Прашање од Кире Конески: Зошто за време на службите во харамовите се пее и на словенски, а знаеме дека ние не сме словени, сме антички Македонци.Наместо словенски јас мислам дека треба да биде Македонски? Ако можете да ми објасните за ова прашање па ќе ви бидам многу благодарен.
Одговор:
Ако ги следиме зборовите на нашиот Господ Исус Христос, најпрвин да бидеме свесни дека „нема повеќе ни Грк, ни Јудеец, ни Елин, нема ни машко ни женско“ . Црквата за еден народ нормално претставува негова духовна поткрепа, прибежиште од светските бури, и и пристаниште кое ќе го прима и предава во прегратките на Отецот, преобразувајќи го во сопствениот идентитет. Нормално е во овој период на етнофилетизам и отстапништво од верата со свртување од богоцентричен кон човекоцентричен живот да се соблазниме, и не гледаме на она што е најважно, а тоа е дека Христос дојде, умре и воскресна за сите. За нашиот идентитет се знае дека сме Македонци, а сега не смееме да се удираме во гради и да велиме дека сме антички Македонци, зашто се сомневам дека некој народ останал чист и не измешан сите овие векови. Но како и да е ние сме Македонци, и не би сакал да ве соблазнам, само сакам да укажам на тоа дека да бидеме свесни за тоа кои сме и што сме, но и да се молиме малку на Бога да си ги доведе работите на свое место. Да не ја заменуваме богослужбата со парламентско изложување или став за името. Да се молиме и за нашите еднокрвни и едноверни браќа, Грците и сите кои не не сакаат, зашто со иста крв се причестуваме, за Бог на сите да ни даде разум да се помириме и да го бараме најнапред Царството Небесно и Неговата благодат, а се друго ќе ни се придаде.
Кога светите браќа го извршиле преводот, настанала една прекрасна синергија и хармонија помеѓу тогашната мелодија на текстовите на грчки јазик и преводот на црковно - словенски. И навистина тоа е дар Божји, со оглед на тоа за колку кратко време е извршен. Денес, заради подобро разбирање на богослужбите и продлабочување во нив се прават напори за превод на богослужбите, меѓутоа мора многу да се внимава да не се избега ниту од контекстот на текстот, ниту да се отстапи од ритмиката и мелосот кој им е даден од светите отци на одредени песни. Затоа сето тоа мора да се одвива внимателно и побавно, а дотогаш да се трудиме да го сочуваме Духот на Едната света, собрна и апостолска Црква, и националниот идентитет и јазик да ни биде како средство за обединување и „одење во подлабокото“, а не за одделување и отцепување во безизлезен ќор сокак - солипсизам. Господ да е со нас.
п.п/з.д.
Прашање од В.С.
И понапред Ви се имам обратено за одредени теми и Ви благодарам на брзите одговори.Сега повторно , пак поради ќерката имам прашање, или повеке молба за објаснение.
Имено, моите родители се во село Слоестица каде се слави Св.Богородица.На тој ден рано наутро, татко ми сака да подари јагне за здравје на мојата керка. Наидуваме на многу разлицни одговори и објаснуванја за овој вид дар кон цркавата.Едни велат паганско е да се дарува, други велат дека дар мозе.Ве молам да ми помогнете, да ми даде појаснуванје дали мозе да се дарува јагне на цркавата за здравје за дете, и ако да, ве молам за објаснение како тоа се прави правилно христијански.
Ви благодарам однапред на одговорот,
Со почит,
В. С.
