логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 3.angeli.so.truba

Невидливата борба

Преподобен Арсениј Бока (1910 – 1989), исповедник за време на комунистичкиот период во Романија. Дипломирал на Богословската академија во Сибиу и на Институтот „Беле Арте“ во Букурешт, а истовремено студирал и медицина на Медицинскиот универзитет во Букурешт. По четири месеци поминати на Света Гора, стапил во манастирот Бранковејану, во Самбата де Сус, каде што бил игумен до 1948 година, а потоа бил преместен во манастирот Прислоп. Во мај 1959 година бил изгонет од манастирот од страна на тогашната власт и неколкупати бил затворан. Откако бил ослободен, не му било дозволено да служи и бил под постојан надзор на Секуритате. Бил исклучително харизматична личност – додека живеел во манастир кај него за совет доаѓале по илјада луѓе дневно, а на неговите Литургии присуствувале и до десет илјади луѓе. Се упокоил на 28 ноември 1989 година.

3.angeli.so.truba


ЛЕКЦИИ НА ЦАРЕВИТЕ

Саул и Давид

Никој не може сам да оди по патот на спасението ако одбива да биде воден од невидливата рака на Спасителот, Кој дејствува преку Неговите видливи слуги, свештенослужителите на Црквата. Оти, во Светото Писмо се вели: „Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима оној што Ме пратил“ (Матеј 10, 40). Следствено, не можете да одите по патот на Светиот Дух без раководство на свештеник. Разнообразноста на искушенијата, лукавството на невидливиот ѓавол, кој се бори преку видливи луѓе, може во кое било време да ги застрани Божјите ученици од патот на спасението и да ги одведе во пропаст доколку свештеникот нема вештина, знаење и сила дадени од Бог за да ги растера и уништи ѓаволските сплетки. Затоа, послушанието на верникот кон својот духовен отец мора да произлегува од љубовта, бидејќи отпуштањето на гревовите и спасението се невозможни без дарот што Бог им го дава на духовните отци да простуваат гревови.
Во Светото Писмо има примери за многумина кои усрдно послушале, но исто така, и за многумина кои биле непослушни. Од групата на оние кои биле послушни ќе ја издвоиме лекцијата на цар Давид, кој бил под раководство на пророкот Натан, неговиот духовник. Натан го нарекуваме духовник, а не царски советник, затоа што бил праведен во духот и вешт посредник меѓу Божјиот Закон и човечките беззаконија, во споредба со царскиот советник, кој посредувал само меѓу луѓето. Од групата непослушни луѓе го избравме царот Саул, кој го одбил советот што Бог му го дал преку Самуил. Со тоа што не послушал, Саул платил за своето непослушание и засекогаш пропаднал.
3.angeli.so.truba

Како настанува еден долг
Давид бил осмото дете во неговото семејство и бил овчар пред да стане цар, и водел нормален живот заедно со своите браќа. Но, кога станал цар и почнал да живее живот со привилегии, тој бил нападнат од блуд. Еднаш се случило една сосетка, сопруга на Уриј, да се бања. Давид ја видел и се разгорел со похот кон неа. Дознал сѐ што можел за неа и, подмолно и лицемерно, намерно го испратил нејзиниот сопруг во смртна опасност со цел да му ја преземе жената. Еве го Давид, помазан од Бог за цар и со пророчки дар, како убива човек и врши прељуба со неговата вдовица. Бил задолжен да биде цар, бил помазан за пророк со дарови, но неговото тело било... непријател на Бог  и убиец на луѓе. Во Светото Писмо се вели: „Но, делото што го изврши Давид беше зло пред очите на Господ“ (2 Цар. 11, 27).


