Скопје, 4 мај (МИА) - Сто и пет години од загинувањето на идеологот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев денеска беа одбележани со панихида на неговиот гроб во црквата Св. Спас и со положување цвеќе пред неговиот споменик во Градскиот парк во Скопје, во организација на Меѓународната манифестација „Гоцеви денови“.
На гробот на Делчев цвеќе положи владина делегација, претседателот на неодамна распуштениот Парламент Љубиша Георгиевски, како и голем број граѓански и политички делегации. Со молебенот чиноначелствуваше поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан.
Со пригодна програма и цвеќе пред неговите споменици, годишнината беше одбележана и во Делчево и Куманово, а традиционално на овој ден се доделува и државната награда за наука што го носи неговото име. Нејзини носители за 2008 година се академик Владимир Серафимовски, награден за трудот „Клиничка панкреатологија“), д-р Фросина Ташевска-Ременски - за трудот „Македонското национално малцинство во соседните земји“ и д-р Валентин Мирчески, д-р Шебојка Коморски-Ловриќ и д-р Миливој Ловриќ, автори на трудот „Квадратнобранова волтаметрија - теорија и примена“.
Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, загина на 4 мај пред 105 години. Делчев е убиен од турска војска во 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Целта на неговото последно патување била намерата да го спречи или одложи предвременото востание, кое во тие денови (2-7 мај) се договарало на Смилевскиот конгрес во домот на Даме Груев. Делчев сметал дека се уште не се созреани политичките услови за кревање востание што, сепак, ќе се случи на Илинден, три месеци подоцна.
Неговиот 31-годишен живот почнува на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задрганичен претставник на ВМРО во Софија.
Во зачуваните писма Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население:
„Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и, тогаш, тие добороволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите“. хс/гс/14:09