Одговор:
Во поранешните времиња, христијаните кои сакале некако да го помогнат манастирот или црквата, давале дел од тоа што имале. И тоа било без разлика на што, да си искористи во полза на сите и на се. Меѓутоа , за жал, денес таквиот добротворен прилог почна да се испревртува и се воведуваат некои пагански ритуали и верувања кои го воведуваат човекот во паганизам и суеверие. Со појавата на таканаречениот курбан луѓето почнале да принесуваат крвни жртви милсејќи дека принесуваат на Бога, понижувајќи ја со тоа Христовата крсна жртва. Значи ставот на Светата Црква и вистината е дека Христос беше последната крвна жртва која го искупи светот од своите гревови и надевајќи се во неговата смрт и воскресение, се спасуваме. А секакво различно учење е ерес, или друговерие. Доколку се сака да се принесе некој дар на црква или манастир, секако дека е благословено, но само доколку оној што подарува не прави проблеми, дарот да се искористи во соодветни цели кои ќе послужат на светињата, то ест, доколку манастирот има потреба од овци, или од било кој предмет да го зачува, а доколку нема, да се продаде и парите да се искористат во благодушна и богоугодна цел. Само така дарот и трудот се благословени од Бога. Бог да ве благослови и укрепи што се трудите и ја барате вистината, и да ви помогне по тој пат. Амин!
Прашање од Н.
Нашата сестра, е многу нервозна, караниците се секојдневна појава. Не ги почитува нашите родители и лоши зборови упатува до нив. Распарвиите се секојдневна појава во односите со неа. Ве молиме, за сугестии, како да го решиме проблемот со неа.
Одговор:
Одговорот на сите наши прашања и проблеми ни е во Бога. Најлошо е кога ќе имаме проблеми во семејството, но за жал ѓаволот не мирува, и токму во деновите кога треба да Му се посветиме барем малку на Бога следуваат искушенијата... Од ваша страна единствената помош што можете да ја дадете е молитвената поддршка и морална поткрепа на вашата мајка, но сепак мора да внимавате да избегнувате секаква кавга со сестра ви, за да не се почувствува дека е осудена од сите како негативец во куќата. Децата најчесто си ги сфаќаат грешките. Некогаш малку подоцна, но доколку има некој кој се моли за нив сигурно ќе се освестат еден ден. Вашата Мајка најмногу ја повредува недостатокот на љубов од својата ќерка, па затоа вие мора да ја поткрепувате со вашата, и да внимавате да не олади нејзината љубов кон неа... Бог да ве укрепи во љубовта и молитвата едни за други... амин!
Прашање од Благоја:
Што се Тропари и каде може да се најдат линкови од нив?
Одговор:
Тропарот е кратка песна, строфа од неколку редови и има голема улога во црковното пеење. Некои мислат дека зборот тропарион доаѓа од тропеа, трофеи, победни знаци и, според нивното мислење, тропарот е песна во која се опева победата на светителот или на било каква идеја. Некои мислат дека пак името го добил од трепо, затоа што тропарот во однос на ирмосот се превртува (тетрапте). Но фактот дека постоеле писатели на тропари уште пред кондаците и ирмосите, сведочи дека тој збор е предеминутив на тропос (што означува музикален начин). Во него во кратки црти се опева животот на светителот и тој е еден од најзначајните делови од службата. А за некој посебен линкна тропари, не сме информирани дека постои.
Денес, на празникот на Св. Спасо Радовишки се пее топарот:
Тропар на Св. Спасо Радовишки
Глас осми:
Преку ревноста за верата си се откажал од себе,
и заради вистината си поднел како бесплотен
потсмевање и камшикување и окови и затвор,
и си го добил венецот на животот, Спасо Блажен.
И сега моли Го Господа, Кој што те овенча,
за да ги спаси душите на оние што те чествуваат.
п.п/з.д.
Прашање од Благоја:
Каде и на кои линкови може да се најдат вистинските упатства во врска со крштевање на новороденче според нашита православна Македонска Црква. Благодарам.
Одговор:
Светата Тајна Крштение, е единствена и не може да биде ни јота поразлична во ниедна православна Црква, затоа што тука станува збор за Дар од Бога, догма откриена од Него, соблекување на стариот човек и облекување во Него. Како што се вели и во химната при Светото Крштевање: Вие што во Христа се крстивте во Христа се облековте. Алилуија! Така да, може да се послужите со било која книга или линк од соседните православни Цркви. Чинот на Крштението е ист и за децата и за возрасните. Катихуменот (огласениот) трикратно се потопува во водата , при тоа свештеникот изговарајќи ја формулата:„Се крштева чедото Божјо (името), во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!"
