било заповед да се одлучел, сигурно ќе имал противник со друга заповед. Но, Спасителот го решил спорот, прифатливо за сите и апсолутно точно. Тогаш, ги кажал двете најголеми заповеди, во кои е збран целиот Закон и сите Божји заповеди. Рекол: „Возљуби Го  Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој раум; тоа е првата и најголема заповед; а втората е слична на неа: „Возљуби го својот ближен како себеси!“ (Матеј 22,37-39). И што има да се каже повеќе!? Барале една, добиле две. Добиле најкратко и најцелосно објаснување. Го добиле целиот Божји закон во двете најголеми заповеди. Во нив е опфатен целиот Закон и сите заповеди. Бог кога ги даде Десетте заповеди, ги напиша на две плочи: на првата, се четирите, кои говорат за љубовта кон Бога и нашиот однос кон Него, како една вертикала што нè води нагоре кон небото и духовното; и на втората плоча, се останатите шест заповеди, со кои се уредува нашиот однос кон ближните, ширејќи се во хоризонтала кон луѓето од едната и од другата страна од нас. Двете линии го формираат крстот на нашата љубов кон Бога и кон луѓето – крстот на нашето спасение, кое не е можно без Бога и без луѓето. Секој треба да Го види Бога во човекот и да му пријде на секој човек како на Бога – со љубов, ако сака да биде и со Бога. Директно кај Бога не може. Мора преку луѓето! Библиски е запишано: „Ако некој рече: ,Го сакам Бога‘, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не го видел?‘ “ (1. Јов. 4,20).
Разговорот продолжил и сега, Господ Исус Христос ги прашал фарисеите: За Месијата и од чиј род потекнува? (Матеј 22, 41-46; Марко 12,35-37; Лука 20,41-44). Тие одговориле дека е од Давидовиот род, а Он го потврдил нивниот одговор за точен и ги прекорил за нивното станување против Спасителот, дека знаат, а се против. Тоа е голем грев и хула против Бога, бидејќи е сознателно противење на вистината и свесна определеност за злото. Тие се нашле посрамени и немоќни. Во Евангелието се вели: „И никој не можеше да Му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша“ (Матеј 22,46).
По ова, Христос почнал и пред народот остро да говори против книжниците и фарисеите и да го разобличува нивното лицемерие и лага (Матеј 23,1-12; Марко 12,38-40; Лука 11, 39-52; 20,45-47). Тие Негови зборови се многу силни и осудителни. Он јасно ги разоткрива кои се и какви се, а кажува и што ги чека како казна за тоа. Тоа се потресни зборови на Божјиот суд за грешниците и противбошците. Христос никогаш и кон никого не бил поостар во зборот и никаде пожестоко не настапил. Така било затоа што тие биле свесни за своето лицемерство и злосторство и пак го правеле, сознателно злодејствувале. За таквите нема веќе место за милост и сожалување, туку за сид и осуда. Ужасно страшни се Христовите зборови кои требало да ги поразат и да ги пробудат, ако не нив, барем луѓето што оделе по нив. Препорачувам да ја прочитате 23 глава од Евангелието според Матеј, која е доволно јасна и без толкување, а ако го имате и тоа, ќе ви биде многу полезно четиво!
Наспроти нив, Господ ја посочил другата страна и говорел за луѓето на доброто, за искрената љубов и од скромност сокриената добрина и жртва. Го кажал примерот на Параболата за вдовичината лепта (Марко 12,41-44; Лука 21,1-4). Во ковчежето за прилог што стоело во храмот, ставале многумина, а некои богати ставиле и многу пари. Но, една бедна вдовица, турила само две лепти, но само нив ги имала и тие ги дала, а другите дале од својот вишок. Кој дал повеќе? Се разбира таа. Таа дала сè што имала. Давањето пред Бога не се мери според тоа колку си дал, туку колку ти останало!
Потоа, се покажала желбата на незнабошците и Елините да Го чујат Христа и да го прифатат Неговото учење (Јован 12,20-23). Божјата промисла го проширила Евангелието кон сите народи, та ако еден Го отфрла Христа, друг го прифаќа – народ Божји имало и ќе има, но тешко на оние што се оттргнале од прегратките на Бога.
 Следела Параболата за пченичното зрно (Јован 12,24-26). Неа ја кажал веднаш потоа, за да ги поучи дека ништо од овој свет не останува со нас во вечноста, туку сè ќе изгние како што изгнива пченичното зрно. Тоа, иако е толку многу потребно за лебот и животот, изгнива в земја, но воскреснува, излегува од земјата во нов живот и станува симбол на воскресението од мртвите.
На крајот од оводневниот престој и поучување во храмот, се помолил и ја изговорил силната Исусова молитва и се чул глас од небото (Јован 12,27-50).
Потоа, излегол од храмот во дворот и, гледајќи го храмот и Ерусалим во неговата убавина, а полн со тешки гревови, се нажалил, заплакал и тажно рекол дека ќе остане пуст, пророкувајќи за разрушувањето на градот и храмот (Матеј 23,37-39; Лука 13,34-35; Матеј 24,1-2; Марко 13,1-2; Лука 21,5-6).
