Скопје, 2 август 2010 (МИА) - Со народни собири на Мечкин Камен во Крушево и во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце денеска во државата се одбележуваат Двата историски Илиндена - 107 години од Илинденското востание и 66 години од Првото заседание на АСНОМ.
Претседателот на Владата Никола Груевски има обраќање на централното чествување на Мечкин Камен во Крушево каде се одржува голем народен собир. Во делегацијата се и министрите за правда, за животна средина и просторно планирање и за информатичко општество, Михајло Маневски, Неџати Јакупи и Иво Ивановски.
Владината делегација предводена од премиерот Груевски претходно положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен.
На народниот собир во кумановско Пелинце се обрати претседателот на државата Ѓорге Иванов. Цвеќе во меморијалниот центар АСНОМ положија и владина делегација во која се министрите за надворешни работи и за економија Антонио Милошоски и Фатмир Бесими, и министерот без ресор Неждет Мустафа. Годинава не беше испратена делегација на автентичното место на АСНОМ - манастирот Св. Прохор Пчињски, кој е под јурисдикција на Српската православна црква.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски положи цвеќе пред споменикот на Методија Андонов Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ, во центарот на Скопје. На споменикот на Ченто цвеќе положија и владина делегација во која се министерот за одбрана Зоран Коњановски, заменик-министерот за внатрешни работи Џевад Бучи и државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика Марјан Тодоровски.
Во битолското село Трново денеска се одржа традиционалната 39. Светска македонска средба, во организација на Матицата на иселениците, Светскиот македонски конгрес, Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“ и Сојузот на Македонците со исламска религија.
Во Крушево синоќа свечено беше отворена манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. Таму стигнаа и коњаниците кои традиционалниот Илинденски марш и оваа година го почнаа од скопско Горно Лисиче на 27 јули.
Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател... Слободната Република траела 10 дена.
Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов Ченто.
Заседанието усвоило неколку документи со државнотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија. хс/ва/12:59