Време за отплата

Да ја погледнеме сега лекцијата на Божјото исправање на Давид.
Знаеме дека пророкот Самуил го помазал Давид за цар, но Самуил починал. Тогаш, Бог на Давид му го испратил пророкот Натан, кој, како и Самуил, му укажал на неговиот грев и на вината за смртта на Уриј. „Едноставен човек му зборувал на царот. Но царот Давид, облечен во порфир, не се огорчил, зашто тој не го гледал оној кој зборува, туку Оној Кој го испратил. Тој не бил заслепен од толпата на неговата придружна војска, оти неговиот ум се издигнал до Господовите ангелски војски и ’како да Го виде Оној Кој е невидлив‘…  Зашто, дали тој бил убеден од некого? Дали многумина ја споделиле виновничката тајна? Делото било извршено брзо, а пророкот одеднаш се нашол таму за да го обвини. “ Пророкот, или проѕорливецот, му овозможил да го разбере законот што висел над неговиот грев. Тој му покажал на Давид дека со нанесување смрт, мечот нема да отстапи од неговиот дом. И со оглед на тоа дека тој зел жена на друг маж, и неговата жена ќе му биде земена од други луѓе, пред неговите очи. Она што тој тајно му го направил на Уриј, други луѓе ќе му го направат нему јавно, пред цела толпа. Ова е праведниот и вистинит Закон Божји, кој ви го носи тоа што вие сте му го направиле на вашиот ближен. Што сте направиле, тоа ќе ви биде направено. Што сте кажале, тоа ќе ви биде кажано. Бремето што сте го натовариле на нечиј грб, ќе го носите и вие.
Кога нè стигнува Божјата правда, дојдено е времето за отплата, односно за покајание. Покајанието не е Божја казна, туку начин на достигнување мудрост. Покајанието е построг начин на поправање. А, бидејќи Божјата правда секогаш се движи напред-назад помеѓу делата и наградата, на законот на правдата можеме да гледаме како на закон на милосрдие, кој ги брише дамките на нашите гревови. Кога сме во покајание, кога нè притискаат страдања, Бог ќе ни помогне ако волно ги издржиме маките, без да се обидуваме да ги избегнеме. Ако не сакаме да ги примиме нештата што ги среќаваме на нашиот пат, бидејќи не ги разбираме, Бог нема да ни помогне, иако Тој би сакал.
Духовникот е способен да го направи сето ова за да го убеди својот ученик во духот да ги послуша невидливите закони Божји, изворот на сите видливи настани што им се случуваат на луѓето во животот. Бог на свештеникот му дал вештина, знаење и сила за да му помогне на човекот во неволја, под услов тој човек да го прифати лекот што му е препишан од Бог според природата и потребите на неговата болест.


Исповедта

Кога Давид конечно ја сфатил својата грешка и нејзините последици, тој ја признал вината пред човекот што дошол кај него или, подобро кажано, пред Оној Кој го испратил Натан, исповедајќи: „Згрешив пред Господ“ (2 Цар. 12, 13). Овде го гледаме смирението на царот. Нашето поправање зависи од разбирањето на нашиот грев и од исповедта пред свештеникот. Ова е исповед според Божјата волја. Кога Давид ја признал својата вина, Бог веднаш му простил. А пророкот, кој му всадил страв, му рекол: „И Господ го симна од тебе гревот твој; ти нема да умреш“ (2 Цар. 12, 13). Можеме да видиме колку брзо Господ се менува од љубов кон луѓето! Овде мораме да разбереме дека колку што намерно продолжуваме да ги криеме нашите гревови, без да ги исповедаме, казната ќе виси над нашите глави како меч подготвен да падне врз нашиот живот. Кога ги исповедаме нашите гревови и вина под раководство на свештеник, Господ ќе ја отстрани смртната опасност од нас.


