Поглаварот на МПЦ, вели дека загрижувачки се податоците кои говорат дека меѓу нашиот народ поголем е морталитетот отколку бројот на новороденчиња
Поглаварот на македонската православна црква, г.г. Стефан во божиќното послание предупредува дека Македонија постепено но сигурно станува нација без доволен подмладок. Повикувајќи на зачувување на семејството и македонскиот Архиепископ порачува дека децата се најголемото богатство што може да и се дарува на татковината и на светата црква.
-Ако некогаш во минатото црната чума ни беше најголемиот непријател, денес тоа е белата чума, односно неизвршување на заповедта Божја и родителската должност-раѓањето деца. Затоа и на овој свет и спасоносен ден, им порачуваме на сите млади брачници-дарувајте рожби, дарувајте радост, дарувајте младост за својот народ: уште по едно, уште по две и три рожби во нашите семејства, рожби што ќе значат надеж и иднина за нашиот народ, вели Архиепископот Охридски и Македонски, во своето божиќно послание.
Поглаварот на МПЦ, вели дека загрижувачки се податоците кои говорат дека не се запазува ни природната рамномерност и дека меѓу нашиот народ поголем е морталитетот отколку бројот на новороденчиња. Прославувајќи го Богораѓањето го празнуваме заедништвото на човекот со Бога. И затоа Божиќ е и домашен празник
-Семејството било и останува основа на секое општество, а преку благословот на бракот, тоа станува мала црква. Оттаму и обврската - родителите да се грижат за децата, да ги чуваат и воспитуваат и од нив да создаваат полезни членови за општеството и за црквата, порачува македонскиот Архиепископ.
Над 200 милиони православни верници, еден од најголемите христијански празници, раѓањето Христово го слават по стариот Јулијански календар на 7 јануари. Меѓу нив е и Македонската православна црква.
Централната прослава в понеделник наутро ќе биде во Соборниот храм, Св. Климент Охридски во Скопје. МПЦ ги повикува своите верници да ги негуваат вредностите од својата црковна историја како поука од оние кои копнееја за духовна и црковна слобода на македонскиот народ.
(М.Н.)
Извор: Вечер
Г.г. Стефан: Дарувајте рожби, дарувајте му младост на својот народ
Во божикното послание, поглаварот на МПЦ потсети дека меѓу нашиот народ има повеќе умирања од раѓања
„Бог стана човек за спасение на сите луѓе. И не само тоа, туку со Христовото раѓање се удостоивме да бидеме вистински наследници и на мирот и вечниот живот - подарени од Царот на мирот и Изворот на животот - од Господ Христос. А тој мир не е мир од овој свет, туку мир Божји, преку кој сме измирени со Бога и еден со друг“, порача во своето божикно послание поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан.
Богомладенецот, тој вистински Бог, кој постои пред вечноста, заради нашето спасение, се роди како „младо дете“, вели архиепископот. Синот Божји дојде на земјата зашто човекот беше слаб да се спаси себеси и немоќен да ја прекине врската со злото. Со Христовото раѓање човечката природа е обновена и вратена во нејзината првобитна состојба, бивајќи така подобна на Бога. Она што дотогаш беше незапирливо пропаѓање и осуденост на смрт, односно последица на нашето оддалечување од Бога, доби ново значење. Се создаде нешто ново и дотогаш непознато - преку овоплотување на Словото човекот се ослободи од незапирливото пропаѓање и смртта и стана наследник на вечното постоење, нагласи г.г. Стефан.
Во посланието, првиот архијереј на Македонската православна црква прашува: „Каква тајна се крие во Божјиот план за спасение на човекот!? Да му се обезбеди место за сместување на оној на кого целата вселена му е престојувалиште и, во исто време, колку голема чест и внимание му се дадени на човекот!?“, објаснувајќи дека „во тоа е тајната на единството на човештвото, тајната во односот на човекот со Бога, кој „земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек" (Фил. 2, 6-7). Така се потврди она дека невозможното за човекот е возможно за Бога.
