Перфекционизмот – религија на новиот век?
„Ги прелистував каталозите на IKEA и размислував: Кој сервис (за кафе или чај) ме карактеризира мене како личност?“ (од филмот „Fight Club“ – „Боречки клуб“)
Перфекционизмот (од фр. perfection) е убедување во тоа дека усовршувањето, како сопственото така и усовршувањето на другите луѓе, претставува цел кон која е должен да се стреми човекот. Самиот поим перфекционизам кој произлегол во протестанството кон средината на XIX век, подоцна бил трансформиран во класичниот перфекционизам на И. Кант, Г. Лајбниц, на марксистите и подразбирал, пред сè, внатрешно усовршување на моралните норми, развивање на талентите и дарбите. Суперчовештвото на Ниче е исто така еден вид на перфекционизам.
Во што е тогаш разликата помеѓу учењето Христово, кое се состои во неговите зборови: „Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мат. 5, 48) и класичниот перфекционизам? Во христијанството за добро се смета само она, што се прави исклучиво и во името на Бога, а усовршувањето е себеочистување со Божја помош од сите пороци на нашата природа. „Наскоро ќе видиш дека нема ништо заедничко помеѓу Евангелското добро и доброто на паднатата човечка природа. Доброто на нашата падната природа е помешано со зло, и токму затоа самото тоа се претворило во зло, како што се случува и со вкусната и здрава храна, кога ќе се помеша со отров. Пази се од правење на добри дела на паднатата природа! Правејќи го тоа добро, ќе го предизвикаш своето паѓање, ќе предизвикаш во себе високо мислење и гордост, ќе достигнеш најголема сличност со демоните“ (Свети Игнатиј Брјанчанинов, „Принос кон современото монаштво“). Треба да се признае дека од христијанска гледна точка, било кое правилно и добро дело не е совршено, бидејќи е затруено од нашето лично несовршенство. Сличните недостатоци се надоместуваат преку смирение и себеукорување. Во перфекционизмот, како по правило, целта е зголемување на апстрактните морални норми на поединецот преку силата и ресурсите на паднатото човештво, без било какви дополнителни расудувања.
Современиот перфекционизам се разликува од класичниот. Тој во значителна мера дегенерирал до високите животни стандарди на секојдневниот живот, до размислувања во границите на „сè или ништо“, до непотребна концентрација на неуспесите и непопустливоста. Според мислењето на Гордон Флет, професор по психологија на универзитетот Јорк во Торонто, перфекционизмот е психичко растројство, кое се изразува преку одреден вид на „фаќање за ситници“ и преку обидите да се доведе некое дело до некој одреден идеал, до „совршенство“. Таквите луѓе, како по правило, се неподносливи за околината, немаат пријатели и не ни помислуваат дека се психички болни, а во длабочината на срцето се крајно горделиви и се сметаат себеси за посебни и достојни. Нив ги има во доволен број насекаде, притоа и во сферата на образованието („синдром на одлични ученици“, кои се пројавуваат во трката за повисоки оценки, во стравот од губење на статусот на „паметни“ или, кои не ги оправдале надежите на родителите и учителите, во нивната најсилна желба – да се запишат на престижен факултет) и во манијакалниот туризам, а исто така и во стремежот на бесконечно себеразубавување, било преку фитнес или преку многубројни пластични операции. Во кариерата (тука особено често перфекционистите ги следи невроза и депресија) тоа заболување се појавува во одговорноста која е доведена до апсурд, кога човек искрено смета дека никој освен него не е во состојба правилно да ја исполни дадената работа, со часови се труди најмалата задача да ја доведе до „совршенство“ и на крај излегува дека е неефикасен работник. На Западот јасно изразените перфекционисти работат само под команда и под надзор на тајм менаџери.
Да забележиме дека, откако го изгубило вториот дел од Христовите зборови: „Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мат. 5, 48), со текот на времето, човештвото крајно го примитивизирало првиот дел. Дури и Калвин објавил доктрина за тоа дека, показател на предизбраноста на човекот за спасение е неговиот успех во професионалната работа, од каде се развиле и современите претстави за пазарот, конкуренцијата и личниот успех во западното општество. Погледнете кон што може да доведе погрешната протестантска догматика! И ако подоцна, од една страна, кај философите се слушаат идеи, дури и за зголемување на моралноста, развивање на општочовечките добродетели и таленти, сепак, од друга страна, во современиот перфекционизам постои незапирлив стремеж само кон материјален комфор, телесна убавина и висока позиција во општеството. Оној што ги достигнал овие цели, тој е „совршен“.
