МИСИОНЕРСКИ ПИСМА
9. Писмо

На ковачот Коста – за значењето на Христовите зборови:
„Не дојдов да донесам мир, туку меч“
Зар ти, како човек вистинољубив и милостив, да не го знаеш длабокото значење на овие зборови? Мислам дека го знаеш, но само бараш потврда. На вистинољубивите и милостивите Бог им ги открива тајните преку Својот Дух. Да беше ти единствениот ковач во Ерусалим кога Евреите Го распнуваа Господа, немаше кој да им ги искове клинците.
„Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч“, рече Господ.
Читај како да е речено: не дојдов да ги помирам вистината и лагата, мудроста и безумието, доброто и злото, правдата и насилството, скотството и човечноста, невиноста и развратот, Бога и мамона; туку донесов меч за да ги расечам и разделам, да не се мешаат едно со друго.
Со што да се расече, Господи? Со мечот на вистината, или со мечот на словото Божјо – што е едно и исто. Зашто вистината е словото Божјо, а словото Божјо е вистина. Апостол Павле советува: „Земете го духовниот меч, кој е словото Божјо“. А свети Јован во видение Го виде Синот Човечки среде седум светилници – и од устата Негова излегуваше остар меч од двете страни. А што може да биде меч што излегува од устата, ако не словото Божјо, словото на вистината? Тој меч го донесе Исус Христос на земјата. Тој меч е спасоносен за светот, а не мирот на доброто со злото – и тогаш, и сега, и секогаш.
Дека ова толкување е правилно, се гледа од понатамошните Христови зборови: „зашто дојдов да го разделам човекот од татка си, и ќерката од мајка си, и снаата од свекрвата своја“. Ако синот тргне по Христа, а таткото остане во мракот на лагата, мечот на Христовата вистина ќе ги раздели. Вистината е помила од таткото. Ако ќерката тргне по Христа, а мајката упорно Го отфрла Христа – каква заедница може да има меѓу нив? Не е ли Христос посладок од мајката? Истото важи и за снаата и свекрвата.
Но немој да разбереш погрешно, како оној што Го познал и засакал Христа веднаш телесно да се оддели од своите ближни. Тоа не е напишано. Доволно е душата да биде разделена – и да не прима во себе ништо од неверничките мисли и дела. Зашто ако верните веднаш и телесно се одделат од неверните, во светот би се создале два спротивставени табори. Кој тогаш би ги поучувал и поправа неверните? И Самиот Господ го трпеше покрај Себе неверниот Јуда цели три години. А мудриот Павле пишува: „Се осветува неверниот маж преку верната жена, и неверната жена преку верниот маж“.
На крај можам да ти го соопштам и духовното толкување на овие Христови зборови, како што ги објаснува славниот Теофилакт Охридски. Тој вели: „Под татко и мајка и свекрва разбери сè старо, а под син и ќерка и снаа – сè ново. Господ, значи, сака Неговите нови и божествени заповеди и учења да ги победат сите наши стари гревовни навики и обичаи.“
И така, зборовите за мечот донесен на земјата целосно Му прилегаат на Христа Миротворецот и Дарителот на мирот. Тој го дава Својот небесен мир – како небесен балсам – на оние што искрено веруваат во Него. Но Тој не дојде да создаде мир меѓу синовите на светлината и синовите на мракот.
Поздрав тебе и на децата.
Мир Божји и благослов да биде со вас.
Свети Николај Охридски и Жички
Подготвил Симеон Стефковски
24.01.2026
Друго:

Друго:



- МИСИОНЕРСКИ ПИСМА: Владика Николај Велимировиќ 4. Писмо
- МИСИОНЕРСКИ ПИСМА: Владика Николај Велимировиќ 5. Писмо

-
МИСИОНЕРСКИ ПИСМА: Владика Николај Велимировиќ 6. Писмо
