За владината црква се тркаат 16 проекти
Од Министерството ќе почекаат до крајот на неделава да пристигнат и идејните решенија на странските автори, а од понеделник ќе почне оценувањето
Шеснаесет труда пристигнале на меѓународниот конкурс за изградба на црквата што Владата ќе ја гради на плоштадот Македонија, на просторот помеѓу „Сити галери“ и ресторанот „Дал мет фу“. Конкурсот што го распиша Министерството за култура беше затворен на 24 април, но надлежните ќе почекаат уште неколку дена пред да почне оценувањето, оти ќе се почекаат идејните решенија од странските автори. Комисијата што ќе ги вреднува архитектонските трудови ќе биде формирана в петок, а ќе почне да работи од понеделник.Бидејќи се подигнати проектни програми и од странство, а трудовите се' уште не пристигнале, ќе причекаме до крајот на неделата пред оценувањето. Се работи за сложена царинска постапка и затоа сме принудени малку да одложиме - вели Елизабета Канческа-Милевска, државна секретарка во Министерството за култура.Во конкурсот се предвидени три награди за најдобрите идејни архитектонски решенија. Ако има прва награда, авторот ќе добие 400.000 денари, а црквата ќе се гради според неговиот проект. Втората награда ќе изнесува 250.000 денари, третата 150.000 денари, а ќе има и два откупа од по 30.000 денари. Сите трудови ќе бидат претставени на изложба во Министерството за култура. Во конкурсот не беше истакнато колкави димензии треба да има објектот, туку беа посочени само општите услови што треба да ги исполнат учесниците. Најверојатно, црквата ќе биде висока 29 метри, бидејќи толкава е максималната височина на сите објекти во строгиот центар на Скопје, околу плоштадот.Таа ќе се гради со пари од државниот буџет, по иницијатива на премиерот Никола Груевски, која едногласно беше прифатена од целата Влада. Образложението за ваквата иницијатива на Владата, според портпаролот Ивица Боцевски, беше дека некогаш во близина на плоштадот постоел храмот „Свети Константин и Елена“ и дека на плоштадите во речиси сите европски метрополи постојат цркви. За остварување на целта Советот на Општина Центар експресно го смени и детаљниот урбанистички план за Малиот ринг и исцрта голема градежна маркичка со намена за црква на просторот до „Дал мет фу“.Најавата дека на плоштадот ќе се гради црква со државни пари предизвика остри и поделени реакции во јавноста, и кај граѓаните и кај експертите. Повеќето од архитектите не се согласија дека на предвидениот простор треба да се гради црква со висина од 29 метри, а граѓаните потпишуваа интернет-петиција против сакралниот објект.За новата црква се шпекулираше дека ќе се вика „Свети Никола“, но за тоа треба да одлучи МПЦ.
(А.П.) Дневник