Овој животен и егоцентричен перфекционизам, болното себеизразување, религијата на потрошувачкото општество, саркастично и остроумно го исмеал Чак Поланик во книгата „Боречки клуб“, која талентирано ја екранизирал Дејвид Финчер во 1999 година.
Главниот херој во книгата, перфекционист, кој постепено полудува среде урбаното опкружување на белите околувратници – кој осознава дека целиот свој живот го потрошил купувајќи масички за кафе со дизајн на „Njurunda“, меки гарнитури „Haparanda“ дизајнирани од Ерика Пекари, фотелји „Johanneshov“, обвиткани со пругасто платно „Strinne“, хартиени столни фенери „Rislampa/Har“, обвиткани со необелена хартија, кутии за шапки „Hemlig“, ѕидни часовници „Vild“ од оксидиран челик (како би можел да се снајдам без нив? – се прашува себеси херојот на книгата), комплет од покривачи „Mommala“ дизајнирани од Томас Харила и уште безброј други високостандардни глупости. „Не сакам повеќе да сум комплетен, не сакам веќе да сум задоволен, не сакам веќе да сум самото совршенство“ – извикува тој и избира пат на разрушување на сето тоа за да се ослободи од тиранијата на перфекционизмот и култот на модните брендови, за да престане да биде ненаситен „потрошувач“.
Се разбира, конкретниот проблем не се решава со разнесување на сопствениот стан со експлозив, со организирање на боречкиот клуб и на терористичкиот проект „Хаос“. Само догматски исправното, православно обраќање кон Христа нè ослободува од власта на овој свет: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам“ (Мат. 11, 28).
Животот во Црквата, очистувањето на душата од пороци и страсти со благодатта на Светиот Дух, правење добри дела во името на Христа – ете го патот на вистинската слобода на човекот и себеизразување преку љубовта кон Бога. Фактот на огромната популарност досега, како на книгата, така и на филмот (само на еден веб-сајт за млади „Во Контакт“ во групите посветени токму на тој филм има повеќе од 11.000 луѓе), кој стана своевиден манифест, сведочи за важноста на проблемот. Луѓето ја чувствуваат вистината на јазикот на уметноста, острите протести, но за жал, како и Тајлер Дерден, честопати не го гледаат правилното решение, за што вина има и свештенството.
Опасната привлечност на современото општество кон богатствата на овој свет остро ја критикува и неверојатно популарната трилогија „Матрикс“, првиот и најуспешен филм кој се појави на екраните исто така во 1999 година. Интересно совпаѓање и на нумерологијата. Во филмот нашата цивилизација е претставена чудовишно потчинета (луѓе – батерии) и заробена во таа состојба на лажни сетилни наслади од свет што не постои во реалноста.
Перфекционизмот се осудува како бездушен кариеризам и софистициран материјализам и во романот на Лорен Веисбергер „Ѓаволот носи Прада“ – сите наши симпатии бесомнено се на страната на Андреа, која се ослободува од магијата на гламурозниот живот на перфекционистка, претпочитајќи ја својата лична слобода, живот и човечност.
Според моето мислење, современиот перфекционизам не е ништо друго, туку тиранија, религија на XXI век, култ на современото човештво, обединувајќи ги низ целиот свет заедниците, кои се стремат кон „совршенство“, во стотици милиони луѓе. Храмови на култот се бутиците и супермаркетите каде се случува постојаниот „празник на купување“, каде жедните можат да се „причестат“ и да ги заменат потрошените работни часови со седење на модерни масички за кафе и на хартиени фенери кои се распослани насекаде низ плоштадите според законот на психолошко влијание на експертите. Жреци на култот се бренд-менаџерите кои се пробиваат на пазарот со гламурозни називи привлечни за очите. Еден од водечките експерти во конкретната област, Самвел Аветисјан, на прашањето на дописникот на списанието „Експерт“, дали бренд-менаџерот е нешто слично на месија, тој скромно одговорил: „Повеќе од пастир, духовник, колку и да звучи тоа цинично. И денес луѓето во недела, минувајќи покрај црквите, ги посетуваат салоните на IKEA, решавајќи ги всушност, истите тие психотерапевтски проблеми“.
Забележете дека оваа контратрадиција, основана на испревртен и изобличен стремеж на човекот кон духовно совршенство, сама по себе претставува замена на вредностите и, како што ми се чини, изгледа како идеална, сосема необременета средина со било каков морал за живото антихристијанство.
Превод од руски јазик:
Миле Иваноски, апсолвент на Факултетот за руски јазик
Налов на изворникот:
Религия и СМИ
Всеукраинский журнал «Мгарскій колоколъ»
№ 66, июль 2008
Православна светлина бр. 8
Извор: Ортодоксија и ортопраксија