Страдања

Бог веднаш ни простува, но ние забораваме и лесно се поведуваме. Оттука мора да ја утврдиме нашата состојба на мир во Бог преку исповед и молитва. Штом ќе го исповедаме нашиот грев, Бог веднаш ни го простува нашето беззаконие. Понекогаш мораме сиот наш живот да се бориме со навиката на правење грев. Времето поминато во страдање нè укрепува духовно и нѐ учи да не се враќаме на местото од каде што сме почнале.
Тоа е најдобриот учител на патот што Бог сака да го следиме.
Да не заборавиме: искушенијата и страдањата на човекот што ги исповедал своите гревови пред свештеник се различни од маките на оној што не го направил тоа. Првиот е просветлен, кроток, девственоста му е вратена, а другиот е мрачен, тврдоглав и станува сè полош. Едниот е послушен кон својот духовник, кој неговото бреме го прави полесно за носење, а другиот не слуша никого, и со тоа го оневозможува своето поправање.
„Господ, знаејќи ги слабостите на човечката природа, го предупредува Давид, преку Својот пророк, велејќи: ’Ти ги вознемири непријателите Божји‘. Порано имаше многу непријатели поради твоето благочестие, но твојата самоконтрола те заштитуваше. Сега, откако го предаде своето најсилно оружје, имаш непријатели кои се подготвени да станат против тебе.“  На тој начин пророкот го просветлил Давид.
„Но, блажениот Давид, иако ги слушнал зборовите: ’Господ го симна од тебе гревот твој‘, не се откажал од покајанието и покрај царската власт. Тој облекол вреќа наместо порфир и напуштајќи го престолот украсен со злато, седнал на земја, врз пепел. Не бил задоволен што седи на пепел, па и се хранел со неа, велејќи: ’Јадев пепел како леб…‘ (Псал. 101, 9).“  Кога старешините го терале да јаде леб, тој одбил и постел седум дена .
Колку што е повисока позицијата на човекот, на скалата на јавните одговорности, толку поголема е љубовта и грижата на Бог за него. На овој начин, Бог го води Давид низ горчините на животот, одржувајќи му лекција во текот на процесот. Допуштајќи Давид да застрани на патот на страдањето, тој е преобразен во подобар човек. Да не го исповедал Давид својот грев, мечот кој висел над неговата глава ќе паднел врз неговото дете, родено во грев. Пророкот Самуил ја предвидел смртта на Давидовото дете, кое допрва требало да се роди. Во царската палата, искушение по искушение ги снаоѓале неговите синови. Царот казнил еден од нив, одбивајќи да го види две години; навистина тешка казна за царски син. Но, казната дава резултат, наспроти очекувањата на царот за својот син. Зашто, истрајно страдајќи, царскиот син ја стекнува љубовта на народот, но потоа ја злоупотребува, ковајќи заговор да го смени својот татко од престолот. Од друга страна, ѓаволот го искушувал царот, подбуцнувајќи го да го подели народот на две групи: неговата и на неговиот син, и го поттикнувал да се бори против својот син за да го зачува престолот. Доколку се случило тоа, ќе имало крвопролевање.
На овој начин Господ дозволува искушувачот да се доближи до Неговите слуги како надгледник на митарствата: да одреди дали кај нив останало самољубие, гордост или суета, да ги извалка со грев или да ги вовлече во неговиот свет. Царот Давид (во нашиот случај можеме да ја земеме предвид душата), уморен од крвопролевања, не сакајќи повеќе да ја брани својата царска гордост, наместо тоа избира да го напушти престолот, сметајќи дека тоа е најдоброто решение. Тоа е најлошото понижување што може да му се случи на еден цар. Овојпат, сепак, бегството на Давид не е слабост – тоа е највисокиот облик на мудрост, бидејќи прифаќањето на понижувањето е највисоката моќ на праведниот, токму како што водењето војна од гордост е најголем доказ за беспомошност. Давид го ставил Божјото простување пред својот царски престол, одлучувајќи целосрдечно да се покае за својот грев и повеќе да не паѓа во истите гревови. Така, бегајќи од прогонувањето на својот син:
„Давид тргна кон Елеонската Гора, врвеше и плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос; и сите луѓе што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа“ (2 Цар. 15, 30).


