Свети Теофан Затворник
Мислење за причината за молчењето. Неопходност за отвореност и едноставност во преписката. Суетата на светскиот живот
А јас се губев во нагаѓање: што е причината? Ете што е! Баба малку се разболела. Да, баба – прекрасен збор. За внукот нема потопло место од тоа кај баба, ниту за баба има подраги лица од добрите внуци. И заради тоа треба да Му благодариме на Бога. Почесто тешете ја баба и повнимателно слушајте што зборува. Стариците имаат мудрост стекната со искуство и труд во животот. Тие често ненамерно, со едноставни зборови, даваат толку мудри лекции, кои и во книгите да ги бараш – нема да ги најдеш.
Иако ми пруживте сосема задоволително објаснување зошто толку долго не пишувавте, сепак би требало да Ви дадам макар и мала епитимија како би се поправиле. Меѓутоа, мислам дека можеби повеќе ќе се свртите на подобро ако Ви заблагодарам на писмото и на она што во него сте напишале. Затоа, Ви благодарам.
Ветувате дека ќе бидете отворени. Добро! Отвореноста е главно нешто во преписката, инаку не би требало ни да ја започнуваме. И пишувајте секогаш без дотерување – се што ви е на душа; особено целовито треба да излагате прашања кои Ви се појавуваат во главата и почнуваат упорно да бараат решение. Тогаш и решението ќе го примите како што жедна земја ја прима вода. Тоа е најдобриот начин да стекнете и во душата да ги утврдите сфаќањата кои ја разјаснуваат суштината на нештата чие што јасно видување со очите на умот го сметаме за неопходно за себе. Што би значело кога јас би Ви пишувал за едно, а Вашата душа би била зафатена со друго? Тоа би било празнословење, како кога две лица би разговарала свртени со грб едно кон друго и секој да зборува за она што му е нему при очи. Ми се чини дека ние и се договоривме да не се занимаваме со апстракции, да не правиме планови и теории, туку дека ќе разговараме за она што го бараат тековните околности на животот. Така ќе одиме чекор по чекор.
Пишувате дека Ви „трепери пред очи. Пред два дена – велите – ми се случи да ги посетам тука вообичаените места на друштвениот живот: бев во театар, па прошетав, па бев на вечера. Каков метеж, какви разговори, какви мудри мисли за се, какви манири! Сето тоа ми делува страшно, а од метежот не можам да си ги соберам мислите“. Тоа Ви се присторило од прва, но внимавајте. Таков впечаток сосема е нормален после мирен и обичен семеен живот на село кој што сте го имале. Јас би Ви кажал: по тоа и судете каде е вистината, а каде е лагата. Но не знам што се Ви се прифатило во душата од се што поминало. Оти можно е на површината да постои неодобрување на таквата состојба, но во длабочината да има симпатии и желби таквото искуство да се повтори. Животот чие што делче сте виделе го има тоа својство лесно да прелажува: дури и кога ќе се увиди дека тоа не е тоа, тој сепак привлекува, како што оној кој навикнал на опиум знае дека ќе бидне како луд, а сепак го зема, или го зема токму заради тоа. Значи, како Вие се чувствувате? Ве влече ли срцето уште таму? Сакате ли така да го поминете животот? Молам тоа добро да ми го опишете и – по вистина.
(Продолжува)
Подготви: Б.Ѓ
Посети:{moshits}