Тоа веќе претставувало јасно есхатолошко кажување и Спасителот, за да не го преплаши народот, престанал да говори пред нив. Си заминал со апсотолите. А, и времето одминало и луѓето требало да си појдат дома. Он излегол од храмот и отишол во Маслиновата (Елеонската) Гора, каде што продолжил да им говори на учениците Негови, за сите есхатолошки знаци и настани, за сè што ќе се случи тогаш и за неволјите на крајот од светот (Матеј 24,3-14; Марко 13,3-13; Лука 21,7-19). Им кажува за појавата на лажни христоси и спасители, разни антихристијански сили, војни и убиства, земјотреси и глад, гонење на христијаните, проповед на Евангелието кај сите народи во светот, непријателства меѓу луѓето, дури и меѓу своите најблиски, роднини и пријатели, појавата на Антихрист и дејствувањето на неговите приврзаници и најпосли: Христовото второ доаѓање и крајот на светот.
Во Неговите беседи со апостолите За големото страдање во последните времиња им кажал дека Бог ќе ги скрати маките на луѓето, заради праведниците (Матеј 24,15-22; Марко 13, 14-23; Лука 21,20-24).
Говорел За Второто доаѓање на Синот Човечки, кога ќе се појават знаци и на небото и ќе се вознемират небеските сили, па сонцето ќе потемне, месечината нема да свети, а ѕвезди ќе паѓаат и на небото ќе се појави знакот на Христос – крстот, тогаш ќе дојде по вторпат, но како Судија на светот (Матеј 24,29-31; Марко 13,24-27; Лука 21,25-28).
Ја исползувал и природата со своите знаци и најави, па рекол дека може да се Поучат од смоквата, според која знаеле дека е близу летото (Матеј 24,32-35; Марко 13,28-31; Лука 21,29-33).
И покрај сите кажувања, сепак, рекол дека точно Не се знае денот и часот на Христовото второ доаѓање и повикал на постојана будност и подготвеност – и тоа двојна: бидејќи сигурно се знае дека ќе дојде и сугурно не се знае кога (Матеј 24,36-42; Марко 13,32-37; Лука 21,34-36).
За таа цел ја кажал и Параболата за благоразумниот и лошиот слуга, од кои, едниот се надевал и будно го чекал доаѓањето на господарот, а другиот не (Матеј 24,45-51; Лука 12,41-48).
Во продолжение ја изговорил и Параболата за десетте девојки (Матеј 25,1-13), со која, уште посилно и посликовито го објаснил очекувањето. Кажал дека тоа е „мудро“ да се направи, а другото е неразумност. Секој треба да го сфати сериозно и да го исползува времето во подготовка и приправност, бидејќи времето одминува и, ако го изгубиме (а не го исползуваме разумно!) сегашното, ќе го загубиме и идното. Да не го „преспиеме“ времето, како што заспале неразумните пет девојки. Во овој живот му ја даваме вредноста и на идниот!
И најпосле, го опишал и Последниот суд (Матеј 25,31-46), денот на судот Божји, кога ќе им суди на сите луѓе од првиот до последниот. Тогаш, на добрите ќе им рече: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството“, а на другите: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган...“ (Матеј 25,35,41). Праведниот Судија е Бог непоткуплив и сезнаен, пред Кого ќе излезе секој и ќе се откријат сите наши дела, и тајни и јавни, и видени и сокриени, та секој ќе го прими заслуженото, без приговор, оти ќе биде сè јасно и јавно.
Говорејќи им на апостолите за последните времиња, Христос, на крајот, пак ги вратил на настаните што претстојат и завршил со зборовите: „Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде предаден на распјатие“ (Матеј 26,2).
По ваквите говори на Христа против оние што го лажеле народот и го оттргнувале од Бога, место да го приведуваат кон спасението, тие силно се разгневиле и озлобени на Него, се вели дека уште истиот ден, уште во вторникот, многупати намислувале да Го фатат и да Го убијат, но се плашеле од народот, зашто луѓето Го прифатиле Христа (Матеј 21,46; Марко 12,12; Лука 20,19).
Ноќта настапувала и Христос со апостолите, повторно, заминал да ноќева во Витанија, каде што било побезбедно и попријатно за сите, бидејќи таму, пред пет дена, го воскреснал Лазара, којшто бил веќе четири дена в гроб. Луѓето со восхит Го очекувале кај нив и сите поверувале во Него. Тоа, пак, ги исплашило јудејските црковни и народни великодостојници во Ерусалим и ги разгневило. Затоа, сите излегле да Го видат кога дошол и да Го чујат што ќе говори. А кога Го виделе и чиле, тоа уште повеќе ги раздразнило нивните злочувства и зломислија.
                                                                       *
                          *        *
    Следете го и утрешниот текст за Велика Среда!
  30.04.2013год.



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная