Колумбија, Оксфорд и Кембриџ со павилјони на Плаошник
Универзитет на Свети Климент, кој треба да се возобнови на Плаошник во Охрид, до крајот на 2009 година ќе добие свои павилјони на светски познатите универзитети, како што се Колумбија, Оксфорд и Кембриџ, ни изјави директорот на Управата за
Универзитет на Свети Климент, кој треба да се возобнови на Плаошник во Охрид, до крајот на 2009 година ќе добие свои павилјони на светски познатите универзитети, како што се Колумбија, Оксфорд и Кембриџ, ни изјави директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман.
"Идејата е овие големи универзитетски центри да добијат еден вид свои клонови, павилјони, простории во кои ќе престојуваат нивни професори, научници, а зошто да не и студенти, и тука ќе работат и ќе истражуваат. Особено ќе ни бидат интересни оние кои ќе ги заинтересираме за проучување на нашата историја, култура и традиција. Значи, ние сакаме, во рамките на возобновениот универзитетски комплекс, да направиме и такви пријатни, дотерани простори каде што на овие луѓе ќе им биде убаво, а, од друга страна, така ќе го подигнеме и значењето на идниот универзитет", вели Кузман, кој додава дека со Универзитетот во Колумбија веќе разговарале за оваа идеја и тие се согласиле.
Тој додава дека во планот за целиот универзитетски комплекс влегува дел од шумичката на Плаошник, која ќе се претвори во еден убав парк со клупи, навечер ќе биде осветлен, а од каде што, како што вели Кузман: " Гостите ќе уживаат гледајќи го Езерото и ќе собираат инспирација".
Археолошките ископувањата на Плаошник, со кои се претпоставуваше дека ќе бидат пронајдени остатоците од манастирските конаци или од универзитетскиот комплекс, почнаа минатата пролет. Откако ќе завршат сите ископувања и истражувања, ќе почне да се гради комплексот кој ќе биде своевидна реминисценција на Универзитетот од 9 и 10 век, на кој се описмениле околу 3.500 ученици на Климент и Наум. Основната функција, според првичната идеја на Кузман, е во возобновениот универзитет да бидат сместени културни, научни центри, галерии на икони, а би се формирала и библиотека со голем книжевен фонд и со збирка на зачувани стари ракописи.
Владата во целиот овој проект ќе вложи 6 милиони евра. Д.Стојановиќ