03/06/2008
Родители на Константин му беа царот Констанциј Флор и царицата Елена. Флор имаше уште деца и други жени, но од Елена го имаше само овој Константин. Три големи борби имаше Константин кога се зацари: една против Максенциј, тиранин во Рим, друга против Скитите на Дунав и трета против Византинците.
Пред борбата со Максенциј, кога Константин имаше голема грижа и се сомневаше во својот успех, му се јави сред бел ден блескав крст на небото, сиот закитен со ѕвезди, а на крстот стоеше напишано: „Со ова победувај!“ Восхитен царот нареди да му исковаат голем крст, сличен на тој што му се јави и да го носат пред војската. Со силата на Крстот тој стекна славна победа над бројно надмоќниот непријател. Максенциј се удави во реката Тибар.
Веднаш потоа Константин го издаде прочуениот Едикт, во Милано, 313 година, за престанок на гонењата на христијаните. Откако ги победи Византинците, тој изгради прекрасна престолнина на Босфор, којашто оттогаш се нарече Константинопол. Но пред ова Константин западна во тешка проказна болест (лепра). Жреците и лекарите го советуваа да се бања во крв од заклани деца, но тој тоа го одби. Тогаш му се јавија Светите апостоли Петар и Павле и му рекоа да го побара епископот Силвестер, којшто ќе го излечи од страшната болест. Епископот го поучи во христијанската вера и го крсти и проказата исчезна од телото на царот.
Кога во Црквата настана раздор заради смутливиот еретик Ариј, царот го свика Првиот Вселенски Собор во Никеја, во 325 година. Овде се осуди ереста, а се утврди Православието.
Благочестивата мајка на царот, Света Елена, ревнуваше усрдно за верата Христова. Таа го посети Ерусалим и го пронајде Чесниот Крст Господов и на Голгота ја изгради црквата на Воскресението и уште многу други цркви по Светата Земја. Во својата осумдесетта година оваа света жена се престави кај Господ, во 327 година. А царот Константин ја надживеа мајка му за десет години и се упокои во својата шеесет и петта година, во 337 година, во градот Никомидија. Неговото тело беше погребано во црквата на Светите апостоли во Цариград.
Друго:
Од Верскиот календар на МПЦ- Св. цар Константин и Св. царица Елена (03.06.2010)
Посети: 2441
Подвигот на ЦАР КОНСТАНТИН
Постои древно предание за светиот рамноапостолен цар Константин Велики. Во младоста тој бил паганин, но угледувајки се на својот татко Флор, владетелот на Британија, тајно им пружал заштита на христијаните, Константин се одликувал со храброст, правичност и милосрдие, па и војската и поданиците го сакале.
Неочекувано го снашла несреќа, една од најстрашните неволји која можела да го снајде човекот. Константин се заразил со лепра и неговото тело го покриле гнојни рани и чиреви како телото на едескиот цар Авгар, кого го исцелил апостол Тадеј. Лепрозниот е осуден на постепена смрт. Неговото тело прво го покривале бели дамки кои потоа изумираат и на тие места не се чувствува болка, дури и да се палат со оган, потоа на нивното место се појавуваат гнојни рани. Телото се распаѓа на парчиња како змиска кошулка, од раните тече смрдлива сукрвица, лицето отекува и почнува да личи на лавовска челуст; носот отпаѓа, вилиците гнојат и човекот почнува да личи на маската на смртта. Коските на лицето стануваат оголени, од очите капат солзи, измешани со гној, рацете отекуваат и прстите пропаѓаат еден по друг. Човекот почнува да личи на жив мртовец кој станал од гроб, кога неговото тело напола го изеле црви. Раните на лепрозните испуштаат неподнослива смрдеа. Дури и најблиските се плашат да им се приближат. Лепрозните биле истерувани од куќите тие живееле по шумите и пустините, хранејки се со милосрдието на луѓето, кои храната ја оставале на одредено место брзајки што побрги да се оддалечат од дувлото на лепрозните како од проколнато место. Царот Авгар го прекривал своето лице со црн покров додека зборел со своите поданици; можеби затоа го нарекле Авгар Црни.
Тој бил излекуван со верата во Исус Христос со помош на допирот на Неракотворната икона на Спасителот, а потоа последните рани на лицето на Авгар ги излекувал апостол Тадеј, крштевајки го.
Меѓутоа, Константин бил паганин, и покрај тоа што ги штител христијаните како праведен владетел, малку знаел за Христа. Тој за помош се обраќал на паганските лекари, но болеста била неизлечива и целото лекарско знаење било немоќно да му пружи дури и малку олеснување. Тогаш лекарите му кажале дека постои уште едно, последно средство - купки од детска крв. Константин долго не прифаќал, но болеста напредувала. И во дворецот биле донесени деца - мали дечиња одземени од родителите, за со нивната крв да биде лекувана лепрозноста на идниот цезар. Константин го слушнал нивното плачење и влегол во собата во која биле собрани овие деца. Лекарите го убедувале дека нема друго средство, во спротивно ќе мора да умре со мачна и страшна смрт, а пред, а пред тоа да го носи со години своето тело како мртовец кој се распаѓа и трулее.
Константин стоел во недоумица. Го слушнал плачењето на децата, го гледал стравот во нивните очи, како да претчуствувале заради што ги земале од мајките и ги донеле во дворецот кој требало да стане нивни гроб. И гледај, чувството на сомилост како зрак на небесна светлина го осветлило срцето на паганинот. Тој рекол:
„Подобро е јас да бидам болен и да умрам отколку да бидам излекуван пролевајки ја крвта на овие деца“
и наредил тие да се однесат дома, а на родителите да им се дадат подароци од царката каса. И Господ направил чудо:
раните од лепрата почнале да зараснуваат, а потоа исчезнале без трага. Неизлечивата болест се повлекла пред силата Божја.
Поради милоста кон децата, заради која паганинот бил готов да ја прифати болната смрт, Господ му ја дал најголемата милост. Својата благодат.
Овде се случило првото, сѐ уште тајно, преобраќање на Константин во христијанство. Можеби, да не ја покажал Константин милоста кон овие дечиња, тој не би го познал Христа и историјата на Црквата и светот би била поинаква. Да го послушал советот на паганите, неговата душа би се покорила на вечните чиреви, а тој би излегол пред вечниот суд во облик на лепрозен. Нека размислат за ова оние, што се подготвени заради својата минлива и илузорна благосостојба, да ја пролеат крвта на своите деца и засекогаш да останат лепрозни.