Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,
Драги браќа и сестри, ве по здравувам со претстојните празници, со споменот на Свети Стилијан Пафлагониски, чијшто спомен денес го празнуваме.
Тој е еден од чудесните светители на православната црква, кој иако од една страна отшелник и монах, од друга страна бил голем молитвеник за простите мирјани. Познато е неговото житие, светител од V-VI век, кој се молел за човечките семејства. И така се случило, христијаните, зафатени со селскиот труд немале на кого да ги оставаат децата додека биле во полето, трудејќи се да го соберат она што Бог го дал од земните плодови, и свети Стилијан зел врз себе една чудесна обврска, со што направил еден вид православна детска градинка.
Нему ми ги носеле децата, и тој им го посветувал своето време, се молел нив, работел, иако како отшелник можел да се откаже од тоа. На чудесен начин, по неговите молитви бесплодни жени добивале дар на раѓање на деца и тој станал голем заштитник на семејствата. Една од неговите карактеристични црти, било тоа што тој секогаш имал светла, лесна насмевка на неговото лице. Иако голем аскет, на неговото лице бил исцртан делот од Евангелието: Ако постиш, вели Господ, измиј го лицето твое и пости внатрешно, а надворешно биди љубезен, така што никој да не знае за твојот пост (Мт. 6, 16) , ги парафразирам зборовите од Евангелието.
Свети Стилијан Пафлагониски
Така се однесувал Свети Стилијан,. Неговиот подвиг никому не бил јасен, никогаш не покажувал посно, строго лице, секогаш бил насмеан, добродушен, што секако ги привлекувало кон него и децата. И на иконите, обично тој се претставува со младенец, или дури со многу младенци во рацете што е необично, бидејќи тој е преподобен. И дури и кога го погребале, неговата насмевка не го оставила неговото лице и по смртта. Лесната, светла насмевка, осветена од благодатта на Духот го придружувала и во гробот. И спомнувајќи си за споменот на тој светител можеме да се запрашаме себеси: често ли од нас излегува светлината Христова, човечката добрина, основана не на нашата човечка крв, која секогаш е нечиста и се простира само на оние кои се добри кон нас, или на оние на кои сакаме да им покажеме некакво свое покровителство, сметајќи се за големи добротвори и благодетели. А ако тоа светло добро однесување е пропитано со благодатта на Духот, ќе се излачува од нашите лица и гестови и погледи кон секој еден човек кој ќе го сретнеме во нашиот живот. Но ако сретнеме некој кој е пијаница, неверник, разгневен човек во сложните животни услови, или наш подалечен или поблизок роднина кој не нè разбира, од некои причини таква светлина нема на нашите лица.
Светото Писмо ни зборува за тоа, кога Каин се соблазнил од жртвата на Авел, неговото лице опаднало. Паднатото лице, то ест унилото лице, очајното, потемнетото лице кое гледа долу, неговиот вектор е насочен кон адот. И за жал, лицата на многу православни христијани остануваат такви паднати, дури и откако биле во храмот. Или брзо стануваат опаднати, откако тие, наводно се осветиле со благодатта на Духот и излегле од храмот, се сретнуваат со некаков проблем. И не покажуваат никаква сила на Духот, па веднаш стануваат извор на раздор, униние, не носејќи ни на ближните, ни себеси од таа светлина, која ја носел во животот Свети Стилијан.
И во тоа, драги браќа и сестри, има за нас големо предупредување од Господа. Господ ќе нè праша, со какво лице одевме по оваа земја? Нас, православните христијани кои го имаме Христа, Телото и Крвта Христова, кои никој не ги прима освен нас? После сето тоа, какво право имаме да бидеме очајни и постојано да се сопнуваме од својата гревовност, која секако постои, но во Таинстата на Исповедта и Причеста, зарем нема некој Сесилен и Седржавен во нашето срце, кој може да ја замолкне нашата гревовност, па дури и да го започне нејзиниот исходен, погребен пат, за нашиот живот на крај да стане вистинско сведоштво на силата Христова, на Неговата Љубов, на Неговата сепобедлива Светлина? А не бескрајно да се сопнуваме од тоа што прават другите луѓе, како се однесуваат кон нас, зошто не нè сакаат доволно и други безумни зборови, кои немаат апсолутно никаква врска со светлината Христова. Тоа е гордоста човечка, помрачување, глас на крвта кој некогаш поттикнува на убиства, завист, униние, разочарување, и сè друго од што боледува човештвото. Но откако сме го примиле Христа, особено во Причестувањето, од нас милион пати повеќе ќе се побара и ќе се праша: зошто такви работи владеат со нас, наспроти таа светлина која ја примаме по бескрајното милосрдие на Христа, и неговиот Небесен Отец и Духот Свет едносуштен и сопрестолен на Отецот и Синот.
