Скопје, 18 јули (МИА) - Со спојувањето на звукот на тапаните од четири страни, со звуците на македонската химна на свечен собир денеска во Скопје почна четвртата Светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија по повод 60-годишнината од егзодусот на 28.000 македонски деца за време на граѓанската војна во Грција.
Во присуство на околу 6.000 учесници од повеќе земји во светот и од Европа, од државниот политички и црковен врв, како и гости од македонските организации од Грција, Албанија и Бугарија, во име на покровителите - Собранието и Владата на Македонија, се обрати претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски. Тој истакна дека денешната средба на децата бегалци од Егејска Македонија претставува уште еден доказ за историското паметење дека македонскиот народ со својот јасно препознатлив национален и културен идентитет е вистина која не може да се избрише со сила и со страдања.
- Националниот идентитет не може административно да се избрише. Некогашната заедничка држава, во која се обидуваа да го супституираат националниот идентитет со некакво југословенство, се распадна, но останаа Македонци, Хрвати, Срби, Словенци... Христијански е да се простува, човечки е да не се заборава, а цивилизациско право е да бидеме и да се декларираме онака како што самите се чувствуваме - Македонци. Токму затоа што сме Македонци и што не се откажуваме од својот идентитет, пред 60 години се случи и голготата на нашите браќа и сестри од Егејска Македонија. И денеска, по 60 години, 28 илјади тогашни деца и нивните поколенија кои не се откажуваат од македонскиот идентитет, како и оние кои живеат во соседна Грција, не можат да ги остварат своите елементарни човекови права, рече Вељановски.
Тој потсети дека само затоа што сме Македонци неодамна на Самитот во Букурешт Македонија не доби покана за членство во НАТО, но и дека таа црвена линија не може да ја поминеме, бидејќи ако се откажеме од националниот идентитет едноставно ќе нè снема, а тоа денеска го разбираат и нашите пријатели од Европа и светот.
Осврнувајќи се на писмото што премиерот Никола Груевски го испрати до Владата на соседна Грција претседателот на македонското Собрание истакна дека со него се бара само исправање на евидентните историски неправди направени пред 60 години, кои се отворени и денеска - прашањето за македонското малцинство во соседна Грција и проблемот на децата бегалци, при што не се посегнува по сувереноста и територијалниот интегритет на јужниот сосед.
- Верувам дека овие укажувања така ќе бидат разбрани од страна на нашиот сосед, но и пошироко бидејќи се втемелени врз меѓународните принципи, рече Вељановски потсетувајќи дека Македонија како европска земја и членка на ОН максимално ги почитува овие меѓународни норми кои ја гарантираат слободата и правата на човекот и побара да ги почитува и Грција како членка на ЕУ и НАТО и потписник на тие документи.
Како Парламент и како владејачко мнозинство, кое според демократските принципи има најголема одговорност, рече Вељановски, ќе продолжиме во остварувањето на нашите стратешки определби, членство во НАТО и ЕУ, како и развивање на добрососедските односи со што обезбедуваме мир, стабилност и економски развој на Република Македонија, на регионот, но и пошироко.
Петро Василијакис, претседателот на Здружението на Македонците од Лерин, Грција, во обраќањето до гостите порача дека македонското прашање треба да се интернационализира. - За 60 години децата бегалци остареа, а борците во ДАГ повеќето изумреа. Дали мисли Грција да го затвори ова прашање по природен пат, рече Василијакис.
На собирот се обрати и претседателот на Организацискиот одбор на четвртата Светска средба на децата бегалци Георги Ајановски кој се наврати на голготата на децата бегалци, но и на нивната истрајност и стоицизам во зачувувањето на споменот на народната традиција, непомирливата борба за остварување на нивните човекови права и елиминирање на дискриминацијата од страна на грчките власти.
Тој особено го поздрави ставот на Владата првпат прашањето на децата бегалци и малцинското прашање да добијат третман на државна политика и поддршка што, како што рече, дава надеж дека на крајот, независно од жртвите, македонската вистина ќе победи.
Од собирот беше испратена и декларација до ОН, ЕУ и соседните земји со барање за почитување на нивните човекови права и слободи, слободно враќање на огништата и укинување од страна на Грција на дискриминаторските закони кои тоа го негираат. Документот, кој содржи и хуманистичка порака, повикува на помирување во име на демократијата и општоцивилизациските вредности.
По собирот предвидено е делегации од учесниците да положат цвеќе на споменикот на „Децата бегалци“, на гробот на Гоце Делчев, на борците од НОБ и на споменикот на Крсте Мисирков. Утре во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ ќе се одржи и панихида во спомен на загинатите и починатите учесници во Антифашистичката и во граѓанската војна.
