ГОРАН СТЕФАНОВСКИ ЗА ГОСТУВАЊЕТО ВО БРИТАНСКА ПРЕСТОЛНИНА
Претстава на македонски во Лондон е голем поен за Македонија
Настапуваме суверено и самоуверено, како и што доликува, во култното место на театарот на Шекспир. Ова го сметам за брилијантен погодок во центар, како во културна, така и во културно-политичка смисла, вели Стефановски
Гостувањето на Народниот театар Битола на македонски јазик во Лондон е огромен поен за културата на Република Македонија, вели Горан Стефановски, драматург и наш културен амбасадор во Велика Британија. Битолскиот театар викендов на сцената на Шекспировиот театар Глоубб ќе го изведе третиот дел од претставата Хенри Шестии од Шекспир. На фестивалот гостуваат 37 театри од целиот свет со над 600 актери. Тие од 23 април до 9 јуни на свој јазик ги изведуваат драмите на Шекспир во негова чест.
-Настапуваме суверено и самоуверено, како и што доликува, во култното место на театарот на Шекспир. Станува збор за темелна афирмација на нашиот театар во буквално светски релации. Ова го сметам за брилијантен погодок во центар, како во културна, така и во културно-политичка смисла, изјави Стефановски.
Во историската трилогија Хенри Шестии, одделно учествуваат и театрите од Белград и Тирана, на српски, односно на албански јазик. Режисер на проектот е Џон Блондел од САД. Фестивалот за Шекспир е дел од Културната олимпијада во Лондон.
Според Стефановски за настанот веќе нашироко се пишува во сите водечки британски весници со оглед дека станува за клучен културен настан во Велика Британија.
Стефановски неодамна ја заврши Одисејаа, драма нарачана од загрепскиот театар Улисисс, основан од актерот Раде Шербеџија. Претставата ќе ја режира Александар Поповски и премиерно ќе биде изведена на 20 јули на островот Бриони во Хрватска. Екипата на Одисеја" ќе ја предводи Никола Ристановски, а ќе играат актери од Ателје 2122 од Белград, театарот Гавелаа од Загреб и Народно гледалишче од Марибор. Дел од екипата е и славниот ветеран Ѓуза Стоиљковиќ.