ПРЕДВИДУВАЊА ЗА ОВАА ГОДИНА
Социјалните сајтови нема да бидат привлечни само за обичните корисници, туку и на нападите од сајбер-криминалци, предупредиле безбедносните фирми. Според нив, хакерите оваа година големо внимание ќе им посветат на сајтовите каде што луѓето разменуваат информации правејќи ги подложни на разни видови напади. Деталните информации што може да се соберат од социјалните интернет-страници, исто така, ќе им помогнат на криминалците да станат поубедливи при испраќањето заразени електронски пораки. Во текот на изминатата година сајтовите како „Мајспејс“, „Фејсбук“, „Бебо“ и „Оркут“ станаа навистина популарни откако милиони луѓе се регистрираа на нив и почнаа да оставаат свои лични податоци. Но, фирмите одговорни за интернет-безбедноста предвидуваат дека токму овие интернет-локации ќе станат цел на напад на хајтек-бандите. Така, освен техничката ранливост на овие сајтови, каде што податоци може да додаваат и трети лица, проблем претставуваат и личните информации што ги оставаат корисниците, како имињата на вработените во некоја компанија, поглед во менаџерскиот тим и информации за процесите што се одвиваат во компанијата. На таков начин криминалците ќе може лажно да се претстават како друг работник или бизнис-партнер злоупотребувајќи го новото име. Сепак експертите советуваат дека корисниците не треба да се откажат од употребата на социјалните сајтови, на тој начин избегнувајќи ги ризиците, туку дека треба да се обидат да ги надминат.