Затоа, пак и пак, обраќајќи се на темата за светоста, да не си замислуваме лажна светост која луѓето ја градат во своите глави, некаква минлива светост која самите ја определуваме каква треба да биде. Да се помолиме на Бога да замолкне нашето човечко јас, нашата крв, која постојано нè поттикнува да докажеме дека не сме полоши од другите, истакнувајќи се себеси и туркајќи ги другите во храмот или надвор од него, која нè тера физички или духовно да се трудиме да ги истиснеме другите луѓе за ние да имаме повеќе простор. Сето тоа е закон на паднатата природа. Тоа не е дури ни Стариот Завет, туку незнабоштво, кое ние го дозволуваме да постои во нашето срце заедно со Христос. Но Христос со тоа нема да постои. Тој ќе помине низ нас, како што вели Свети Симеон Нов Богослов како вода низ водоводна цевка, не наоѓајќи во нас ни трошка смирение, и ние ќе останеме само малку намокрени од благодатта која не нашла во нас место, за да ги наполни нашите души.
Но повеќе од нас ќе се побара ако останеме бесплодни смокви, и ако светлината на нашето лице, на нашата душа (која не е наша секако, туку преку светлината на благодатта Божја ни е подарена нам) не стане лајт мотив и главна цел на нашиот живот. Од нас да излегува добро, светлина која го утврдува животот, позиција љубовна кон сите, снисходителна, не горделива, но полна со љубов и разбирање, која навистина ќе биде проповед на Христа. Таа светлина е чудесен дар на Православието, и како што велел свети Пајсиј Светогорец: современото човештво жеднее да дознае каков е Христос. Но, тоа може да дознае само преку православните луѓе, зашто самото е далечно од непосредниот контакт со Бога. Иако и апелираат дека Бог е во срцето, но тоа е самоизмама. А дали дознале каков е Христос, Христос ќе нè праша нас. Дали сме Го јавиле ние тој свет, светол, животворен Христос, Кого го примаме во Таинствата на другите луѓе или дури на нашите собраќа, кои исто така се причестуваат. Или бесконечно сме биле во заплеткани во страстите, егоизмот, јазичнички борби и подмолни расправии за тоа кој е поголем, погласен, поубав и останати бескрајни, безумни зборови.
Да ни даде Бог, по молитвите на нашите светители, кои многу лошо ги знаеме, исто како што и Христа лошо го знаеме. По молитвите на оние, кои на некаков умствен степен си ги замислуваме какви се, а се сосема поинакви. Тие се многу кротки, смирени. Тие се полни со љубов и трпение, и ние со тоа имаме многу малку. Ние им се обраќаме само кога нешто ни треба, кога сакаме некакви добрини од нив. А за да бидеме слични на нив, и за да стекнеме барем некаква соодветност, не се ни трудиме. Ако некој телефон не е компатибилен со полначот, човек залудно ќе пробува да го наполни. Полначот во тој случај е бескорисен, и батеријата ќе остане празна. Така и ние стоиме, како тој некомпатибилен телефон. Светителот е пред нас, а не можеме да се наполниме. Затоа што сме неспоиви. Затоа што тој е кроток, смирен, полн со љубов, а ние имаме егоизам. И како ќе се приклучиме кон благодатта на тој светител? Никако. Секако, по милоста Божја, тој некако, телефонот малку ќе ни светне, но сериозно божествено полнење нема да добиеме. Ќе се лажеме, ќе си измислуваме некакви оправдувања или ќе ги обвинуваме другите луѓе зошто не успеваме да живееме христијански, но виновни сме само ние. Ние немаме внатрешно, вистинско себенасочување кон Христа, Кој е љубов и неизмерно смирение, Кој им ги изми нозете на учениците, Кој умре за секој од нас грешник, не прашувајќи зошто мора Тој да умира. А ние, бесконечно прашуваме: зошто јас? зошто мене? Зошто токму мене ме отфрлија итн. Ние со Христа сме неспоиви, и затоа Тој ќе помине низ нас како водата низ водоводна цевка. Нема за Него место во нашите души, колку и да се утешуваме и да се лажеме.
И тој образ на светителите, кои достигнале целосен покој во смирениот Христос и ја стекнале полнотата на љубовта Христова во своите срца и истата ја излевале без секаква задна помисла и без секаква скржавост на ближните. Тие не го жалеле дури ни своето осамување, како што отшелникот би можел да рече: „Простете ми, но одам да се молам за вас. Вашите световни задачи се ваши, световни“. Тоа често го слушаме од луѓето кои претендираат на монаштво. А наместо тоа, тој зема да им помогне на тие прости луѓе, па дури ги одгледува и нивните деца, и ја запазува Христовата љубов, наместо да се соблазне од тоа, и ја излева и после смртта на оние кои се обраќаат кон него.
Да ни даде Бог, овој пат, барем во мала мера да стане причасен на нашите сиромашни, мрзеливи и бесчувствителни души кои толку бедно пловат, и толку малку го сместуваат во Себе Христа и неговите светители.
Амин.
Јеромонах Методиј Зинковскиј
Извор: http://www.pppe.mk/2017/sveti-stilijan-svetilnik-hristov-i-pokrovitel-na-detsata/