На денешен ден во 1967 година во Охрид
е прогласена автокефалност на МПЦ
18 јули 2024
Скопје/Охрид, 18. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) –
На 18-ти јули 1967 година во Охрид, на Третиот црковно-народен собор, Светиот синод на Македонската православна црква (МПЦ), донесе одлука за прогласување автокефалност на МПЦ како наследничка на обновената Охридска архиепископија.
Одлуката ја соопштил новиот архиепископ Охридски и Македонски г. Доситеј чие световно име е Димитрија Стојковски. По него за архиепископи на МПЦ се избрани г. Ангелариј (Цветко Крстевски), потоа г. Гаврил (Ѓорѓи Милошевски), г. Михаил (Методи Гогов) и г. Стефан (Стојан Велјановски).
Чинот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква беше завршен на Светата Архиерејска Литургија, отслужена во црквата на „Пресвета Богородица Перивлепта“ на 19-ти јули 1967 година.
На 12-ти ноември 2009 година, Македонската православна црква во своето име ја додала додавката „Охридска архиепископија“, како директна наследничка на старата Охридска архиепископија.
Покрај додавката, МПЦ-ОА извршила и промена во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата „Св. Богородица – Перивлепта“, била ставена црквата „Св. Софија“ во Охрид, како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија. (Крај)
извор: Денешен.мк фото: архива