Инаку еве еден македонски православен линк
http://preminportal.com.mk/content/view/2521/94/ кој зборува накратко за Светата Тајна Крштение.
п.п/з.д.
Друго:
Прашање од Марија:
Ве молам да ми одговорите на моево прашање; ако се одредиме за пост, која храна е дозволено да се конзумира, што не е дозволено да се прави додека трае постот, и како изгледа чинот на причестување по завршување на постот, како треба да се однесуваме, за причестувањето.Благодарам.
Одговор:
„На христијаниниот му е потребен пост за да го избистри својот ум, да ги разбуди и развие чувствата и својата волја и да ги приближи кон добро творење. Тие три способности ние најмногу ги помрачуваме и задушуваме, најмногу со прејадување, пијанство и грижа за овој свет, а преку тоа отпаѓаме од Изворот на животот - Бог, и паѓаме во трулеж и суета, изопачувајќи го и осквернувајќи го во себе Божјиот образ... За христијанинот постот е потребен и поради тоа што со воплотувањето на Синот Божји, човечката природа е одуховена и обожена, и ние итаме кон горното Царство, кое што не е јадење или пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух. Храната е за стомакот, а не стомакот за храната; но Бог и неа и него ќе ги уништи (Рим. 14, 17; 1 Кор. 6, 13).“ - св. Јован Кронштадски.
За време на посните денови Црквата одредила да не се конзумира месо, јајце, млеко, а во одредени денови и масло, риба и алхохол, во зависност од тежината на постот. Доколку се работи за телесна или духовна немоќ, постот може да се разреши дури и на млеко и јајце, но месото не се разрешува ни на смртно болен, затоа што организмот на човекот нема баш никаква неопходност од тоа. Инаку однесувањето за време на постот, како и за време на целиот наш живот треба да биде воздржливо, односно да се воздржуваме од празнословие, сладострастие, славољубие, и среброљубие. Зашто нашиот живот треба да биде литургија после литургија, то ест, тоа што го доживуваме на литургијата, да го преточиме во животот. Постот е период на засилено покајание, и поради тоа тогаш не се дозволени свадби, венчавки и други веселби. А се разбира цел на сиот наш труд и подвиг е токму причестувањето со Телото и Крвта Господови... Како што вели св. Јован Златоуст: „Никој не е достоен од оние врзани со страсти...“ меѓутоа со труд, по милоста Божја се удостојуваме да се причестиме. Најважно е да имаме духовник и да се исповедаме почесто, со цел да може постојано да го следи нашиот духовен раст и по неговиот благослов да се причестуваме или пак да не се причестуваме. Треба и добро е да се причестуваме што почесто и за тоа треба да се трудиме, но сепак се зависи од тоа колку достојно се трудиме да се причестиме за секој првпат.
Значи, причестувањето треба да дојде како плод на нашата вера, како основна храна на секој вистински верник, на секој православен христијанин. Зашто без Христос и Неговото Пречисто Тело и Крв, не сме христијани, немаме живот вечен, не сме дел од Телото Христово кое е Црквата. Бог да не удостои и да не ни го зема за грев и осудуванје нашето причестување до крајот на нашиот живот, по молитвите на Богородица и на сите Негови светии. Амин!
п.п./з.д.
Прашање од Елизабета:
Каде да најдам акатист за здравје на нечија душа?
Одговор:
Акатистот е најпрво поздрав, радост и пофалба на Пресвета Богородица. Тој прв акатист кој се вика Благовештенски, е состав на непознат химник, настанал некаде кон крајот на шестиот или во почетокот на седмиот век. Прв пат неговата употреба е забележана за време на византискиот цар Ираклиј и патријархот Сергиј, кога Цариград бил под опсада на Авар и персискиот цар Херзеј, и со чудо Божјо по молитвите на Богородица е спасен од опсадата. И тогаш (8 август 626 г), сиот народ и пеел химна на /мајката Божја и Логосот, цела ноќ.
Од тогаш се именува и Акатист (неседален), и за време на неговото читање се стои. Со својата убавина и складност, акатистот на Пресвета Богородица послужил да се напишат и многу други акатисти посветени на другите Божји угодници, па така ние денеска имаме акатист речиси на секој светител.