„Чествувајќи го Божик - Рождеството Христово, се потсетуваме и на тоа дека човештвото преку овој спасоносен настан повторно стана заедница, повторно стана едно семејство со Бога“, вели поглаварот. „Прославувајќи го Богораѓањето, го празнуваме заедништвото на човекот со Бога. Оттаму Божик е и домашен празник. Не случајно се вели: „Пред Божик - по Божик, каде и да си - дома да си!“ Тоа значи - заедно со своите најблиски да го чествуваме најблискиот на нашето семејство и на сето човештво. А семејството е богоблагословена заедница, од Адама и Ева, па до секој брак во минатото до денес. Дадениот благослов: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата и господарете над неа...“ (3. Мој. 1, 28) е благослов за сите, па и за нашата генерација. За жал, ние денес станавме нација без доволен подмладок. Податоците говорат дека не се почитува ни природната рамномерност и дека меѓу нашиот народ има повеќе умирања од раѓања. Ако некогаш во минатото црната чума ни беше најголемиот непријател, денес тоа е белата чума, односно неизвршувањето на заповедта Божја и родителската должност - раѓањето деца“.
Нагласувајќи ја огромната улога на семејството и на рожбите, г.г. Стефан вели: „И на овој свет и спасоносен ден им порачуваме на сите млади брачни другари - дарувајте рожби, дарувајте радост, дарувајте младост за својот народ: уште по едно, уште по две и три рожби во нашите семејства, рожби што ќе значат надеж и иднина за нашиот народ. Децата се најголемото богатство што можеме да им го даруваме на татковината и на Светата Црква, зашто тие се благослов и наследство од Господа и плодот е Негов дар (сп: Пс. 126, 3). Но, не само тоа, туку семејството било и останува основа на секое општество, а преку благословот на светата тајна брак - тоа станува мала црква. Оттаму и обврската - родителите да се грижат за децата, да ги чуваат и воспитуваат и од нив да создаваат полезни членови за општеството и за Црквата, а децата да бидат добри и да им благодарат и да ги благословуваат своите родители“. (Изреки 30, 11).
Во посланието архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, потсети дека годинава се навршуваат 50 години од историскиот Црковно-народен собор одржан во Охрид, од 4 до 6 октомври 1958, кога беше обновена Охридската архиепископија како Македонска православна црква. „Соборската одлука беше круна на сите обиди да се обнови Охридската архиепископија, неканонски укината во 1767 година.
Обновената македонска држава на дел од македонската земја даде можност да се обнови и славниот охридски Светиклиментов стол, на кој, по еднодушниот избор на соборјаните, беше востоличен блажениот Доситеј, како прв поглавар на Македонската православна црква. Таа далекувидост на соборјаните, во октомври 1958 година, беше основа и при изгласувањето на одлуката за возобновување и на автокефалноста на нашата Света Црква, на Соборот во 1967 година“, рече петтиот македонски поглавар.
Со радоста што се раѓа од радоста дарувана на сиот свет, со Рождеството Христово, да се радуваме и да ги славиме и Божик и сите претстојни празници и денови, потсети архиепископот Стефан и од името на десеттемина македонски владици, членови на Синодот на МПЦ, на сите што го празнуваат Божик - Рождеството Христово им ги упати зборовите:
Честито и благословено новото Лето Господово!
Поглаварот за Божик ќе служи во Соборниот храм
Утре претпладне, по утринската литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, на платото пред Црквата, Граѓанското здружение „Бадникари“ ќе ја одржи традиционалната манифестација на примопредавање на пехарот на новиот бадникарски кум. Со топла ракија и делење бадникови гранчиња ќе биде испратен стариот и пречекан новиот кум Тони Јосифовски. По сечењето на лебот, се очекува обраќање на поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан.
Попладнето, во 17 часот, во храмот ќе се одржи празничната вечерна богослужба, а в понеделник архиепископот ќе ја служи Василиевата литургија. Традиционално, за претстојните празници г.г. Стефан ќе богослужи во црквите низ градот - во вторник во „Св. Спас“ во Маџари, а утредента, 9 јануари, ќе чиноначалствува во чаирската црква „Св. вмч. Ѓорѓи“.
Посети:{moshits}