Во рамки на четирите дена од манифестацијата предвидена е богата програма која вклучува изложба на фотографии од досега одржаните средби на децата бегалци, научен симпозиум во МАНУ со презентација на 15-тина научни трудови посветени на граѓанската војна и на прогонот на децата, изложба на книги со тематика од Егејска Македонија, промоција на книгата „Песни за Егеј“- антологиска збирка подготвена по повод Светската средба, ликовна изложба во КИЦ „60 години Погром“ на која ќе биде промовирана и монографија со дела на автори од егејскиот дел на Македонија. Учесниците в недела ќе го посетат манастирот во Лешок. Во киното „Милениум“ ќе биде промовиран и документарниот филм „Инконтинуо“, кој е подготвен од сите документарни филмови создадени во периодот меѓу 1948 година и во текот на педесетите години за децата бегалци. ва/паг/15:24
Симпозиум за шесте децении од прогонот на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија
Скопје, 19 јули (МИА) - Деветнаесет учесници, претежено историчари, со реферати на научниот симпозиум „60 години од егзодусот“ што денеска се одржа во МАНУ, од различни аспекти го тематизираа прогонот и голготата на околу 28.000 македонски деца за време на граѓанската војна во Грција (1946-1949), во рамки на вториот ден од четвртата Светска средба на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија. На симпозиумот биле поканети и историчари од странство, вклучително и од Грција, но тие не се одѕвале на поканата. Излагањата од симпозиумот ќе бидат отпечатени во зборник што потоа преведен на англиски јазик ќе биде дистрибуиран низ светот.
- Грците прават многу за да докажат дека не постојат Македонци. Потребно е и ние да парираме со една таква силна борба и да му покажеме на светот дека постоевме и дека ќе постоиме, дека сме обесправени и дискриминирани од државата Грција со тоа што ни е одземено правото за посета и за располагање со имотите и да бидеме државјани на државата во која сме родени, рече Ѓорѓи Доневски, генерален секретар на Организацискиот одбор на собирот. Четвртата средба, како што додаде, има поголемо значење од претходните зашто првпат Владата се вклучува со отворање на прашањето за бегалците од егејскиот дел на Македонија.
Академик Блаже Ристовски изјави за медиумите дека крајно време било Владата да го отвори прашањето и дека со писмото упатено до грчката Влада премиерот Никола Груевски ја конкретизирал идејата за македонскиот идентитет.
- Писмото доаѓа како логична последица на оваа бескрајна дискусија што се водеше досега во рамките на Обединетите нации и која не даде резултат соодветен на решението на ОН - да се води разговор за разликите за името... Суштината е во тоа дали Грција сака да разговараме за идентитетот или не. Спорот не е за името. Името е симбол на нашиот идентитет и разговарајќи за името ние разговараме за себе како Македонци. Тоа се разоткри со писмото на премиерот, рече Ристовски.
Според него, науката и политиката треба да дадат соодветен одговор на тврдењето на грчкиот премиер Костас Караманлис дека нема и немало Македонци и дека немало малцинство во Грција.
- Отворањето на прашањето за македонскиот идентитет пред меѓународната јавност е најзначајното. Се друго е измама. Да разговараме за името нема смисла, ако не зборуваме за идентитетот. Да се бара од нас да го смениме идентитетот, мислам дека треба да престанат сите разговори, рече Ристовски и додаде дека македонската научна мисла сега треба да го аргументира македонскиот идентитет.
Историчарот Никола Жежов, исто така, смета дека потегот за отворање на прашањето за децата бегалци е добар и дека е тоа добра фаза за да се отворат многу горливи и неразрешени прашања во односите меѓу Македонија и Грција. Според него, тоа нема да ги врати наназад преговорите со Грција за името зашто се работи за имотно-правно прашање кое не задира во нив.
Најголем дел од бегалците немаат документи за своите имоти но тие постојат во катастарите во Грција. За утврдување на сопственоста постојат документи и во турските архиви. Здруженијата на деца бегалци веќе водат постапка во Судот во Стразбур со тужба и барање за обештетување за бесправно користење на земјата во изминатите 60 години, посочи Жежов.
Светската средба вечер продолжува со отворање ликовна изложба за шесте децении од егзодусот во Културно-информативниот центар. Утре е организиран излет на учесниците во село Лешок. Многумина дојдени од светот индивидуално ќе ги посетат родните места во Грција, дел од нив утре ќе присуствуваат на панаѓурот во село Овчарени, каде ќе настапи и ансамблот „Танец“ и каде што секоја година Македонците го одбележуваат Илинден. Четвртиот собир ќе заврши в понеделник со проекција на документарниот филм „Инконтинуо“ во кино „Милениум“ и со свечена вечера за учесниците. хс/дма/15:15