Како одговор на вашето прашање кој акатист да се чита за здравје, би ви ги препорачале акатистите на светите бесребреници Козма и Дамјан, Пантелејмонј, св. Харалампиј, св. ап. Лука, кои и за време на својот живот со својата служба и Божја помош мнозина ги лекувале, и на св. Харалампиј и св. Наум Охридски кои се особено познати по лекуванјето на немоќните и душевно и телесно. Се разбира и секојдневниот акатист на Пресвета Богородица (Благовештенски) според кој се направени сите други. Фала Му на Бога, сега Акатистите ги има и со македонски превод во издание на манастирот посветен на св. Атанасиј Велики во Журче, а може да се набави од повеќе манастири и црковни продавници во Македонија. Господи помилуј!
п.п/з.д.
Друго:
Од издавштвото на манастирот на св. Атанасиј Велики, с. Журче
Прашање од Ивица: Дали во ситуација на правење зло од страна на луѓе врз нас е исправно да го истуриме праведниот гнев?
Доколку гледаме дека во континуитет некоја злобна личност не напаѓа нас или некој друг со зборови, нели би било подобро да и речеме еднпставно да прекине (или со било кои праведни зборови да го пресечеме нечестивиот говор) отколку да трпиме и да дозволиме да не разјадуваат одвнатре таквите зборови.
Сум бил сведок на храбри личности кои не се двоумат да ја одбранат правдата, едноставно со збор прекинувале озборувања, клевети, прекумерни фалења со посед на имот и материјални богатства.
Ќе наведам случај кадешто жена озборува за тоа како некое дете било пијаница, а истата таа жена има син којшто не е пијаница но е коцкар. Значи гревот на своето дете го прикрива со тоа што пренасочува муабет према други лица или пак го зборува ова само колку да потроши време на празен муабет. Се погодува во тој муабет да биде личност која не трпи вакви лицемерни муабети и и вика: „Па нели гледаш твојот син каков е, зошто зборуваш за другите. Прво својот двор измети го па потоа види дали можеш да помогнеш за комшивскиот.“ Жената веќе тука поцрвенува од срам и се повлекува.
Што е подобро во овој случај, да таа личност се помоли за гревот (озборувањето) или пак да го пресече муабетот за да не би се одвивал воопшто?
Одговор:
Не е ниту исправно, ниту гневот е праведен, да не бидеме ничии судии, зашто самиот Господ не поучува- да со каков суд судиме , со таков и ќе ни се суди, и за таквата личност најдобро е да се помолиме, а ни во кој случај да не ја осудуваме. Можете со одбрани зборови да и укажете на погубноста на злото, и на штетноста на озборувањето. И толку. Не се убедуваjте, но пристапете со молитвеното обраќање кон Бога, па продолжете да се молите за личностa со сета вера и љувов.
Има многу поуки од светите отци на ови ваши дилеми, еве два линка до поуките на св. Серафим Саровски и од свети Амвросиј Оптински:
Св. Серафим Саровски - За зборливоста
Свети Амвросиј Оптински: Од писмата до духовните чеда
Прашање од Гордана Т.:
Зошто иако теоретски знаеме дека грешиме и се каеме и плачеме, повторно и повторно грешиме?
Одговор:
Грешиме, затоа што сеуште не сме се покајале за направените гревови... Борбата е голема, и пак ќе грешиме додека да умреме. Само сето тоа зависи од големината на нашето покајание. И разбојкникот кој цел живот живеел разбојнички, на крај станал прв жител на рајот..Не е лесно, и брзо, но фала му на Бога што Тој не се откажал од нас, и „што не престанал да прави се додека не не вознел на небо и Царството Свое не ни го дарувал“ нам кои веќе одамна сме се откажале од Синовското достоинство. Да ни го даде Господ покајанието на разбојникот и Неговото смирение, а ние да се смируваме и претрпуваме благодарејќи Му секогаш... и пред се. Амин+
п.п./з.д.
Друго:
ШТО Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (8)