Со оглед на големиот интерес, ќе се дрзнам да ја откријам тајната на старите јудејски готвачи и да ви раскажам како се прави хумус. Значи, не хумус за во саксија, туку оној хумус што го продаваат во мали теглички од 120 гр. за 90 денари и што го има по маркетите вообичаено на рафтовите за здрва храна.
Главната состојка на хумусот е наутот (леблебија за варење, ја има по продавниците за здрава храна и на пазарите и чини 180 денари за килограм), зрно од групата легуминози или махунарки, како што се гравот или сојата. Изобилува со протеини и др. хранливи состојки.
Наутот се вари 2-3 часа додека не омекне. Се исцедува водата и се става во блендер. На тоа се додава масло, најдобро ладно цедено (има многу убави и евтини штипски ладно цедени масла од фабриката за масло „Фила“) од маслодајна репка, може и сончоглед или лен (помалку), како и маслиново. Комбинацијата е работа на вкус.
Мерката е – се става масло колку што треба за да се потопи целата леблебија во блендерот (значи многу). На тоа се додава по вкус лимонов сок, сол, лук во прав, бибер. Се миксира додека не се добие густа каша со конзистенција на паштета.
Се полнат теглички, се затвораат, се редат во тенџере со вода, водата со тегличките се зоврива, и се оставаат преку ноќ постепено да се оладат. Вака пастеризиран, хумусот може да стои подолго време, препорачано во фрижидер. Ете, ја споделив со вас тајната на долговечноста на избраниот народ. Нека е на здравје!
Избор од ФБ профилот на: о. д-р Милан Ѓорѓевиќ