Вечерва (сабота, 19 септември) во организација на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица со почеток во 20 часот ќе се одржи филмска вечер со проекција на три кусометражни филмови во режија на Горан Тренчовски. Филмската вечер е насловена како ЛИЦА, СПОМЕНИ.
„Клошари и плакати“ (1994) е документарно-игран филм кој говори за еден автентичен скопски клошар. Таткото и синот стануваат питачи тогаш кога ja губат невестата - мајка на семејството. Наспроти нив е опкружението од плакати и лажни ветувања.
„Духот на татко ми" (2010) е возбудлива документарна филмска приказна во која беседат дваесетина современици на Шишков и негови најблиски, роднини и соработници, како и синот Васил, во својство на наратор. Во документарецот низ бројни филмски инсерти се испреплетени и моменти од животот и делото на овој актерски великан.
„Игра и спас“ (2013) е краток игран филм чиешто дејствие се случува пред и по последните немири на векот, во филмска иконографија на еден фикционален свет составен од интимистички и хиперреални секвенци од животот на еден младич од периферијата. Глигор, навраќајќи се на драматичните сцени од своето минато, кога славата и возбудата биле едиствената поткрепа за верба во времето што наближува - од пукотливите игри за стрeлање птици, од нежните мигови со Марија, од туѓиот подбив и од бесмислените херојства - конечно на крајот излегува од тој апсурден обрач, како нов, пречистен и преобразен човек, посветен кон родното огниште и Божјото спасение.
Овие три филма на Тренчовски се оценети како инвентивни и модерни филмски производи во полето на краткиот и документарниот аудиовизуелен израз и се прикажувани на голем број меѓународни фестивали.
Во нив може да се препознаат лицата на четгворица еминентни македонски актери: Кирил Здравески, Зора Георгиева, Ристо и Васил Шишкови. Сите четворица се органски поврзани со Струмица и нивните актерски остварувања оставија длабоки траги не само во македонското туку и во меѓународното културолошко милје.
Режисерот Тренчовски наскоро треба да започне со снимањето на долгометражниот игран филм под работен наслов „Златна петорка“.
http://www.gorantrenchovski.com/