Низ печката на понижувањето

Страдањата имаат и друга цел. Господ може секому да допушти да му се случат такви работи, без оглед на изгледот или општествениот статус, да ве обвини и в лице да ви каже најгнасни зборови. А кој може подобро да ја заврши работата од еден ништожен човек, испратен од Бог? Така, кога царот Давид поминувал и плачел, еден човек почнал да фрла камења по него, додека луѓето безмилосно го преколнувале: „Зборувајќи лошо за него, Семеј велеше: ’Иставај се, убиецу и беззаконику!‘“ (2 Цар. 16, 7).
На овој начин Бог дозволува по име да ги чуете вашите дела. Ѓаволот особено ги напаѓа оние што страдаат поради нивните поранешни гревови, за да ги оттргне од патот на спасението, искушувајќи ги да се откажат од смирението и да почнат да ја бранат својата „чест“. Искушувачот не успеал да го убеди Давид да го масакрира својот народ, поделувајќи го на два табора, па затоа се обидел да го убеди Давид да усмрти барем еден човек. Бидејќи клетвите што доаѓале од никаде не можеле да го вознемират спокојството на Давидовото покајание и да го запалат неговиот жесток и смртоносен гнев, ѓаволот се задоволил со тоа да влезе во еден од советниците на Давид и да ја побара од царот смртта на Семеј: „Тогаш Авес, Саруевиот син, му рече на царот: ’Зошто овој мртов пес зборува лошо за господарот мој, за царот? Ќе одам и ќе му ја симнам главата‘“ (2 Цар. 16, 9). Ѓаволот на сите им дели совети, но тој нема власт над луѓето што не го слушаат .
Давид, просветлен од Господ преку неговиот духовник Натан, пророкот кој го предупредил, бил свесен дека Господ го дозволил овој испит, така што тој, како внимателен послушник на Божјото слово, морал да помине низ печката на понижувањето , поради своите гревови, како добар Божји послушник. Царот не паднал на искушението што ѓаволот му го предложил во умот на неговиот советник, туку кротко и мудро го избегнал тоа, велејќи:
„Оставете го, нека зборува лошо, зашто Господ му заповедал да зборува лошо за Давид. А кој може да каже: ’Зошто правиш така?‘“ (2 Цар. 16, 10). Но царскиот советник, управуван од злиот дух кој барал смрт за човекот, не се предал лесно, при што царот ги повторил истите зборови неколкупати. (Добропознато е дека за да се избрка помисла од нечиј ум, морате повеќепати да го обвиткате со вистинскиот збор, за да го ослободите од ропството на таквите помисли. Најдолгиот пат е од ушите до срцето.) И, бидејќи советникот не престанувал да ја брани царската чест, Давид конечно му ја открил тајната на трпението, велејќи: „Можеби Господ ќе погледне милостиво кон унижувањето мое, и ќе ми воздаде Господ добро за денешното лошо зборување“ (2 Цар. 16, 12). Овие зборови се прекрасно сведоштво од страна на царот, кој останал смирен, иако бил целосно свесен за тајната.
Оттука, секој од нив отишол по својот пат: царот по патот на спасението и послушанието кон Бог, а човекот што го колнел по патот на својата клетва; и конечно, ѓаволот бил поразен и изгорен во смирението, а советникот бил оставен на мир.
Сепак, може да се постави прашањето: зошто Бог дозволува вакви шлаканици в лице на праведниците? Одговорот е: не постои друг начин на осветување. Дури и рајот не е чист пред Бог  и нема осветување без смирение. Господ не може да нѐ потсети нас, грешниците, на сите наши гревови ако не го слушаме учењето на Црквата, која нѐ поучува да ги признаеме и исповедаме гревовите. Спротивно, Тој дозволува ударите на клетвите да паднат врз нас како дожд. Ако знаевме колку сме грешни, покајанието за нашата вина ќе беше многу полесно. Но, кога не ја знаеме нашата вина, се лажеме себеси со нашата идеја за „правда“, за која мислиме дека сме предодредени. Не познавајќи се себеси доволно добро, не можеме да ги издржиме ударите што ни доаѓаат по Божја промисла. Не прашувајте човек: зошто ми се спротивставуваш? Наместо тоа, запрашајте се: зошто овој човек ми се спротивставува? Во секој случај, еве ги одговорите на Давид: „Поради моите беззаконија, Бог му заповеда да ми се спротивстави и да ме проколне, но јас имам надеж дека тоа ќе престане со Божјата милост“.
Да претпоставиме дека, според вас, имате добар живот по Божја волја, добар сопруг и добри деца, но сепак, одеднаш, при одреден настан, соседот или вашето сопствено дете, или сопругот, в лице ви кажуваат тешки зборови како „копиле“, „убиец“, „крадец“... А вие, знаејќи дека не сте виновни за ниедно од тие обвиненија и без да знаете што стои зад нив, може да скокнете како каснати од змија и да вратите со уште потешки зборови, бранејќи се себеси и оправдувајќи ја својата праведност, при што со својот гнев го убивате оној што се обидел да ве обвини. Не е добро да се избувнува, туку да се размисли со чист ум: можеби од порано не сте ја исповедале вината пред својот сопруг и тој сега се сеќава на тоа во море од гнев, без да знае дека тој грев еден ден ќе излезе на површина, без оглед на тоа колку време поминало оттогаш. Можеби детето огорчено укажува на поранешен грев, направен од неговите родители, за да биде поштедено од него, било на дело или со мисли. Можеби, поради некоја зла мисла на неговите родители, која надвиснала над неговиот живот од рана возраст, детето дрско се сеќава на грешката што сте сакале да ја направите. Сте заборавиле да ги исповедате своите грешки, што ќе ви овозможело да се ослободите од нивните последици, но тие сега ви се враќаат како бумеранг. Знаејќи дека Бог никогаш не греши, најжестоко страдаме од рацете на оние што ни се најблиски. Можеби ни останале само уште неколку денови, но со Божјо допуштение, ѓаволот, оној кој претходно нè наведувал на грев, сега, преку неговото викање, нѐ потсетува на некое заборавено недело, кое не е очистено со исповед.
Затоа, во светлината на таквото познание, радувајте се уште повеќе . Зашто, за човекот што е просветлен во Божјите патишта, сѐ што му се случува му носи уште повеќе светлина, без оглед на тоа дали ние го разбираме тоа или не. Нашата грижа би требало да биде – да се обидеме да не го менуваме она што Бог го промислил. „Помислете на крајот од несреќата и во него ќе ја најдете скриена пропаста на вашиот грев“. „Ако сте биле навредени или малтретирани од некого, не земајте го тоа предвид сега, туку оставете го за во иднина. Тогаш ќе видите дека тој човек е причина за многу добри нешта, не само за време на земјата, туку и во времето што ќе дојде.“

Превод од англиски: Крум Велков

 

 

Извор:

Premin143.144 Preview

ПРЕМИН бр 143/144

 20.god.Premin

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1253
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1453
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1317
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…